Во 2014 година Данска успеала од ветерот да добие дури 39,1% од вкупно произведената електрична енергија, со што си го обезбеди лидерското место во светски рамки. Дека се работи за брзорастечка индустрија потврдува фактот што во 2004 година овој удел бил 18,8%.
Министерот за клима и енергетика на Данска истакнува дека земјата е на пат да ги исполни целите за намалување на емисијата на јаглерод диоксид, како и во однос на уделот на обновливите извори на енергија до 2020 година. Стручњаците се единствено скептични во однос на цената на електричната енергија, како резултат на оваа експанзија на енергијата од ветерот. „Цената на енергијата ќе биде прилично променлива – или многу ниска или многу висока, а системот нестабилен“, коментира Lars Aagaard, од Danish Energy.