Насловна / Вести / Дали Скопје треба да има два милиони жители?

Дали Скопје треба да има два милиони жители?

Што ако се исполнат во целост бројките за максимално предвиден број на жители за секој плански опфат на територијата на град Скопје? Колку жители би имало Скопје? Два милиони? Три милиони? Што е со остатокот од Македонија? Каде е тука рамномерниот развој?

Ваквото сценарио, со ваквите прашања, парафразирани во овој текст, му ги поставив на еден професор по еден од предметите од областа на урбанизмот на Архитектонскиот факултет во Скопје, пред некои 6-7 години. И за овој текст сосема е нерелевантно во каква констелација беа поставени тие прашања, како што се нерелевантни и фантастичните одговори на професорот на тие прашања. Иако текстов првично го замислив и почнав како детален опис на конкретната студентска случка со која се врзуваат прашањата, а од кој опис требаше читателите сами да ги извлечат извесните заклучоци; за потоа неколку пати да го променам концептот на текстот, но оставајќи ги воведните, помалку наивни и детски дилеми слободни сами по себе, сметајќи дека поекспресивно ќе бодат во очите на читателот, поекспресивно ќе ѕвонат во ушите.

aerodrom_resize
Студентската наивност, младешката брзоплетост, или лаичките дилеми преточени во такви дискутабилни реторички прашања, можеби говорат посилно од која било студентска случка од вежби по предмет од областа на урбанизмот на кој било факултет за архитектура и урбанизам, говорат посилно од која било светска студија за рамномерен развој, задолжителна литература, академско четиво или интервју на некој еминентен светски урбанист. И да, тука се сепнувам и повторно го менувам концептот на овој текст поставувајќи си ја дилемата за тоа дали постои реална потреба воопшто да вметнам цитат од некој брилијантен ум врзан за рамномерниот развој. Мислам дека не постои. Таквите светски, антологиски цитати или извадоци од публикации со безвременска релевантност, тотално нема смисла да стојат во директен, неакадемски критички текст за нашата ни македонска перверзна регионална нерамномерност која е резултат на желбата за профит на поединци. Исто како што веќе нема смисла ни членот 57 од Уставот на РМ кој говори за тоа дека „Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја“.

aerodrom2_resize
За какво поттикнување се зборува во Уставот? За каква грижа на Републиката? Истата таа грижа со која се дозволи последните 20-тина години да се осакатат 70-80% од градските средини во државата? Истата таа грижа со која изминатите години се формираа мал милион државни совети при разно-разни министерства и институции, мал милион тела и комисии кои се „грижат“ во државата да има рамномерен регионален развој? Истата таа грижа со која се напишаа и донесоа мал милион законски и подзаконски акти со кои треба(ше) да се регулира и спречи сето тоа коешто води кон ваква нерамномерност? Истата таа грижа со која се одделуваа или прераспределуваа јавни пари низ општините со кои така „ревносно“ Републиката го чува рамномерниот регионален развој, а истиот веќе одамна е „мртов збор на хартија“? Или можеби, истата таа грижа со која (според истражувањата на ИРЛ Македонија) само во периодот од 2007 до 2015 се направиле фантастични 104 измени на клучните закони за градење?

cair_resize
Флоскулата „рамномерен развој“ последниве години интензивно ја слушаме од секакви конференции, работилници, семинари, митинзи, работни средби, политички академии, а ја изговараат секаков профил на луѓе – најчесто лаици кои се несвесни што значи тоа точно, несвесни дека флоскулата „рамномерен регионален развој“ е пред сè и над сè сериозна државна политика која треба да се спроведува без пардон, особено во неразвиените држави и во државите во развој. Рамномерниот развој не е, и не треба да биде фино леплива фраза наменета за лицитирање кај широките народни маси со кое популистички ќе се освојуваат гласови на избори, како што не е ниту терминот „лош урбанизам“ и ветувањата на одредени политичари дека така мазно, брзо и едноставно ќе го решеле проблемот со лошиот урбанизам во својот четиригодишен мандат. Небаре лошиот урбанизам се дупките на асфалтот и полураспаднатите фасади на старите згради!

4H5A0150_resize
Ајде повторно да поставуваме прашања. Каква ни е државата во поглед на рамномерниот развој? Што би одговориле Вие? Ви навираат првични мисли од типот на „…сè е во Скопје – население, индустрија, економија, култура…“? Претпоставувате дека тие градови кои пред три-четири децении во училишните клупи по предметот географија ги учевме како „големи“ за македонските стандарди од типот на Битола, Куманово, Прилеп, Тетово, некако живуркаат, а сите останати веќе и не баш? Каде се „средните“ градови? Каде се „малите“ градови во поглед на рамномерниот развој? И тука веројатно застанувате со мислите. Можеби Ви доаѓа потреба барем да побарате на интернет точни статистички податоци за распределбата на бројот на население по градови. Но се потсетувате дека веќе осумнаесет години државата не спровела попис, а сигурно ќе станат и дваесет, ако не и повеќе. Последните официјални бројки од 2002 веќе цела деценија губат од својата релеватност.

n_lisice_resize
Е во ваквата нерелевантност на застарените податоци не само за бројот на населението туку и за многу други (би рекол и поважни) статистички категории кои се содржани во пописот започнуваат проблемите со нерамномерниот развој во државата. Пописот како најважна статистичка операција е една од клучните подлоги врз кои се базира целиот систем на просторни и урбанистички планови во една држава кои се хиерархиско структурирани и поставени по инклузивен вертикален принцип на субординација. Попросто речено, плановите од понизок степен „се содржат“ во плановите од повисок степен и се усогласуваат сукцесивно сè до највисокиот – Просторниот план на една држава. И ако претпоставиме дека тоа кршење (и/или преќутно одобрување на кршењето) на инклузивниот вертикален принцип на субординација, најчесто тргнува од самата парцела (улога играат и Законот за постапување со бесправно изградени објекти) која крши одредени ограничувања дадени со Деталниот урбанистички план – кои пак веќе отстапиле од ограничувањата дадени со планот хиерархиски над него – Генералниот урбанистички план, кои пак ограничувања веќе отстапиле со ограничувањата во Просторниот план на општината – кој отстапил од Просторниот план за регионот – а тој отстапил од Просторниот план на државата – кој пак веќе истекува и губи на релевантност (а за евентуалната припрема и спремање на некој нов нема нови пописни податоци), сме добиле идеални услови за кршење на членот 57 од Уставот. Од површина за градба, преку парцела, до ДУП, преку ГУП, преку ПП за општина, ПП за регион и конечно до ПП на Републиката – тоа се шест или седум степени на можни (и за жал најчесто силно присутни) прекршувања на инклузивниот вертикален принцип на субординација. Дури и во идеална смисла, да претпоставиме дека не било сè така црно, и да постоеле отстапувања само кај една алка од синџирот на просторни и урбанистички планови, сметам дека и со нив во одредена мера се нарушил императивот за рамномерен регионален развој.

panorama_resize

Ќе се навратам на воведните дилеми. Колку нови жители би добил градот Скопје, доколку директно се простудираат, сите до една, површина за градба во донесените (или веќе во постапка) детални урбанистички планови и ако претпоставиме дека во целост се населат истите согласно оптимално (не максимално) очекуваниот број на жители? Ако уште на тоа го додадеме и зголемувањето овозможено со легализираните објекти, колку жители би имал град Скопје? Три милиони? Два? Еве и да не е сè така црно за рамномерниот развој, нека бидат и милион и половина, или милион (збирно, несвесно, преќутно и криминално) планирани жители? Што би значело тоа за држава со вкупно два милиони жители? Дали сме свесни дека заедно на купче Валандово, Пехчево, Берово, Македонска Каменица, Крушево, Демир Капија, Македонски Брод и Богданци прават околу 40 000 жители и тоа според веќе нерелевантните бројки од пописот во 2002? Во реалноста би биле среќни ако заедно тие осум мали градови денеска имаат вкупно 20 000 постојани жители. А од друга страна толку предвидува да смести предложениот ДУП само за месноста Расадник во Кисела Вода!

rasadnik_resize
Отсуството на визија со која ќе се доведе во ред неконтролираното, но во ваквата констелација најчесто неопходно, масовно мигрирање на населението од селска средина кон градска; од помала кон поголема градска средина; и конечно од поголемата градска средина кон метрополата на државата оневозможува голем број од градовите да останат „живи“ најпрво во економска смисла, а потоа и во социолошка. Со пропаѓањето на индустриските капацитети од поранешниот систем и недоволно големата државна волја истите по секоја цена да се рестартираат и индустријата по која е познат одреден регион да продолжи да опстојува на истото место наместо да се пресели во главниот град, градовите ја губат економската моќ да го задржат своето население дома. Ова е аналогно повторливо и со земјоделството, сточарството и со други покрупни гранки кои пропаѓаат во одреден регион, а нивната пропаст, заедно со пропаста на индустријата повлекува затворање на цел еден спектар на трговски и услужни дејности во погодениот регион.

4H5A0142_resize

Сето ова е во директна корелација со просторното и урбанистичкото планирање од кое се очекува освен да понуди решенија, да постави и рестрикции со кои би се спречиле идните наштетувања во рамномерниот регионален развој. Ваквите рестрикции во планската документација најчесто се артикулираат преку класите на намени, но и преку посебните плански регулативи. Понатаму ова се врзува и со образовните капацитети, инфраструктурата и ред други чинители во планирањето.
Немањето економски излез дома заради недоволното државно залагање преку просторното и урбанистичкото планирање, неминовно повлекува населението да мигрира таму каде што смета дека може да си обезбеди работно место и егзистенција, особено помладото население. И таквото мигрирање, во ваквата македонска констелација е сосем легитимно гледано од таков аспект. Проблемот настанува кога е преизразено и надвор од рамките на природното. А како што стапот има два краја, така има и приказната за рамномерниот регионален развој.

Опустошувањето на внатрешноста, оди рака под рака со дијаметралната спротивност во Скопје – своевидна „фавелизација“ на поедини градски средини.

Планската документација не спречува, и најчесто неоправдано, и несвесно дозволува цели индустрии и дејности да се префрлат во, и близу главниот град, а притоа овозможува сместување на нови и нови жители, за што има помош и од законската регулатива (на пример главнината на финансирањето на општините оди преку надоместокот за уредувањето на градежното земјиште, или популарните „комуналии“ за нови градби) која одредени општини во Скопје ги направи ненормално и несразмерно богати во однос на некои други во источна Македонија.

KIR_0360_resize
И ако градот го замислиме како чаша наполнета со 80 отсто вода од својот вкупен волумен, а ние сè уште ја полниме, евентуално ќе дојдеме до точка до која ќе ги исполниме и тие „резервни“, иако нестабилни, 20 отсто. И кога ќе се наближиме до стотиот процент, веќе нема да можеме така лесно да ја носиме чашата во рака и да се движиме со неа. Аналогно, кога инфраструктурата и капацитетите на еден град се исполнети блиску до точката на преливање, тешкотиите со „движењето на преполнетата чаша во рака“, на ниво на град, претставуваат проблеми во сообраќајот, паркирањето, водоснабдувањето, фекалното и атмосферското одведување на водите; проблеми со немање место по градинките; преполнети класови во основните и средните училишта; намалување на парковското зеленило и јавните простори; неефикасниот јавен превоз; нехуманата дистанца помеѓу зградите и губењето на приватност, светло и видик во домовите; блокираното струење на воздухот итн. А кога во чашата, иако веќе полна, продолжуваме да истураме вода – ја преливаме. Таквото преливање е споменатата „фавелизација“ на градот – односно континуираното сукцесивно намалување на квалитетот на живот кое пак најдобро го чувствуваат оние кои биле во чашата и кога била 70 отсто полна. На оние пак, кои „избегале“ од 30-40 отсто исполнета „чаша“ и се преселиле во некоја друга, 90 + % полна (најчесто заради економски мотиви, а поретко заради социолошки) речиси и да не им е важно во какви услови ќе живеат сè додека таквите услови одат рака под рака со овозможување егзистенција.
И кога овие две групи ќе ги спротивстават своите тези и аргументи, а од кои секоја една е точна и легитимна од своето гледиште – доаѓаме до толку познатата поделба на „скопјани“ и „провинцијалци“, поделба која не е тема на овој текст, но силно задира во кохезијата на едно општество. А корените на таквата поделба, гледаме, произлегуваат од лошото просторно и урбанистичко планирање. Произлегуваат од „мртвиот збор на хартија“ во Уставот, според кој Републиката „се грижи“ за рамномерниот регионален развој. За жал реалноста ни кажува дека не е така.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top