Во Данска започнува со реализација еден иновативен проект за конверзија на постоечка термоцентрала на биомаса, со цел зголемување на нејзината енергетска ефикасност. Проектот го спроведува енергетската компанија Ørsted и со него потрошувачката на пелетите како гориво во ТЕ Хернинг, ќе се намали за 20%. Станува збор за термоцентрала – топлана која е пуштена во погон уште во осумдесеттите години на минатиот век и првобитно била наменета за користење на јагленот како енергент. Во 2002 година, објектот е реконструиран и адаптиран за користење на природниот гас како гориво, а подоцна направена е уште една реконструкција со која како енергент е воведена биомасата. Електричната моќност на постројката изнесува 88 MW, а топлинската енергија за греење која може да се испорача во системот во текот на сезоната за греење е 171.000MWh. Со споменатиот проект во процесот ќе се додаде и постројка за кондензација на димните гасови со што ќе се овозможи искористување на дополнителна топлинска енергија, и на тој начин ќе с езголеми вкупната ефикасност на централата. Се очекува проектот да биде целосно завршен во 2019 година.