Насловна / Вести / Дали „Тојота“ сепак беше во право – клиентите не сакаат електрични автомобили

Дали „Тојота“ сепак беше во право – клиентите не сакаат електрични автомобили

„Тојота“ претрпе многу критики во последниве години поради нејзината одлука да не го следи доминантниот тренд на масовно преминување на производство на автомобили на чисто електричнен погон (EV) и да продолжи со инвестирање во хибриди, возила со горивни ќелии и дури развие мотор со внатрешно согорување кој би работел на водород наместо на бензин. Поради ваквата политика „Тојота“ осетно доцни зад другите брендови во производството на исклучиво електрични возила. И покрај ова, јапонската корпорација постигнува светски рекорди во продажба на возила, при што особено хибридите и носат големи профити, а трендовите на пазарот сега, сугерираат дека клиентите значително помалку се определуваат за електрични возила отколку што се очекуваше.

Возила на чисто електричен погон се во мода и сите големи светски производители во изминатите неколку години излегоа во јавноста со нови развојни планови и ветување дека во следните неколку години целосно ќе ги отстранат возилата со мотори со внатрешно согорување од производство и ќе преминат на производство на ЕV.

Меѓутоа, продажбата на електрични возила, по неколку години брз раст, сега губи замав, а во исто време расте интересот на купувачите за хибридни автомобили.

Ова, според познавачите на автомобили и автомобилската индустрија, сугерира дека визијата на „Тојота“, која се спротивстави на трендот на електрификација и во 2023 година продаде дури 3,4 милиони хибриди, била исправна.

Имено, најголемиот јапонски и светски производител на возила „Тојота“ во последниве години беше изложен на критики од еколошки активисти и сопствените акционери поради развојната политика промовирана од нејзиниот поранешен извршен директор и сегашен претседател Акио Тојода, во која акцентот не беше ставен на конструирање автомобили на чисто електричен погон.

Добра илустрација за тоа колку „Тојота“ го занемарила својот развој на електричните автомобили е фактот што моментално има само два електрични модела и дека автомобили од овој тип сочинуваат само 0,2 отсто од возилата што ги продала во 2022 година.

Визијата на Тојода

Имено, во визијата на шеесет и осумгодишниот Тојода, кој првпат ја донесе „Тојота“ на светскиот трон по бројот на произведени и продадени возила за време на неговото дваесетгодишно управување со бизнисот, автомобили со исклучиво електричен погон биле само една од можните насоки на развој.

Него не го загрижувале само техничките проблеми поврзани со нив, како малиот радиус на движење, долгото време на полнење и немањето мрежа на електрични полначи.

Тој бил и (правилно) убеден дека, поради загадувањето на животната средина предизвикано од производството на електрични акумулатори и батерии, возилата со горивни ќелии (кои комбинираат електричен и водороден погон) и автомобилите со мотори што согоруваат водород се, генерално, значително подобро еколошко решение за нашата планета од електричните автомобили.

За производство на батерии, односно акумулатори, потребни се кобалт, литиум и никел, чии рудници се значителни загадувачи, а дополнителен крупен проблем е и фактот што во светот за производство на струја со која се полнат EV во голема мера и понатаму се користат по животната средина лошите јаглен и гас.

Тојода смета и дека, иако испуштаат одредена количина штетни гасови, хибридите, кои имаат класичен бензински мотор, но делумно користат и електричен погон, се повеќе во согласност со желбите на клиентите отколку чисто електричните возила бидејќи имаат поголем радиус на движење и се полнат со електрична енергија многу побрзо. Тој бил на мислење дека технологијата за електрични возила сè уште не е доволно напредна за неговата компанија да влезе во нивно масовно производство.

Исто така, Тојода, како страстен возач и тркач, зборуваше дека моторите со внатрешно согорување кои користат водород како гориво, кои неговата компанија ги развива во последните години со големи надежи за иднината, обезбедуваат поголемо уживање во возењето бидејќи, за разлика од нечујните електричните автомобили, тие го задржуваат грмотењето што го следи забрзувањето.

Поради сето ова, тој тврдеше дека би било мудро „Тојота“ наместо да се фокусира на ЕV, со оглед на тоа дека има пари, паралелно да вложува во неколку различни технологии и насоки на развој.

Неговата проценка била дека во (блиска) иднина чисто електричните возила нема да заземаат повеќе од триесет отсто од пазарот, бидејќи збор ќе имаат хибридите, автомобилите со горивни ќелии и возилата со мотор со внатрешно согорување кои како гориво користат водород или течен амонијак.

Притисок на Тојода

Владите ширум Западот, меѓутоа, донесоа регулативи и програми за субвенционирање и казнување кои го фаворизираат производството и продажбата на електрични автомобили, а Кина, исто така, влезе во концентриран развој на EV, па Tојода почна да трпи се поостри критики.

Нему Западот му забележуваше дека со своето инсистирање на продолжување на производство и развој на хибриди  го занемарува проблемот со глобалното затоплување и климатските промени, односно дека му недостасува свест за еколошките прашања.

Уште повеќе, западните медиуми ја рангираа „Тојота“ како еден од најголемите спротиставувачи на напорите за ублажување на климатските промени, заедно со компаниите специјализирани за експлоатација на нафта, како што се „Ексон мобајл“ или „Шел“.

Прогнозиран е пад на „Тојота“ од светскиот трон на најголем производител и продавач на возила и предвидуван е повеќегодишен период на технолошко каскање зад кинеските, германските и американските фабрики. На овие мрачни проценки постепено им се придружија јапонските инвеститори, економисти и новинари. Неговата компанија објави програма за електрификација за дури 30 свои модели.

Тоа практично значи дека „Тојота“, барем теоретски, попушти под притисокот и се приклучи на долгата низа компании кои во обложувањето за тоа која ќе биде доминантната технологија во иднина, најголемиот облог го ставаат на електричните возила.

Крај на медениот месец на потрошувачите и електричните возила?

Во 2022 година, продажбата на EV во светот скокна за цели 63 отсто, достигнувајќи вкупна вредност од близу 400 милијарди долари. Растот продолжи и во минатата година, кога изнесуваше 50 отсто. Автомобилските компании ширум светот најавија кумулативни инвестиции во EV од дури 616 милијарди долари во петгодишниот период од 2023 до 2027 година.

Меѓутоа сега, многу аналитичари во САД, Велика Британија и на други места на Запад, соочени со податоци кои укажуваат на пад на наклонетоста на потрошувачите за електричните возила и враќање на хибридите, почнуваат да велат дека Тојода сепак можеби бил во право.

Имено, на крајот на летото минатата година, експертите во САД забележаа дека продажбата на електрични возила видно забавува и дека тоа не се однесува само на новите, туку и на користените возила. Во исто време, продажбата на хибриди почна да расте, додека автомобилите на бензин продолжија да се продаваат релативно добро.

Во февруари минатата година, се покажа дека хибридите во САД се продаваат пет пати подобро од EV.

Тамошните дилери на автомобили сега велат дека ќе бидат потребни во просек 75 дена за да се продаде електрично возило, во споредба со 25 дена на почетокот на 2023 година.

Исто така, анкетата спроведено во втората половина од минатата година покажа дека само 31 отсто од американските дилери иднината на својот бизнис ја гледаат во исклучиво електрични возила, а компаниите како „Форд“, „Џенерал моторс“ или корејскиот производител „КИА“одлучиле да го зголеми производството на хибриди. Споменатите американски гиганти поради големите губитоци на електрични возила одлучија да ги одложат понатамошните инвестиции во понатамошната електрификација на нивните модели.

Згора на тоа, поради таквиот развој на ситуацијата, Агенцијата за заштита на животната средина на САД беше принудена да ја промени својата политика, односно да се откаже од амбициозната цел да се постигне ситуација во која две третини (67 отсто) од возилата на американските патишта ќе бидат ЕV до 2032 година. Тој удел е практично преполовен, бидејќи е ревидиран на „најмалку 35 отсто“. Тоа конкретно значи дека американските производители на автомобили ќе можат да продолжат со производство на бензинци и хибридни автомобили во поголема мера без опасност владата парично да ги казни.

Недостатоци на електричните возила

Како причини за забавување на продажбата на електрични возила во втората половина на предминатата и целата мината година во САД, се наведуваат нивните недостатоци, особено високата цена. Растечката инфлација ги испразни џебовите на граѓаните на Запад и тие се помалку можат да си дозволат електрични автомобили, кои чинат во просек од 50-60.000 долари, 10-20.000 повеќе од стандардните хибриди. Во САД значително поскапеа и кредитите за купување автомобил.

Во исто време, поради високите издатоци за енергија и безбедност, владите се помалку сакаат да трошат големи суми пари на субвенционирање купување EV.

Па така, расте популарноста на сигурни и евтини хибриди, кои покрај финансиската пристапност, во споредба со електричните автомобили, имаат и предности како што се поголем радиус на движење, посигурно возење во зимски услови и значително пократко време на полнење на батериите.

Кога станува збор за проблемот со цената, исклучок се кинеските EV, кои обично се околу една петтина поевтини од оние со западно потекло. Тие би можеле да ја одржат популарноста на електричните возила на високо ниво, но ќе се најдат под напад на царини наменети за заштита на домашните производители во ЕУ и САД.

Исто така, иако нејзините автомобили се далеку поскапи од просекот, компанијата „Тесла“ минатата година ги намали цените на своите модели меѓу 13 и 21 отсто со цел дополнително да го зголеми својот удел на глобалниот пазар, со што барем привремено го реши проблемот со релативно високата цена на ЕV во споредба со другите типови возила од истите категории.

Привремено кочење?

Потрошувачите, и покрај огромните улагања на производителите во електрификација и владините регулативи кои поттикнуваат, па дури и диктираат напуштање на бензинците и хибридите, во услови на општ раст на цените и неизвесност, се чини дека ги претпочитаат токму автомобилите што нивните влади им наложуваат дека треба да ги напуштат.

И додека многумина истакнуваат дека поради стравот од глобалното затоплување, во електрификацијата се отиде со глава во ѕид, и дека процесот треба да тече побавно и поодмерено, некои аналитичари сметаат дека вртењето кон хибриди и упорноста на потрошувачите во употребата на бензинците на Запад е само привремен феномен.

Според нив, продажбата на чисто електрични возила повторно ќе скокне кога ќе се усовршат батериите и ќе се прошири мрежата на уреди за нивно напојување, со што ќе се реши проблемот со нивниот помал радиус на движење, кој одбива многу купувачи.

Во блиска иднина, потрошувачите можеби нема ни да имаат премногу избор – се верува дека поради гигантските инвестиции на производителите во електрификацијата, во 2031 година на светскиот пазар ќе има дури 35 милиони електрични возила и само 15 милиони хибриди.

Испрати коментар

Scroll To Top