Ми претставува големо задоволство да го претставам Дејвид Чиперфилд (David Chipperfield) и одново да се навратам на неговата „Теоретска практика“ која ја промени мојата позиција кон архитектурата како културна дисциплина и вештина на градењето.
Neues Museum, Берлин, 1997-2009
Наместо поетично да го насловам текстот, би издвоил дел од насловите на објави во реномирани списанија и книги кои даваат воведна нота за делото на Чиперфилд: „Modern Classic“ (The Architects’ Journal, 5.2015), „Simple, Ordinary, Complex“ (David Chipperfield Monograph, 2013), „Common Ground“ (Venice Biennale, 2012), „Form Matters“(Deyan Sudjic and David Chipperfield, 2010)…
Делото на Чиперфилд е исклучително физичко, дело чие доживување е најискрено кога ќе се види, допре, кога ќе се зачекори низ него или кога ќе се види светлината како лизга по грижливо наредените тули или блокови префабрикуван бетон со специфична гранулација.
Neues Museum, Берлин, 1997-2009
Во неговото дело вредноста е во квалитетот, трајноста – како материјал, но и како форма и идеја, и пред сѐ во неговата суптилна присутност во градскиот (или рурален) пејзаж, во приказната кон која се надоградува, и која низ архитектонски елементи ја подраскажува, најчесто оставена на лична интерпретација на прецизните детали.
Овие доживувања се резултат на деликатна и посветена работа, на Дејвид Чиперфилд и неговиот тим архитекти кои заедно го откриваат патот кон добар архитектонски објект низ интензивна соработка со клиентите и многубројните страни вклучени во создавањето архитектурата – како процес. Преку неколку одредници, накусо ќе го поминеме процесот на созревање, и создавање на Дејвид Чиперфилд како глобален архитектонски и културен бренд.
Toyota Auto Building, Кјото, 1989-90
1985-2009
По студиите на Architectural Association, „експериментална школа“ за архитектура во Лондон, и искуството работејќи во фирмите на Ричард Роџерс (Richard Rogers) и Норман Фостер (Norman Foster), во 1985 година Дејвид Чиперфилд го отвора своето архитектонско студио во Лондон. Во првите неколку години Чиперфилд работи објекти од помал размер.
Преку проектите за бутици на Исај Мијаки (Issey Miyake) и неколку семејни куќи, во ерата на експериментирање со новите технологии за градење, Чиперфилд се навраќа на вештината на работа и експериментирање со основните градежни материјали и едноставни форми со значително влијание од Мис ван дер Рое (Mies van der Rohe) и Адолф Лос (Adolf loos).
Кон крајот на деведесеттите, следејќи го градежниот бум во Јапонија, Дејвид го преместува својот фокус – и размер на работа, кон истокот. Од 1988 до 1992 создава неколку објекти од општествен карактер во Јапонија (Gotoh Museum во Чиба, Toyota Auto Building во Кјото, Matsumoto Headquarters Building во Окајама).
Во контекстот на градови во непрекинат раст и нејасен урбан пејзаж, јапонските објекти на Чиперфилд воведуваат возбудлив внатрешен пејзаж, изграден од композиции од плочи и столбови, излиени во in-situ бетон, со што се надоврзува на естетиката на Тадао Андо (Tadao Ando) и резонанци од европското движење Де Стил (De Stijl).
River and Rowing Museum, Хенли на Темза, 1989-1997
Во почетокот на деведесеттите години на минатиот век, Чиперфилд се враќа во Европа. Добива можност да го изгради својот прв објект од општествен карактер во Велика Британија, The River and Rowing Museum во Хенли на Темза, местото каде се одржува традиционалната трка помеѓу кајак тимовите на престижните Оксфорд и Кембриџ.
Во традиционалниот англиски контекст, Чиперфилд претставува модерен, воздржан објект кој со својот волумен и материјализација поставува суптилен дијалог со традицијата.
Сложениот контекст на европскиот град, помеѓу традицијата, континуитетот и развојот е терен за следните архитектонски истражувања на Чиперфилд.
„Традицијата како акт на колективна свесност за вредноста, значењето на заедничка одлука, е закон почитуван од сите, закон од колективна вредност, свесно прифатен и свесно почитуван. Почит кон традицијата значи прифаќање на авторитетот на заедницата, јавното мислење, контролата на народот… Традицијата е дисциплина…“, ќе напишат Фулвио Ираче и Грациела Чиага во нивното дело „Written on the Walls“ за „Common Ground – Critical reader“, темата на Венециско биенале 2012.
Следат архитектонски конкурси и реализирани објекти. Проектите за ревитализација на историскиот центар на Салерно, проширување на гробиштата San Michele во Венеција, центарот за култура во Милано, конкурсниот проект за Колумба музејот во Келн… , се чини се успешни етиди пред големиот Neues Museum во Берлин.
Neues Museum, Берлин, 1997-2009
Neues Museum
Neues Museum е дел од островот на музеите во Берлин. Изграден во 1859 година од архитектот Friedrich August Stuler, а по наредба на прускиот крал Friedrich Wilhelm IV, да го заокружи целосното доживување на уметноста сред реката Шпре. Во текот на Втората светска војна Neues Museum е значително разрушен и оштетен. Голем дел од музејот е незаштитен и оставен во руина. Неколку обиди за негова заштита се направени, но сложената политичка состојба, и поставеноста на приоритетите, не оставаат простор за целосна обнова.
Во 1997 година, организиран е повикан конкурс за ревитализација за Neues Musem. Учесници се Дејвид Чиперфилд и Френк О. Гери (Frank O. Gehry), две архитектонски студија со целосно спротивен пристап кон проектната задача. Додека Гери е извонреден, онаму каде има простор да се изрази – над постојното, Чиперфилд понудува проект кој низ долг дијалог со рушевините ќе се вгради во проектот, ќе ги препознае и реинтерпретира архитектонските вредности на објектот.
Во наредните дванаесет години, сѐ до 2009 година, Neues Museum станува лабораторија за создавање на нова архитектура. Секој санитметар од објектот е детално промислен, концептуализиран во приказната за реставрација која Чиперфилд успешно ја води заедно со соработникот Јулијан Харап (Julian Harrap). Приказна која од соба во соба нѐ воведува во различни архитектонски атмосфери, тактилни и визуелни, а кулминира во репрезентативниот, минимален – но раскошен, скалишен простор.
Neues Museum, Берлин, 1997-2009
Архитектонското студио Дејвид Чиперфилд ја отвора својата единица во Берлин, својот нов дом. Организирани се многубројни работилници, семинари, стручни и уште повеќе јавни дискусии. Имајќи ја на ум деликатноста на објектот, секоја одлука е донесена со согласност од сите страни вклучени во процесот. Christoph Felger, дизајн директор во студиото на Чиперфилд, ќе каже дека најголемиот успех на овој проект е создавањето на работна атмосфера во која сите страни имаат иста цел, квалитетен објект.
Архитектонски процес кој е замислен и менаџиран во тој дух, завршува во планираниот временски рок и под предвидениот буџет. Neues Museum е добитник на Европската награда за архитектура – Mies van der Rohe во 2011 година, награден е од Германското здужение на архитекти, добитник е на наградата RIBA, додека Дејвид Чиперфилд е добитник на Витешка титула во Велика Британија, Медал за заслуги во Федерална Република Германија и награда Praemium Imperiale од Јапонската академија за наука и уметност.
James Simon Galery, Берлин, 2007-2017
Common Ground
По големиот успех кој го доживува Neues Museum, Дејвид Чиперфилд станува глобален бренд за архитектура. Неговите интервјуа и ставови стануваат сѐпореферентни, неговите скици се чуваат и врамуваат.
Во 2012 година Дејвид Чиперфилд е поставен за куратор на Венециското биенале, најголемиот собир, и судир на архитектонски идеи и практики. Тој ја поставува темата „Common Ground“. Обраќајќи се на интернационалната архитектонска заедница, вели: „Приоритетите што доминираат во нашево време се фокусираат на индивидуалното, на привилегијата, на спектакуларното и специјалното.
Овие приоритети како да го игнорираат нормалното, обичното, заедничкото (common)(…) „Common Ground“ – „Заедничка основа“ се повикува не само на сликата на заедничките простори и заедницата (community), туку и на основата богата со историја, јазик, визуелни слики и искуства, онаа што вклучува слоеви од искажан и потиснат материјал кој ги формира нашите спомени и ги обликува нашите осудувања… “.
Joachimstrasse, кантина, дом на Дејвид Чиперфилд и архитектонско студио, Берлин
Joachimstrasse
Денес, по Neues Museum, Венециското биенале и низа изведени проекти низ целиот свет, „Дејвид Чиперфилд Архитекти“ е архитектонско студио со седишта во Лондон, Берлин, Милано и Шангај.
Дејвид Чиперфилд живее на релација Лондон – Берлин, со исклучок на три летни месеци кога заедно со архитектонските проекти се сели во семејната летна куќа во Корубедо, Шпанија.
Joachimstrasse, кантина, дом на Дејвид Чиперфилд и архитектонско студио, Берлин
Joachimstrasse е улицата на неговата куќа во Берлин. Тоа е и адресата на архитектонското студио. Би рекле дека Чиперфилд има контрола на своето „семејство“ архитекти, но уште повеќе – преку отворениот внатрешен двор и кантина достапна за сите, новиот комплекс на „Дејвид Чиперфилд Архитекти“ во Берлин е манифестација на неговата теза за „Common ground“: место кадешто градот, граѓаните, инвеститорите и архитектите седат, разговараат, ги поставуваат и решаваат заедничките предизвици.
Мастерплан за Museum Insel со ново влезно крило – James Simon галерија во Берлин, реставрација на ремек-делото на Mies van der Rohe – Neuenationalgalerie во Берлин, Центар за Нобелова награда во Стокхолм, ново седиште на Amorepacific – една од најголемите козметички компании во Сеул… се само дел од тековните проекти кои грижливо ги развива ова архитектонско студио.
Огромен број макети се насобрани во работните простории. Од стиропор, картон, дрво… од концептуални кубуси расфрлани по масите – до детали изградени во вистинска големина. Сѐ во функција да се прикаже, да се провери, да се промисли и дискутира секоја одлука.
Посветеноста, искреноста и љубовта кон сопствената професија, на сите вклучени во процесот на создавање архитектура – во контекст кој овозможува нејзино некорумпирано остварување, резултира со објекти во чие присуство можеме да уживаме.
За крај и заокружување на кажаното, извадок од воведното излагање на Дејвид Чиперфилд за неговата монографија издадена во 2013 година. Текст во кој архитектот нѐ потсетува на неговото стојалиште за архитектурата и архитектот во денешниот, комплексен контекст: „Не е едноставно да се дефинираат одговорностите на архитектот. Како архитекти, секој од нас мора да го пронајде сопствениот пат.
Строго дефинираната улога може, едноставно, и со причина, да биде тргната настрана, надмината, дури и прифаќајќи ги често нереалните економски притисоци од практиката. Од друга страна, очекувањата од општеството, но и од нас самите, се големи и не е едноставно да се задоволат.
За нештата да бидат уште посложени, чинот на создавање архитектура е чин на комплексна соработка и „режирана“ креативност. Не е изолирана активност, туку практика која мора да вклучи не само различни учесници, туку и нивните локации и конечно, и најбитно – да се справи со често нејасно изразените очекувања од општеството.
Ние мора да веруваме дека архитектурата е значајна. Без разлика на притисоците, површни и нетрпеливи, како одлика на вредностите на нашето време, ние мора да изградиме врска со комерцијалните и административни власти. Врска толку неопходна во создавањето услови за нашата работа да биде возможна, а сепак често тргната настрана од условите што ги сметаме неопходни за создавање добра архитектура. Нашата постојана вина е во тоа што очекуваме премногу, а и во тоа што очекуваме премалку од архитектурата.
The Hepworth Wakefield, Западен Јоркшир, 2003-2011
Да се даде вредност и значење на процесот на градење и развој е целта на архитектот, но вредностите што отсекогаш се поврзувани со архитектурата повеќе не можат да бидат дојстојно остварени преку процесот на изградба. Вредностите, квалитетите како сооднос-размер, трајност-постојаност и стремеж кон колективното, никогаш не биле толку спротивни, колку во социјалната атмосфера во која ние денеска работиме.
Amorepacific Headquarters, Сеул, 2010-2017
Потрагата по иновативност не смее да го оправда отфрлањето на физичкиот или историски контекст. Слободата и креативните можности не смеат да бидат само изразени – мора да им се даде значење, оправданост – преку нашата професија. Во спротивно, ние сме во опасност да се вовлечеме во арбитрарна и изолирачка архитектура која ќе нѐ одвои од нас и нашата перцепција за себе…“.
Turner Contemporary, Margate, 2006-2011
Valentino store, Њујорк, 2014
Центар за Нобелови награди, Стокхолм, 2013-2018
Valentino store, Њујорк, 2014
Neues Museum, Берлин, 1997-2009
Пишува: Гордан Витевски, дипл.инж.арх