Насловна / Архитектура / Дали за објектите со примена на енергетско ефикасни мерки, треба да бидат исклучени архитектите?

Дали за објектите со примена на енергетско ефикасни мерки, треба да бидат исклучени архитектите?

Архитектурата е уметност и наука, градителство, личен печат на нациите, обележје и развој на светско ниво. Сите овие поими се содржани во една област која вклучува мултидисциплинарни професии за да биде изведена во една комплетна целина – систем.

Етимолошкото значење на зборот архитект е главен мајстор. Водич на сите останати струкови дејности – фази. Оттука развојот на оваа дејност придонесува и за развој на останатите фази: градежништво, машински инсталации, електроинсталации…

Понатаму, развојот на архитектурата се забележува и во пасивните објекти, објекти со потрошувачка на енергија блиску до нула итн.

1

Оттука на светско ниво објектите се во тесна врска со интелигентен начин на проектирање со примена на енергетско ефикасни мерки, поставени во Европската директива 2010/31/EU за перформанси на згради.

Во годишниот биланс на енергетски потреби во многу држави, па и кај нас, најголем процент отпаѓа на зградите (39 %), по што следуваат индустрија (33 %), транспорт (24 %), земјоделие (4 %) итн. Во секторот згради од 39 %, станбените згради учествуваат со 31 %, а останатите (комерцијални, институционални и др.) учествуваат со 8 %. (Извор: GEF Project “Energy Performance Standards and Labels in Macedonia” (2005-2006)

0

Според  Правилникот за енергетска контрола (Службен весник на Република Македонија бр. 49/13), потребната енергија за греење се одредува според одредена методологија , каде најстручни се архитектите и градежните инженери. Архитектонскиот дел од објектот ја дефинира потребата од топлинска енергија Qhnd и ја одредува енергетската класа на објектот. Системите за ладење и греење во објектот се менливи исто така и според развојот на технологијата и настаните. Доколку објектот не е прописно изолиран, пресметано според методолошкиот пристап даден во Правилникот за енергетски карактеристики на згради, а се воведуваат системи за греење, ладење и обновливи извори, тогаш немаме реална ситуација и инвеститорот е во заблуда.

3

Во РС Македонија е донесен Закон за енергетска ефикасност и се чека на донесувањето на Правилник за енергетска контрола и на Правилник за енергетски карактеристики на згради, како и  Правилник за енергетска контрола на големите трговци – поим кој наместо да биде назначен како Индустриски објекти и процеси, го користи терминот големи трговци – дефинирани во Правилникот за трговски друштва каде се опфатени неиндустриски објекти – банки и сл. дефинирани по обртот на финансии и бројот на вработени.

Правилникот за трговски друштва во член 7, го појаснува процесот на енергетска контрола во објектите, што доколку е стручно пристапено треба да подразбира дека се меродавни и архитектонската и градежната струка.

Но во член 23, од истиот правилник, од необјасниви причини архитектонската струка е дискриминирана, односно Правилникот предвидува право на полагање стручен испит да имаат градежна, машинска и елекроенергетска струка. Градежната струка е вклучена во процесот, но никако нема предност пред архитектонската струка.

Не сите архитекти се занимаваат со оваа дејност, одредени архитекти се занимаваат и со проектирање, надзор, ревизија, изведба. Но, за жал, во овој случај, нашата професија е девалвирана.

2

Здружението на фирми со лиценца за енергетска контрола (ЗЛЕК), преку УО на Здружението реагираше со писмо до релевантните институции (КОАИ, ААМ, Министерството за економија, Министерството за транспорт и врски):

Имено во член 23 се потенцира дека право за полагање на стручен испит за енергетска контрола на големите трговци имаат струките – градежништво, машинство и електроенергетска струка.

Сметаме дека ова е срамен чин за професијата АРХИТЕКТ, самата архитектура и опасноста од екслузивното право кое си го зема некој инженер или таканаречен експерт, или група, да успее на овој начин да интервенира во Законот за енергетска ефикасност (иако за овој случај е реагирано на ЕНЕР-електронски регистар на прописи на РС Македонија, пред донесување на истиот), и во Правилникот за енергетска контрола на големите трговци.

Во член 7, под точка 3) и точка 7), јасно е потенцирано дека се вршат енергетски контроли на објектите на големите трговци, а не на индустриски процеси. Објектите ги имаат проектирано архитектите. Точка 1 и 7 ги појаснуваат постапките од архитектонско-проектантски аспект, пред сè.

На јавната расправа (во просториите на СКМ, организирана од Министерството за економија) не се огласи експерт кој можеше да објасни зошто е изземена архитектонската струка, додека градежната струка стои како фела која може да полага испит за овој тип на објекти.

Сметаме дека на секој оној инженер кој работел на проектирање, кое е мултидисциплинарна активност, не треба да му се објаснува дека без архитектура нема градежништво, и дека архитектот ги координира сите фази. Градежништвото се занимава со проектирање и изведба на мостови, патишта, тунели и статичка пресметка во високоградба што не му дава предност пред архитектурата во однос на енергетската ефикасност. Нашиот став е, а воедно и законот вели така, дека секој инженер кој има пет години работно искуство во енергетската ефикасност има право да полага стручен испит за енергетски контролор, независно дали е архитект, градежен инженер, машински или електро инженер, како и што впрочем беше праксата во последните осум години.

Архитектурата е девалвирана и предлагаме да се направи соочување со експертите кои го дале овој предлог во Правилникот, а кои не ни се претставени на струката, со цел да се разјасни ова недоразбирање. Останува можноста и да е направен случаен превид. Во тој случај очекуваме да ја додадат и професијата архитект, но неопходно е да реагираме и да бидеме информирани.

Автор: м-р Катерина ПЕТРУШЕВСКА, дипл. инж. арх.

Претседател на ЗЛЕК  

Испрати коментар

Scroll To Top