На 11-тиот ден од 11-тиот месец во 11 часот и 11 минути 2021 година се одбележа 103-тата годишнина од примирјето по Првата светска војна во 1918 година, а за која тогаш се верувало дека ќе биде „војната која ќе ги сопре сите (идни) војни“. Во времето на потпишувањето на примирјето светот бил опфатен и со, веројатно најсмртоносната во историјата, пандемијата на „шпанскиот грип“ (инфлуенца) која траела од пролетта 1918 година до летото 1919 година. Се проценува дека пандемијата зафатила околу 500 милиони (27 – 28 проценти) од вкупната тогашна популација на светот од околу 1,8 милијарди лица, а во која, според конзервативните проценки, од 20 до 50 милиони лица, односно 1,11 – 2,77 проценти од светското население, го загубиле својот живот.
103 години подоцна светот повторно се соочува со пандемија, овој пат онаа на КОВИД-19 која, од отпочнувањето во март 2020 година до денот на одбележувањето на годишнината на примирјето по Првата светска војна во 2021 година, резултирала со повеќе од 251 милиони заразени лица низ светот, а од кои над 5 милиони го изгубиле својот живот. Според „Светскиот часовник за популацијата“, во моментов на планетата Земја живеат над 7,9 милијарди лица, а сè уште не е на повидок крајот на пандемијата.
ВОЈНА ПОМЕЃУ ЧОВЕШТВОТО И ПРИРОДАТА
Добрата вест е дека светот не е опфатен со светска војна како пред 103 години, и покрај тоа што Првата светска војна не ги исполни очекувањата да биде војната која ќе го стави крајот на сите војни. Помалку добрата вест е дека човештвото се наоѓа во период на глобални климатски промени коишто ја доведуваат во прашање иднината на човештвото и планетата, барем онакви какви што ги познаваме во изминатиот период. Во зависност од тоа на кој климатски часовник повеќе му верувате, на денот на одбележувањето на 103-тата годишнина на примирјето по Првата светска војна, на човештвото му преостануваат помеѓу 7 години и 8 месеци (Светски климатски часовник) и 10 години и 5 месеци (Климатски часовник – мрежа) додека глобалните емисии на јаглероден диоксид не ја покачат температурата над зацртаните 1,5 степени Целзиусови. Ова се смета за границата до која ќе може да се ограничи подемот на глобалните климатски промени во наредниот период, но дека во голема мерка досегашно претрпените последици од климатските промени ќе преостанат. Оттука може да се види дека оваа декада е клучна за иднината на планетата Земја и на човештвото.
И покрај тоа што не се наоѓаме во период на светска војна, се чини дека сме зафатени со уште пострашна и формално необјавена војна помеѓу човештвото и природата/планетата Земја. Војна во која, поучени од минатите искуства, може однапред да се предвиди исходот. Оттука потребно е да се обидеме преовладувачкиот паразитски однос на однесување со нашата планета да го замениме со симбиотски којшто ќе им помогне и на луѓето и на планетата да живеат во хармонија за придобивка на сите и особено за идните генерации.
КОМПРОМИСНО РЕШЕНИЕ НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА
Во обид да се најде одговор на овој глобален предизвик, претставници од 197 земји се собраа во Глазгов од 31.10.2021 до 12.11.2021 на 26-тата по ред Конференција за глобалните климатски промени на Обединетите нации, организирана од страна на Обединетото Кралство во партнерство со Италија, а во обид да се најде решение како да се намалат емисиите на јаглероден диоксид и покачувањето на температурата да се ограничи на до 1,5 степени Целзиусови. Како што е веќе познато, одговорот на ова прашање не се најде во рамките на определеното време туку во продолжението, кога во сабота на 13.11.2021 претседавачот на Конференција, г-динот Алок Шарма, член на Британскиот парламент, го објави прифаќањето на компромисното решение на Конференцијата според која земјите потписнички ќе се стремат до 2030 година само да го намалат, но не и да го исклучат, користењето на, веројатно најзагадувачкото фосилно гориво, јагленот.
Конференцијата заврши со солзи, искажани во емотивниот момент на претседавачот на Конференцијата кога го прогласуваше донесувањето на компромисната одлука. И покрај последователните обиди да се фокусира на значењето на, каков-таков глобален консензус, донесувањето на компромисната одлука, без сомнение остава впечаток дека донесената одлука не ги исполни очекувањата и дека крајниот исход на определбите да се намали нивото на емисии на јаглероден диоксид и да се ограничи покачувањето на температурата до 1,5 степени Целзиусови до 2030 година, најверојатно остануваат понедостижни определби отколку што се очекуваше пред почетокот на Конференцијата.
Реакциите по Конференцијата се различни помеѓу оние коишто се обидуваат да ги нагласат позитивните страни од одлуката и оние коишто го насетуваат почетокот на крајот на своето постоење. Според Патрициа Еспиноза, извршен секретар на ОН, определбата да се ограничи глобалното затоплување на до 1,5 степени Целзиусови сè уште е актуелна, но ќе биде неопходно емисиите да се намалат за најмалку 45 проценти до 2030-та година. Од друга страна островските земји во голема мерка длабоко се разочарани од исходот со оглед дека промени на температурите над 1,5 степени Целзиусови ќе го означат крајот на некои од овие земји со оглед дека ќе се најдат на дното од водените површини коишто сега ги опкружуваат.
Според Гринпис, определбите да се ограничи покачувањето на температурите на до 1,5 степени Целзиусови едвај опстојуваат, додека климатската активистка Грета Тунберг го оцени исходот од Конференцијата само како „бла, бла, бла“. Од друга страна Комисијата за енергетски транзиции нагласува дека врз основа на определбите пред КОП26 проекциите за емсиите на стакленичките гасови во 2030 година биле 52,4 гигатони. Врз основа на определбите од КОП26 тие ќе се намалат на 41,9 гигатони, но дека за да се ограничи покачувањето на температурите на до 1,5 степени Целзиусови емисиите во 2030 година ќе треба да бидат ограничени на најмногу 26,6 гигатони. Оттука може да се види дека дури и имплементацијата на одлуките од КОП26 во целост да бидат исполнети, постои можност во 2030 година да се најдеме во ситуација во која глобалните емисии на штетни стакленички гасови се 15,3 гигатони поголеми од потребните за да се ограничи зголемувањето на температурите на посакуваното ниво.
При ова не треба да се заборават и последователните ефекти од глобалните климатски промени кои ќе имаат пошироки последици и надвор од најзагрозените земји, како на пример оние поврзани со климатските миграции. Истражување на Климатскиот институт од 2018 година се повикува на предвидувањата на Светската банка според кои до 2050 година се очекува над 140 милиони луѓе ширум светот да го изгубат својот дом како резултат на климатските промени предизвикани од зголемувањето на температурите коишто ќе резултираат во поплави и суши. Дури и со спроведување на амбициозниот Париски договор за ограничување зголемување на температурите до 2 степени Целзиусови се очекува дека бројот на потенцијални климатски мигранти би се намалил на околу 40 милиони лица. Спроведувањето на определбите на КОП26 веројатно ќе може оваа бројка дополнително да ја намали, но и покрај тоа мигрантските кризи со коишто се соочува Европа во текот на изминатите две декади како резултат на состојбите во Блискиот и Средниот Исток веројатно ќе бидат незначителни во споредба со она што може да се случи како последица на климатските миграции во наредниот период.
ВО МАКЕДОНИЈА КОП26 КОНФЕРЕНЦИЈАТА ОСТАНА НА МЕДИУМСКИТЕ МАРГИНИ
Преокупирани од локалните избори и од домашната политичка криза, глобално значајната КОП26 конференција се чини дека остана на медиумските маргини во земјата. Веројатно ова би било поразбирливо доколку Северна Македонија главно не се соочува со вакви проблеми. Но веројатно доволно е да се потсетиме на загадувањето на воздухот во градовите, летните температури и пожари, и на неодамнешните поплави за да разбереме дека тоа баш не е така.
Според Ворлддометер, Северна Македонија во 2016 година со 8.896.732 милиони тони се наоѓала на 108 место од 209 земји во светот според вкупната емисија на јаглероден диоксид, со што учествувала со 0,02 % во вкупната емисија на јаглероден диоксид на светско ниво. Но, при ова не треба да се запостави и фактот дека сме искажале релативно голема емисија по жител од 4,28 тони јаглероден диоксид во 2016 година, која е поголема и од голем број на земји коишто се, на ниво на земја, значително поголеми загадувачи од Северна Макединија, како на пример Индија (1,91 т/ж, како земја 3/209 во светот), Индонезија (2,03 т/ж, 10/209) Бразил (2,25 т/ж, 12/209) или Мексико (3,58 т/ж, 13/209).
Предизвиците со коишто се соочува Република Северна Македонија во голема мерка произлегуваат и од фактот дека само 38 % од вкупно потребната енергија, според податоците на Државниот завод за статистика, се произведуваат во рамките на Република Северна Македонија. Според истиот извор, најголемите три потрошувачи на енергија во земјата се: транспортот (34,8 проценти), домаќинствата (27,2 проценти и индустријата (24,5 проценти), а како дополнителен проблем се јавува и фактот дека само 13,5 проценти од вкупно потрошената енергија во 2020 година во Северна Македонија е од обновливи ресурси. Значи не само што не можеме да произведеме доволно енергија за да ги задоволиме своите потреби, туку и најголемиот дел од енергијата која ја користиме доаѓа од обновливи извори.
Оттука Северна Македонија се соочува со повеќе предизвици, како да ја намали потрошувачката на енергија, како да го зголеми производството на енергија особено она од обновливи извори и со тоа стратешки да ја намали зависноста од увоз на енергија, како да го намали загадувањето и многу други. Гледано од аспект на набљудувач може да се забележи дека има активности во оваа насока, но веројатно не во рамките на предизвиците со коишто се соочуваме или пак со некои не многу разбирливи решенија.
ПОДОБРУВАЊЕ НА ЕНЕРГЕТСКАТА ЕФИКАСНОСТ НА ПОСТОЈНИОТ ГРАДЕЖЕН ФОНД
На пример, еден од најзначајните аспекти сврзани со намалувањето на потрошувачката на енергија е оној кој се однесува на подобрување на енергетската ефикасност на постојниот градежен фонд, особено кога ќе се земе предвид дека најголемиот број на објекти коишто ќе бидат во употреба во 2030 година веќе се изградени. Како резултат на ова потребно е не само новоизградените објекти да бидат енергетски ефикасни туку и е особено потребно да се подобри енергетската ефикасност на постојните објекти. Тешко може да се оценат како соодветни решенијата каде се подобрува енергетската ефикасност само на уличната фасада, додека дворната и кровот се игнорираат. Дополнително, веројатно најоптимално би било подобрувањето на енергетската ефикаснот на постојните објекти да се искомбинира и со подобрување на сеизмичката отпорност на објектите со оглед дека земјата се наоѓа во сеизмички активен регион. При ова не треба да се заборави дека подобрата изолација на објектите налага потреба од подобра вентилација на истите за да се надминат проблемите сврзани не само со квалитетот на воздухот во внатрешноста на објектот туку и оние со кондензацијата и влагата.
Со оглед дека климатските промени налагаат отфрлање на енергетските извори базирани на фосилни горива, веројатно на процесот на гасификација на Северна Македонија може да се гледа исклучиво како некое времено решение, освен доколку инсталациите не се соодветни за транспорт на хидроген, кој се смета како одржливо решение, но постојната технологија на производство бара користење значителни количества на електрична енергија.
Веројатно на промоцијата на биомасата како одржлив енергетски извор може да се гледа како на релативно одржливо решение, но повеќе во рамките на руралните отколку во рамките на урбаните средини. Примената на пелети или огревно дрво може да се смета и како контроверзна, особено во зоните на зголемено загадување на воздухот со оглед на тоа што се смета дека при процесот на горење дрвото испушта честички коишто го загадуваат воздухот.
Исходот на КОП26 веројатно само уште повеќе го потенцира предизвикот со којшто се соочува целиот свет доколку сакаме да ја зачуваме планетата Земја како за нашите така и за идните нации и притоа да го подобриме својот живот. Транзицијата од фосилни на обновливи извори на енергија секако нема да биде лесна, но е нешто што се чини неизбежно доколку сакаме сè уште да имаме иднина.