Куќата Circular Sun House, позната и како Norman Lykes House, последниот резиденцијален објект на славниот архитект Френк Лојд Рајт од денес ќе биде ставена на аукција.
Сместена е на падините на планината Феникс, помеѓу кањоните на Аризона на локација со спектакуларен поглед на Рalm Сanyon и долината. Куќата е карактеристична по својата форма обликувана од низа кружни елементи кои совршено се вклопуваат во топографијата на пејзажот.
Рајт ја проектирал во 1959 година, неколку месеци пред неговата смрт во април истата година. Изградена е во 1967 година, а подоцна реновиран од неговиот ученик, John Rattenbury во 1994 година.
Објектот е изграден од бетонски блокови, боени во неутрални тонови за посуптилно да се вклопи во опкружувањето. Куќата содржи три спални соби, три купатила, како и канцелариски простор на катот од каде се пружа поглед од 360 степени на околината.
На последното ниво сместен е отворен базен, опкружен со тераса со местимично перфорирана ограда со отвори исто така со кружна форма.
Во ентериерот доминира мебел со заоблени форми, направен од филипинско махагони.
Колку е проценета куќата не е познато.