Во Скопје и Македонија после ослободувањето, започнува организирано и урбанистичко делување во градските и приградските средини. Особено по скопскиот земјотрес од 1963 година се издигнаа многу станбени населби, во кои колективните вредности беа на прво место. Плански се градеа комплекси со дефинирана композиција, естетика и однос помеѓу објектите (проветрување, осончување, погледи), предвидени јавни површини и зеленило, подземни и надземни паркинзи, слободни проодни тераси и простор за рекреација.
На последниот кат беа сместени заедничките простории за перење, сушење, куќен совет, подготовка на зимница, одложување и сл. Во периодот по распадот на Југославија и целосното осамостојување на Република Македонија, системот многу немарно тргна во транзиција кон капиталистичко општество, каде приватната сопственост стана примарна.
За жал тоа значеше и полесна поткупливост на локалните власти, во знак на бизнисот и развојот на индивидуалното богатење на штета на социјалните вредности. Истото се случи со урбанистичките планови, кои станаа манипулативен фактор во планирањето на градот. Лесно се заменија парковите и јавните површини со градежни парцели.
Градот Скопје и општините во 90-тите изгубија волја да го следат патот на постземјотресната обнова и насоките која таа ги даде. Се променија деталните урбанистички планови, се дозволи експанзија на изградба и одеднаш во организираните градски средини се појавија „тумори“ насекаде.
Се дозволи изградба на нови катови, архитектонски несоодветни кровови врз објекти со рамна и проодна тераса, потоа преградување балкони и нивно претворање во соби и летни кујни, менување боја на фасада, различни прозорци и материјали со кои се направи естетски и функционален хаос. Повеќето од нив на почетокот беа и со сомнителна статичка и сеизмичка сигурност.
Така почна да се распаѓа градската слика и градот почна да станува „село“. Доградби и надградби никнаа насекаде, со амин на општинските власти, додека објектите повеќе немаа заедничка слика, ниту нудеа еднакви услови за живеење. Индивидуалното го надмина колективното.
Развојот на „демократијата“ многу повеќе луѓето ја разбраа како „анархизам“ каде секоја лична желба е над секоја друга бидејќи сè ти е дозволено. Вината може да се адресира на страна на властите, но не е така едноставно бидејќи жителите станаа соучесници во злоделото. Општината дозволува, граѓаните ја злоупотребуваат можноста, а потоа секој секому вперува прст и така во кругот сите подеднакво генерираме хаос. Наместо да делуваме по законите (кои и онака се конфузни) ние трагаме по нивната порозност како би ги изиграле на легален начин.
Најпогодени населби во главниот град се 11 Октомври – згради, Чаир, Пролет, Мичурин, Автокоманда и Карпош кои веќе наликуваат на бразилските фавели. За разлика од оригиналните фавели, каде бездомните и сиромашни сталежи самостојно се обидуваат да се снајдат и да подигнат дом во предградието, ние добивме обратен процес.
Од уредено и организирано живеење на некогаш средната класа, постепено преминавме во деградирано живеење.
Големиот проблем во целиот процес започна со третирањето на станбените единици како индивидуално домување. Се изгуби перцепцијата дека становите се обединети во еден колективен објект и за истите сликата е една и заедничка. Секој сопственик, може да поднесе одобрение за реконструкција и доградба на живеалиштето, без притоа да внимава на оригиналниот изглед на објектот, распоредот на прозорците, бојата на фасадата, материјализацијата итн. Купувањето стан претставува личен избор.
Во случај да не ви се допадне распоредот, сметате дека станот е премал и несоодветен, не ви се допаѓа бојата, тогаш тој стан не го ни купувате. Тоа не е куќа ниту е место каде можеме да интегрираме неограничена индивидуалност во надворешната слика, бидејќи е несоодветно. Таа фасада е одлика за сите во објектот. Тука доаѓаат до прашање и градските манири, кои недостасуваат кај повеќето жители.
Вистинскиот корен на деградирањето на просторот е начинот на кој се полнат буџетите во општините. Тие доминантно собираат средства од комуналии, што значи константно треба да се стимулираат новоградбите, доградбите и надградбите. Со помал дел учествуваат средствата од нискиот данок на имот и процент од општото даночење на трговијата. Кога говориме за Скопје, дополнителен проблем е паралелното функционирање на Градот и општините во него. Но, што ќе се случи кога сè ќе биде изградено, кога нема да остане парк, ниту балкон да се соѕида? – е прашање со естетика на колабиран град од некој апокалиптичен холивудски филм. Покрај буџетот на општините, проблемот се развива и со немањето интерес да се набљудува контекстот на просторот во микро и макро погледот на градот. На локалните власти не им е забрането да се грижат за општата слика, но за истото треба посериозен менаџмент за кој очигледно не постои капацитет.
Законските рамки мораат да опфатат дефиниција за колективен станбен објект, во кој крајниот изглед не е возможно да се редефинира со доградба и надградба според индивидуални желби и интерес на жители – поединци. Во деловите на градот каде објектите се повторуваат и создаваат композитна целина не би смеело да се интервенира на еден објект ниту поединечно. Тоа значи во случај на потреба за подобри услови или пак проширување на објектите мора да се делува организирано, преку јавен конкурс за истото за целиот потег, блок, населба. Развојот на градот и подобрувањето на условите за живеење е добар наслов за секоја интервенција, но праксата не смее да излезе од урбанистичките и архитектонските стандарди за живеење. Тие се базирани на човековите потреби и мораат да ја делат заедничката слика.
Со цел да ја претставиме сликата на градот (говорам во име на тимот на МАРХ/Македонска архитектура) во склоп на БИМАС 2016, под наслов „Скопје- Невидлив урбанизам“ презентиравме еден процес на деградиран станбен објект и фазите помеѓу. Покрај мапирањето на „фавелизацијата“ на Скопје, ја реконструиравме оригиналната слика на објектот преку остатоците од оригиналните сегменти на истотипските згради, движејќи се од последната интервенција наназад кон оригиналот. На изложбата можеа да се детектираат сите промени, кои освен фасадни се суштински во целосната организациска и функционална внатрешност. Разговарајќи со локалните жители, констатиравме општо незадоволство за изгледот на населбата, но никој не помисли на сопствениот удел во истото, бидејќи е легално дозволено од општината.
За да се најде решението за овој проблем најпрвин треба да се воведе целосна забрана за индивидуални интервенции врз колективните објекти, а потоа и да се размисли што со „израстоците“ создавани повеќе од 25 години. Архитектурата секогаш е инспиративна и од несекојдневните примери умее да создаде нови решенија и развојни концепти. Светот веќе размислува за мобилната архитектура и нејзината променливост или адаптивност, но единствено преку професијата и организираноста на процесот.
Дискусијата мора да се води помеѓу архитектите, локалните власти и Министерството за транспорт и врски, но да не заборавиме, архитектурата ја создаваме за жителите на овој град. Доколку тие се вклучени на соодветен начин во процесот, преку јавните презентации на проектите и притоа им посветиме доволно внимание како фела, успехот би бил заеднички. Време е да согледаме што сме му сториле на градот и да го реобмислиме следниот чекор јавно и транспарентно.
Автор: Филип КОНЕСКИ, дипл.инж.арх.
(Авторот е основач и уредник на www.marh.mk)