Големиот мост Данјанг-Куншан е вијадукт на брзата железница Пекинг-Шангај. Со должина од 164,8 километри е најдолгиот мост во светот и се смета за едно од инженерските чуда на денешницата. Поврзувајќи ги популарните метрополи во Кина, имено Шангај и Нанкинг овој мост се смета за крвоток на нацијата. Пуштен е во сообраќај на 30. јуни 2011 година и е влезен во Гинисовата книга на рекорди. Данјанг – Куншан се протега долж познатата кинеска река Јангцејанг, речиси паралелно со неа, околу 8 до 80 километри на јужната страна од реката. Овој мост допира многу населени области, како што се Данјанг, Чангџоу, Вукси, Суџоу, Куншан и др.
Големиот мост Данјанг Куншан е дел од железницата Jinghu, долга 1317 километри, исто така позната и како Beijing-Shanghai High Speed Railway. Работната брзина на оваа пруга е 250-300 километри на час со максимална брзина од 380 километри на час. Железничкиот воз патува од Пекинг на југ до Шангај и поминува растојание од 1304 километри. На патот на возот од Пекинг до Шангај, има 22 станици во различни градови.
Данианг-Куншан е единствен по тоа што поминува низ повеќе различни терени, неговата просечна висна над терен изнесува 31 метар. Се протега паралелно со реката Јангце, целиот мост е во долината на реката. Неговиот распон вклучува реки, канали, клисури, потоци, рамнинци, ридови, езера и оризови полиња. Најдолгиот дел што преминува преку вода е девет километри преку езерото Јангченг. Овој дел е изграден врз 2000 столбови, челични кабли и импресивни 450.000 тони челична конструкција. Изграден е да може да издржи не само природни катастрофи како тајфуни и земјотреси со јачина од девет степени, туку и директни удари од поморски бродови кои тежат до 300.000 тони.
Во изградбата на мостот која траела четири години и чинела 8.5 милијарди долари учествувале 10 илјади работници.
Кинеската корпорацијата за патишта и мостови, подружница на компанијата China Communications Construction e проектант и изведувач на мостот. Оваа компанија управува со големи градежни проекти во Кина како што се автопати, железници, мостови, пристаништа и тунели.