Насловна / Архитектура / Дефинитивно ГТЦ ќе добие „барокна“ фасада

Дефинитивно ГТЦ ќе добие „барокна“ фасада

Владата донесе одлука Градскиот трговски центар (ГТЦ) да добие т.н. „барокна“ фасада, информира телевизија „Телма“.

Одлуката за продолжување на изградбата на проектот „Скопје 2014“, во чиишто рамки е и измената на ликот на ГТЦ, е објавена во „Службен весник“.gtc1

Општина Центар лани во април распиша референдум за изгледот на Градски трговски центар, но тој не успеа, бидејќи околу 40 отсто од 43.560 запишани гласачи го искористија своето право на глас, што беше за 10 отсто помалку од неопходниот цензус за успешност на референдумот.

Тогаш градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, истакна дека повеќе од 95 проценти од оние што излегле на референдумот гласале за зачувување на автентичноста на ГТЦ.gtc-barok31

По неуспешниот референдум, активистите од иницијативата „Го сакам ГТЦ“ побараа прогласување на ГТЦ за културно наследство, во насока на зачувување на автентичниот изглед.

Граѓаните организираа и протести под слоганот „Големо гушкање за ГТЦ“.

Градскиот трговски центар е објект од големо значење за скопјани.

ГТЦ има значење на ниво на целата држава како еден од најубавите претставници на модерната архитектура, и како симбол на најдобриот и најсовремен трговски центар во градот.

ГТЦ е изграден во 1973 година според проектот на Живко Поповски (еден од нашите најпознати архитекти и првите професори на Архитектонскиот факултет) и група архитекти, а кој беше избран на меѓународниот конкурс во 1969 со 23 пристигнати конкурсни трудови. Архитектот Живко Поповски е добитник на „Борбина плакета“ и на националната награда „11 Октомври“, за проектот за Градскиот трговски центар.

Проектантите во своето решение се надоврзуваат на оската исток- запад од планот на јапонскиот архитект Кензо Танге, почитувајќи го локалниот контекст од постојните пет кули на Серафимовски, хотелот Холидеј Ин, Стопанска банка и притоа создаваат нова локална вредност.GTC

70% од површината на ГТЦ е отворен, „јавен“ простор кој го поврзува паркот „Жена-борец“ и кејот на реката Вардар, плоштадот „Македонија“ и источниот дел од градот, овозможувајќи проточност на луѓето и слобода на движење. Архитектурата на ГТЦ е неговата најголема вредност.

 

Испрати коментар

Scroll To Top