Доделени првите награди на дизајнерите за време на Неделата на дизајн во Скопје, во три категории, најдобар студентски производ/прототип, најдобар млад бренд во подем и награда за најдобра презентација на компанија.
Награда за најдобар студентски дизајн – дизајн на прототип доби Данијела Савиќ – студент на Факултет за арт и дизајн, Европски универзитет, награда за најдобар млад бренд – бренд во подем „Форми“, награда за најдобра презентација на компанија учесник на Skopje Design Week, „Securicom“.
Четиричленото жири составено од Зоран Једрејчиќ, Александар Велиновски, Нина Бачун и Маја Колар, што ги изгласа добитниците на наградите за дизајн за 2016 година, порачуваат дека македонскиот дизајн со сигурност се движи во нагорна линија и дека фестивалот Skopje Design Week ја исполнува својата задача на артикулатор и стимулатор на дизајн-сцената во земјата и регионот.
„Наградите се официјално признание за вложениот труд, енергија и голема мудрост во своите производи и презентации. Компаниите и поединците што се наградени оваа година, се вистински пример за деловниот и дизајн-секторот, за тоа што е дизајн и како тој се презентира пред пошироката јавност“, изјави Зоран Једрејчиќ.
Шестото издание на Неделата на дизајн во Скопје со доделувањето на наградите е официјално затворено. Ќе биде запаметено по досега најдобрите презентации, најсилната изложба на Земја во фокус (оваа година Австрија), добро таргетирани предавања, работилници за професионалци, и незаборавната музичка програма. Пораката на организаторите е дека до следното издание, кое ќе се одржи од 21 до 25 ноември 2017 година, ќе следат организирани презентации на македонскиот дизајн во седум европски метрополи, серија работилници за дизајн на производ и дизајн на храна и ред изложби на млади дизајнери и компании.