Сто деца, на возраст од 8 месеци до 3 години, по цели 60 години, ќе престојуваат во новиот реконструиран, современ и еколошки објект во најстарата градинка „13-ти Ноември“.
Општина Центар ја заврши втората фаза од обновата на градинката и од стариот објект останаа само ѕидовите.
Градинката сега има нова водоводна, електрична и топлотна инсталација, нови плочки и паркет. На површина од 880 м2 се простираат модерни занимални, тријаж, нови санитарии, кујна и лифт за достава на храната.
Децата не го криеја своето задоволство од светот во пастелни бои и на свој детски начин ја искажаа благодарноста до градоначалникот Андреј Жерновски и до општината.
„Сите градинки во општина Центар заслужуваат и треба да добијат нови и современи услови за престој, направени по сите европски еколошки стандарди“, вети градоначалникот Жерновски.