Насловна / Архитектура / Дали Скопје испушти шанса да добие Билбао ефект?

Дали Скопје испушти шанса да добие Билбао ефект?

Билбао ефект е термин кој се поврзува со економијата употребен да се искаже економскиот и социјален подем на градовите кој се случува како резултат на инвестиции во културата преку создавање на спектакуларна архитектура.  Архитектурата игра клучна улога во ефектот Билбао со својот потенцијал да го трансформира заспаниот град во развиен урбан и економски центар, а со тоа да го мотивира туризмот, односно да доаѓаат посетители од странство и од други делови на истата земја, отворајќи врата за економски и културен развој, како и нови економски можности на локалното население. Постојат неколку области низ светот кои имаат економска корист од инвестиции во атракции и музеи и досега се покажале како исклучително мудри потези.

01.Гугенхајмовиот музеј во Билбао, архитект Френк Гери

Гугенхајмовиот музеј во Билбао, архитект Френк Гери

Од каде терминот Билбао ефект? Билбао е еден од најважните индустриски и пристанишни градови во Шпанија. Како главен и најголем град во областа Баскија, тој бил индустриски центар со рафинерии и развиена хемиска индустрија. Од деиндустријализацијата, градот – центар на фабрики и канцеларии, почнува нагло да го губи својот сјај.  Властите се свесни дека му е потребна итна ревитализација и така настанува идејата за создавање на музеј кој ќе биди спектакуларен во својот израз и ќе ги собери најдобрите дела на светската уметност, а ќе биде и магнет на бројни интернационални туристи. Музејот е изграден во 1997. година во индустрискиот дел од градот и претставува едно од најважните дела на постмодерната архитектура, а задачата за проектот ја добива светски познатиот архитект Френк Гери.

02.Гугенхајмовиот музеј во Билбао со партерот околу него (арх. Френк Гери)

Гугенхајмовиот музеј во Билбао со партерот околу него (арх. Френк Гери)

Иако во духот на деконструктивизмот, сепак овој објект го избегнува основниот начин на деконструкција (со рамни агли и остри рабови), играјќи со кривите линии и ексцентрични органски форми. Скулптурално обликуваниот кров како и целиот музеј имаат обвивка од исклучително скап и необичен материјал за архитектурата, титаниум. Поради титаниумската обвивка, бојата на музејот се менува во зависност од периодот во денот и количината на сончева светлина, најчесто прелевајќи се во златни, сребрени и сини тонови, што всушност ја претставува фасцинацијата на архитектот од рибините крлушки и нивното прелевање во различни тонови. Ексцентричните форми и мазните неправилни облини, проектирани да ја „фатат светлината“, се одговорни за прекарот на музејот „Метален цвет“. Токму овој музеј кој легендарниот архитект Филип Џонсон ќе го нарече „најголемата зграда на нашето време“ беше економскиот лек што му требаше на Билбао – музејот во првите три години од својата работа му донесе на градот околу 500 милиони долари профит.

03.Центарот Помпиду во Мец(Франција), архитект Шигеру Бан

Центарот Помпиду во Мец(Франција), архитект Шигеру Бан

04.Центарот Помпиду во Мец, внатрешност

Центарот Помпиду во Мец, внатрешност

05.Центарот Нимаер во Авилес (Шпанија), арх. Оскар Нимаер

Центарот Нимаер во Авилес (Шпанија), арх. Оскар Нимаер

06.Надворешен жолт визуелен сегмент на Аудиториумот во Центарот Нимаер во Авилес, арх. Оскар Нимаер

Надворешен  жолт визуелен сегмент на Аудиториумот во Центарот Нимаер во Авилес, арх. Оскар Нимаер

После ова негово огромно влијание, Билбао ефектот стана општоприфатен поим и пример како архитекурата и дизајнот можат да влијаат на економскиот раст и културното издигнување на еден град. Па така, тој пример го следеа уште многу други градови, на пример Центарот Помпиду во Мец, Франција од 2010 г.  на јапонскиот архитект Шигеру Бан, Центарот Нимаер во Авилес, Шпанија од 2011 г. на бразилскиот архитект Оскар Нимаер (кој уште поголема слава достигна со присуството на славни личности на неговото отворање, како Вуди Ален, посетата на Бред Пит и Кевин Спејси), Музејот Ордос во истоимениот град во пустината Годи во Кина во 2011 година од MAD Architects, Лувр Музејот во Абу Даби од 2017 г. од Жан Новел, Музејот V&A Данди во Шкотска од 2018 по проект на јапонскиот архитект Кенго Кума, итн.

07.Музејот Ордос во Ордос, пустина Годи, Кина, MAD architects

Музејот Ордос во Ордос, пустина Годи, Кина, MAD architects

08.Музејот Лувр во Абу Даби (ОАЕ), арх Жан Новел

Музејот Лувр во Абу Даби (ОАЕ), арх Жан Нувел

09.Внатрешноста на Музејот Лувр во Абу Даби (ОАЕ), арх. Жан Новел

Внатрешноста на Музејот Лувр во Абу Даби (ОАЕ), арх. Жан Нувел

10.Архитект Кенго Кума пред Музејот V&A во Данди Шкотска

Архитект Кенго Кума пред Музејот V&A во Данди Шкотска

11.Внатрешноста на V&A Данди, Шкотска, арх. Кенго Кума

Внатрешноста на V&A Данди, Шкотска, арх. Кенго Кума

Но, не само тоа. Во Ротердам (Холандија), познатото архитектонско студио MVRDV успеваат дури и од затворен маркет со потковичеста форма, без внатрешни столбови во централниот простор и огромен тавански мурал, да предизвикаат Билбао ефект. Веднаш по изградбата, Ротердам бележи нагло зголемување на бројката на посетители, кои доаѓаат специјално да го видат ова здание, иако Ротердам како град има уште многу што да понуди во својата туристичка програма.

12.Маркетот Markthal во Ротердам, архитекти MVRDV

Маркетот Markthal во Ротердам, архитекти MVRDV

Па, така на сајтот на архитектонското студио MVRDV, може да се најде статистика дека пет години по неговото отворање, заклучно со 2019. година, маркетот го посетиле 38.5 милиони посетители, речиси осум милиони годишно или 150 илјади неделно. Тоа се повеќе посетители отколку што прима Ајфеловата кула и го прави Markthal споредлив со центар на град со средна големина. Нешто повеќе од 50 отсто од посетителита на Ротердам се од регионалната област на Ротердам. Останатите се посетители од други делови од Холандија и од странство. 33 отсто од посетителите на Markthal се од домаќинства со ниски приходи, што го прави навистина атракција за секого. Markthal е врвната атракција во Ротердам на TripAdvisor, со оценка од 4.5 од 5, речиси 7.300 прегледи од корисниците и 46 „искуства“, како што се градските тури кои ја прикажуваат зградата.

13.Огромниот тавански мурал, поглед од надвор, Markthal, Ротердам

Огромниот тавански мурал, поглед од надвор, Markthal, Ротердам 

Посетителите поминуваат во просек по 45 минути во Markthal и трошат во просек по 17 евра додека се таму. Годишниот промет на Markthal е 63 милиони евра (1,3 милиони евра неделно), од кои 53 отсто се заработени од тезгите на пазарот. Над 100.000 објави на Инстаграм се означени со #Markthal. Markthal придонесе за експлозија на туризмот во Ротердам, при што бројот на посетители во градот се зголемил за 58 отсто помеѓу 2013 и 2018 година.

Овие тенденции на Билбао ефект ги гледаме и во нашиот регион. Албанија развива стратегија за привлекување на туристи со тоа што Тирана ќе биде културна мека, па години наназад го гледаме тој изразен стремеж за културно и економско издигнување, преку бројни конкурси за општествени објекти на кои награди добиваат решенијата на врвни архитектонски студија, како на пример данското студио на Бјарке Ингелс, кој го доби конкурсот за Националниот театар на Албанија.

14. Национален театар на Албанија, Тирана, арх. BIG (Bjarke Ingels Group)

Национален театар на Албанија, Тирана, арх. BIG (Bjarke Ingels Group)

BIG, односно Бјарке Ингелс Груп (студиото на Бјарке Ингелс), ставаат свој дизајнерски потпис и на Центарот за култура во Тирана.

15. Центар за култура во Тирана, арх. BIG (Bjarke Ingels Group)

Центар за култура во Тирана, арх. BIG (Bjarke Ingels Group)

Понатака, проектот за реконструкција на Пирамидата во Тирана, музеј отворен во 1988. година, а конференциска сала во периодот по падот на комунизмот, им припадна на познатото холандско студио MVRDV.

16. Пирамидата во Тирана, проект на MVRDV за реконструкција на постоечки музеј

Пирамидата во Тирана, проект на MVRDV за реконструкција на постоечки музеј 

MVRDV се автори и на облакодерот Скендербег, како и на Кулата со пиксели.

17. Облакодер Скендербег, Тирана, проект на MVRDV

Облакодер Скендербег, Тирана, проект на MVRDV

18. Кулата со пиксели, Тирана, проект на MVRDV

Кулата со пиксели, Тирана, проект на MVRDV

Италијанскиот архитект, Стефано Боери, познат по неговите иновативни биофилни згради т.н. „вертикални шуми“ во Милано, Нанџин (Кина), Утрехт и Ајндоховен, исто така реализира свој проект за биофилна архитектура и во Тирана, која ќе биде изведена со 3.200 грмушести растенија и 145 дрвја од медитеранското подрачје.

19.Вертикална шума, Тирана, проект на Стефано Боери

Вертикална шума, Тирана, проект на Стефано Боери

Данското студио CEDRA го добија конкурсот за ново архитектонско обележје на Тирана, зградата „Планина“ (Mountain) која е инспирирана од околните планински силуети на градот.

20. Проект Планина (Mountain), Тирана, арх. CEBRA

Проект Планина (Mountain), Тирана, арх. CEBRA

Американското биро Skidmore, Owings & Merrill (SOM) познато по John Hancock Center во Чикаго, кулата 350 Mission Street во Сан Франциско, највисокиот облакодер на светот Burj Khalifa во Дубаи е проектант на Кулата Белград која на 42 ката со висна 168 метра се издигнува над градот, во близина на устието на Сава и Дунав, како дел од проектот „Белград на вода“.

bg1

Кула Белград, проектанти ЅОМ

Кулата претставува нов симбол на Белград. Проектантите велат дека таа е „почитување на историјата и отвореност за иновации. Со својата специфична форма која го оживува хоризонтот на српската престолнина, Белградската кула ја изразува архитектонската комбинација на овие две основни вредности“. Објектот е еден од ретките од овој тип кој низ само 10 ката постигнува ротација од 90 степени. На Кулата Белград е поставена и првата медиа фасада на Балканот, сите 9317 индивидуално контролирани ЛЕД светилки служат како динамична подлога за текст, графика и видео содржини кои се емитуваат на фасадата.

bg

Кула Белград го осветлува небото над Сава

Па, кога го гледаме сето ова, се наметнува прашањето, дали можеше проектот Скопје 2014 со потрошената сума од 684 милиони евра (податок објавен од БИРН, преку базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“), да направи пресврт, доколку одговореше на модерните урбанистички и архитектонски предизвици?

sk

Дали доколку беше ослободен од идеолошкиот предзнак и беше осмислен во модерна урбанистичка, хумана рамка и современа архитектура, можеби ќе беше Билбао ефект за нашата држава!? Дали можевме Скопје да го развиеме во друга насока!? Оставаме на вас, да заклучите.

Автор: Ивана ГРУПЧЕ, дипл. инж. арх.

sk1

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top