Даут пашин амам се наоѓа во центарот на Скопје, во близина на црквата „Св. Димитрија“, Камениот мост и Старата скопска чаршија, просторот кој што претставува историско јадро на градот. Амамот е од типот на двојни амами (машки и женски) и претставува пример на монументалната исламска профана архитектура од средината на 15 век.
Изграден е во периодот од 1489 до 1497 година, како завештание на тогашниот везир на Румелија Даут-паша, висок службеник во тогашната Османлиска империја, но имињата на неговите архитекти сè уште се непознати.
Во изградбата на објектот со површина околу 900 квадратни метри, со 13 куполи, од кои две доминираат учествувале познати ѕидари од Дебар.
Архитектурата на Даут пашин амам е монументална. Ѕидовите на објектот се масивни и содржат мали отвори со лачно засведени полиња, во кои се сместени прозорците и вратите. Влезните врати се наоѓаат на ѕидови кои се изведени со профилирани плочи. На западната страна од фасадата на Даут-пашин амам се наоѓа отвор, кој е врамен во профилирана мермерна рамка во која се наоѓала плоча со натпис. Тринасте куполи се со различна големина. Од нив се издвојуваат двете најголеми на западната страна, додека останатите 11 се несиметрично распоредени над другиот дел од амамот.
Во објектот се наоѓаат 15 простории, кои се осветлени со помош на ѕвездестите отвори на куполите затворени со стакло. Од внатрешната страна ѕидовите биле украсени со живописна исламска орнаментика. Бидејќи претставувал двоен (чифте) амам, имал два посебни влеза, еден за мажи и еден за жени. Во склад со исламските канони вака поделените влезови не се наоѓале на иста страна. Според сознанијата, Даут-пашини амам никогаш не бил пуштен во употреба како амам, за што постојат две легенди.
Амамот извесно време работел, но за загревање на пространите и високи простории се трошеле големи количества дрва. За потребите на амамот во тој период биле исечени речиси сите шуми во околината на градот.
Од друга страна, според една легенда, амамот воопшто не проработел, бидејќи при завршувањето на работите змија ја каснала саканата ќерка на Даут Паша. Тој пак сметал дека е тоа господова казна бидејќи амамот го подигнал на место на ранохристијанската црква која што ја урнал. Објектот подоцна служел како магацин, а со тек на време бил опкружен и со мали дуќанчиња.
По Втората светска војна, 1948 година, амамот е реставриран и пренаменет во Уметничка галерија, која што подоцна ќе прерасне во Национална галерија на Македонија.
Оштетувања претрпел и од земјотресот во 1963, но набргу бил реновиран и оттогаш повторно работи како уметничка галерија. Нови реконструкции на внатрешноста на галеријата се извршени и во 1982 и 1999 година.
Првата постојана поставка на Галеријата од 1951 година содржела примероци од македонските икони (14-19 век), копии од древни фрески и модели на македонски средновековни цркви, како и уметнички дела на првата генерација современи македонски уметници пред втората светска војна и дела од уметници од поранешна Југославија.
Денешната постојана поставка е оформена во 2001 година, како приказ на развојот на македонската ликовна уметност од 14 до 20 век. Оваа поставка практично претставува единствено место каде што може да се види развојот на ликовната уметност во Македонија, од средновековните икони до најнови дела од крајот на дваесетиот век.
Во Даут пашин амама, Националната галерија организира разновидни ликовни манифестации. Покрај повременото презентирање на одделни делови од збирката, галеријата организира и изложби на кои се прикажуваат дела од домашната и странската ликовна сцена.