Болницата е најкомплексен тип на објект. Како специфичен и единствен тип на градба се издвојува не повеќе од 100 години. Дури и во архитектонските школи се одвојува, како посебна насока/предмет изучувањето на здравствените објекти, во последните 50 години. Една од работите што ја прават здравствената заштита толку комплексна е всушност, самото тоа што не е само една работа. Можете да имате брилијантен хирург или најталентирана медицинска сестра, но без операциона сала, резултатите од тие таленти се во најдобар случај, компромитирани. Бидејќи болниците зависат од рамнотежата на човечкиот капитал (квалификуван персонал), организацијата и физичките ресурси (простор и опрема), постојат стандарди за квалитет кои ги регулираат минималните прифатливи критериуми за секоја од нив.
Секоја болница е составена од широк спектар на услуги и функционални единици. Тие вклучуваат функции за дијагностицирање и третман, како што се клинички лаборатории, снимања, соби за итни случаи и хирургија; функции за услуги на пациентите, како исхрана и одржување; и основната, нега на пациенти при краток или подолг престој, поврзана со бројот на кревети и нивната искористеност. Оваа разновидност се рефлектира во широка и специфична регулатива, стандарди и голема претпазливост при уредувањето на болничките структури и нивната операбилност. Секоја од широко-опсежните и постојано развојни функции на болницата, вклучувајќи ги и особено комплицираните термотехнички, електрични и телекомуникациски инсталации, бара специјализирано знаење и експертиза. Невозможно е да се не постои некој кој што има целосно и за се познавање во вакви комплексни објекти. Затоа специјализираните професионалци играат важна улога во програмирањето, планирањето и проектирањето на болниците.
Функционалните единици во болницата имаат и треба да имаат, секојдневни компетитивни потреби и приоритети. Идеализираните сценарија и цврстото опстојување кон потребите, мора да бидат избалансирани со задолжителните барања, реалните функционални потреби (внатрешен сообраќај и односот со другите одделенија) и финансискиот статус на установата.
Во прилог на широкиот спектар на услуги кои мора да бидат сместени во објектите, болниците мора да служат и поддржуваат многу различни корисници и засегнати страни. Идеално, процесот на проектирање вклучува директни насоки од сопственикот и од клучниот болнички персонал, рано во процесот. Проектантот исто така мора да биде адвокат за пациентите, посетителите, персоналот за поддршка, волонтерите и добавувачите, кои обично немаат директен влез во проектот. Добриот проект за болница ги интегрира функционалните барања со човечките потреби на различните корисници.
Основната форма на болницата, идеално, се базира на нејзините функции:
• функции поврзани со смесувачките капацитети – број на кревети
• амбулантски функции
• функции на дијагностика и третман
• функции за поддршка (администрација, гардеробирање, исхрана, снабдување и т.н.)
• јавни простори
Физичките односи меѓу овие функции ја одредуваат конфигурацијата на болницата. Меѓу сите нив постојат соодветни врски, според кои се остварува успешниот проток, движењето и комуникацијата на луѓето, материјалите и отпадот. Така, физичката конфигурација на болницата и нејзините транспортни и логистички системи се неразделно испреплетени. Транспортните системи се под влијание на конфигурацијата на објектот, а конфигурацијата е силно зависна од транспортните системи. Болничкиот објект е исто така под силно влијание на можностите и ограничувањата на локацијата, избраните објекти, буџетот и новите технологии.
Во една болница, формата на единицата за медицинска нега (болничко сместување), бидејќи може да се повторува многу пати, е главен елемент на целокупната конфигурација на објектот. Избраното решение е во најголема мерка зависно од програмските прашања, како што се организирање на програмата за нега, број на кревети на единицата за нега и број на легла во соба за пациенти.
Откако ќе се донесе одлука за изградба на болница, следниот чекор е нејзиниот архитектонски проект. Најнапред мора да се подготви детална проектна задача, за да може архитектите да ги изготват своите проекти. Подлога за успешна проектна задача се информациите содржани во болничкиот мастер план или предпроектот. Програмирањето на болничките потреби базирано на статистички податоци, како што се предвидени болнички упати, амбулантски упати, упати за дијагностика и сл. предвиден број на вработени по соодветни активности, планирана должина на престој и искористеност на капацитети, предвиден опсег на популација и др. инфраструктурни, комунални, урбанистички и слични параметри е клучот во корист на “паметно” проектирање, кој елиминира отпад и грешки. Како и медицината која се базира на докази, така и планирањето и проектирањето е базирано на докази. Проектирањето вклучува специфични принципи на работа, кои се прикажани преку сеопфатни истражувања за подобрување на клиничките резултати и резултатите од задоволството кај пациентите и персоналот. The Center for Health Design го дефинира проектирањето на база на докази како процес на кој се базираат одлуките за изградба на објектите според веродостојни истражувања, за да се постигнат најдобрите можни резултати.
Архитектурата за здравствени објекти базирана на докази создава безбедни и терапевтски средини за нега на пациентот и го охрабрува вклучувањето на семејството. Таа промовира ефикасно работење на персоналот и овозможува пријатна средина за нивната стресна работа.
Нова Градска болница во Скопје
Проектот за новата Градска болница во крајна линија, треба да ја подобри продуктивноста на персоналот, задоволство на граѓаните и директно засегнатите пациенти, клиничката, економската и културната слика на здравството.
Затоа, пред сѐ, треба да се разгледаат локацијата и нејзината околина, близината и достапноста на комуналните услуги, мешавината на дејностите во објектот, карактеристичните комбинации на болнички кревети. За да се разработи планот за работа на истата, значителен инпут имаат и сите техничко-технолошки потреби, како што се климатизација, електрични инсталации, водовод и канализација и др. Влезните податоци пак за техничките карактеристики на опремата, особено во специјализираните области, како што се скенерите за компјутерска томографија, магнетна резонанца, операциони сали итн. се од суштинско значење.
Многу често постои и недостиг од информации за службите за поддшка како што се кујна, перење, централната стерилизација, резервното напојување со електрична енергија, PACS (picture archiving and communication system – медицинска технологија која се употребува за чување, користење, презентирање и размена на слики/снимки направени од различна медицинска опрема како рентген, компјутерски томограф, магнетна резонанца или ултразвук), BMS (building management system – систем за контрола и управување со различни техничко-технолошки функции во објектот) и така натаму. Не само што овие услуги се од витално значење, туку се и високи капитални и повторливи трошоци, па знаејќи го тоа треба однапред соодветно да се планираат.
“Ние ги моделираме нашите згради, а потоа нашите згради не моделираат нас…“ – Винстон Черчил (10 Мај, 1941)
Старата изрека “Никогаш не добивате втора шанса за да оставите добар прв впечаток” се однесува токму на здравствените установи. Објектот пренесува порака до пациентите, посетителите, волонтерите, добавувачите и вработените. Преку објектот, исто така, се пренесуваат порој на решенија за организацијата и медицинската нега што се обезбедува таму. Понудата започнува со самиот пристап до објектот, просторот за привремено оставање на возилата кои донеле пациент (drop-off area), паркинзите и ознаките. Идеална порака е онаа која вели добредојде, влева чувство за грижа, удобност и сочувство, посветеност на благосостојбата и безбедноста на пациентот, каде тој се ослободува од стресот и му се обезбедува засолниште, каде почитта е обострана, компетентноста е симболизирана, просторната ориентација е обезбедена и семејствата се сместени. Објектот, исто така, влијае врз ставовите и однесувањето на вработените во службата. Безбедноста може да биде обезбедена само со пренесување за порака за безбедност. Внимателно смислениот проект може да помогне да се создаде и да се одржи правилен прв впечаток.
Проектната програма за новата Градска болница во Скопје не ветува квалитетен објект
Трошењето милиони евра за реновирање, адаптирање, проширување или изградба на нов болнички објект може да биде страшно без вистинска насока. Планирањето на болнички објект е стратешко размислување и практично упатство, кое им помага на менаџерите во здравството да се движат самоуверено од планирање до имплементација, со користење на интегриран процес на планирање на капацитетите, разбирање на трендовите кои влијаат врз искористеноста и конфигурацијата на просторот и планирање на флексибилни објекти. Сакам да верувам дека оваа проектна задача е резултат на претходно планирање или предпроект – фаза на процесот на планирање, проектирање и градење на здравствени установи, кој често се занемарува бидејќи Инвеститорите со нетрпение скокаат од стратешкото планирање во повеќе гламурозната фаза на проектирање. Менаџерите во здравството имаат најголема можност да ја изразат својата визија за иднината на нивната установа за време на планирањето на проектот, а одлуките донесени во текот на оваа фаза имаат најголемо влијание врз долгорочните оперативни трошоци и идната флексибилност. Внимателното планирање ѝ овозможува на организацијата да размисли за сегашниот модел на испорака на нега за пациентот, оперативните системи и процеси и употребата на технологијата, за да обезбеди установа од која ќе имаат бенефит и пациентите и здравствените професионалци и сите осигуреници. Внимателното планирање или предпроектот овозможува оформување на проектна задача за нов објект, кој ќе ја подобри оперативната ефикасност, ќе го зголеми задоволството на пациентите и ќе создаде нови приливи на приходи, а покрај тоа ќе биде естетски пријатен и инженерски издржан. Искрено, читајќи ја внимателно Проектната задача не успеав да се убедам дека е така.
Најпрво, интересно е дека Сообраќајниот и Пешачкиот пристап, вклучително и паркирањето, како и Урбаното зеленило и озеленетост се надвор од Програмските барања. Овие параметри имаат голема улога во квалитетот на установата и нејзините услуги и секако треба да бидат дел од проектната задача и секако јасно дефинирани. Во тендерската документација се наведени исклучиво параметрите кои се дефинирани со ДУП-от, а истите се недоволни и несоодветни за постилање на нова и современа болница.
ПАРКИРАЊЕ
Секогаш, за вакви масовни објекти се препорачува изработка на Студија за паркирање. Во недостаток на ваква студија може да калкулираме, според планирање базирано на знаење за болнички објекти: едно место по болнички кревет, едно место за секој вработен, присутен на смена секој ден. Ова може да се намали заради блискоста на јавниот транспорт или постоење на јавен паркинг, станици за збирни комбиња или друг тип на аранжмани за намалување на сообраќајниот притисок. Дополнително е потребно да се предвиди паркирање за амбулантни пациенти или други услуги. Посебен и дополнителен простор треба да се обезбеди за возила за испорака на услуги и возила што се користат за итни пациенти.
Но немаме податоци за број на вработени по смени или такви кои би користеле јавен превоз, нема податок за бројот на амбулантни или дијагностички посети на болницате дневно, ниту пак информации за некаква организација на паркирањето, освен дека истото треба да се реши во рамките на парцелата.
Понудената проектна задача нуди “површина на градежна парцела ГП 5.32 од 7671 м2 и максимална површина за градење (приземје) од 3.728 м2“ и “бруто развиена површина од 18.640 м2“. Согласно Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање се предвидува за здравствени установи 1 паркинг место на секои 60м2 од вкупно изградената површина, што значи дека треба да се обезбедат 310 паркинг места. “Површината за паркирање со пристап на едно патничко моторно возило со 4+1 седишта треба да изнесува од 25 до 35 м2.“ Според ова, само за паркирање со пристапни улици треба да се обезбеди минимум 7750м2.
Според меѓународните стандарди за здравствени објекти, пак, за надворешен паркинг простор:
број на паркинзи по кревет = 2,5 паркинг места или за новата Градска болница со 240 кревети х 2,5 би требало да се проектираат 600 паркинг места. Површината за паркирање е 15м2; површината за паркирање по кревет е 2,5 х 15 = 37,5м2 или за 240 кревети х 37,5м2 = 9.000м2.
Според двата стандарди, а препорака во тендерската документација е да се користат меѓународните, избраната локација не дозволува комплетно надворешно паркирање. Односно: градежната парцела е 7.671 м2; служејќи се со програмирање базирано на докази може да очекуваме дека во партерот ќе се раположат надворешни инсталации; кабли, цевки, цистерни и сл. со 15%, пешачки патеки со 10% и зеленило со 15% од бруто површината на приземјето или вкупно 40%. Па според расположливата површина на приземје може да претпоставиме дека за сите нив, без паркирањето е потребно земјиште од 1.500м2. Бидејќи површината за градење е 3.728 м2, за надворешно паркирање останува 2.443м2 или простор за паркирање на 98 возила. Останатите 212 паркинг места треба да се обезбедат во објектот.
Дoколку локацијата не дозволува обезбедување на паркирање на ниво на партер, препораките се: „Размислете за купување на соседните или околните површини за проширување на површинскиот паркинг“. Гаражното паркирање, може да се предвиди во катна гаража, која функционално ќе припаѓа и ќе оперира исклучиво за болницата, а проектната задача не го нуди тоа. Гаражното паркирање во подрумот, скоро и да го нема во препораките, од проста причина што голем дел од подрумите се потребни за сместување на сите оние функции кои не бараат директно светло, обемните технички простории, магацини и сл. и уште поважно, затоа што од аспект на квалитет на воздухот во објектите, гаражите се најважните микро-средини во однос на изложеноста на луѓето на јаглероден моноксид.
ПРОГРАМСКИ БАРАЊА
1. Во општиот дел е наведено дека треба да се следат светските трендови, согласно законската регулатива. Светските трендови и стандарди се посебни за секоја држава, некаде слични, некаде различни и не е јасно на кои трендови конкретно се мисли и дали оние кои ќе бидат консултирани ќе бидат прифатливи за нашата законска регулатива, која за овој вид на објекти е поткрепена исклучиво со Правилникот за потребниот простор, опрема и стручен кадар за основање, почнување со работа и вршење на здравствена дејност, во неговата последна верзија од 2013 година. Тој, пак од своја страна, изобилува со недоследности, далеку е од светските трендови, а сепак треба да се испочитува за добивање на согласност за работа на установата.
2. Новата болница се предвидува да понуди сместување на 240 пациенти во соодветен број болнички одделенија со сите потребни придружни простории. Се поставува прашањето: кои се тие одделенија и кои се сите потребни придружни простории. Не е јасно кои одделенија/специјалности ќе функционираат во болницата, колкави се нивните потреби и капацитети, на пр.: колку кревети му припаѓаат на кое одделение, кој, колку и каков медицински и немедицински персонал го опслужува и кои се нестандардните простори кои треба да се предвидат на одредени одделенија, дали се планираат swing beds и, ако се планираат, кои одделенија би можеле да се комбинираат за да може да ги користат просториите за поддршка соодветно, за кои одделенија се потребни медицински гасови и сл.
Не е познато како треба да се организираат болничките единици: со еднокреветни, двокреветни или четирикреветни соби и кој е процентот на застапеност на истите. Светските трендови се насочени кон исклучиво еднокреветни и двокреветни соби, додека македонската регулатива изразена преку Правилникот препорачува: 20% двокреветни, 60% трикреветни, 20% шестокреветни соби и една еднокреветна соба. Светските трендови не познаваат трикреветни соби, шестокреветните се одамна заборавени, а четирикреветни се дозволени само за реконструкции и адаптации на постоечки болници во рамките на нивната ограничена површина. Потребната површина по кревет според Правилникот е 6м2, додека меѓународните стандарди препорачуваат минимум од 12м2 за еднокреветна соба и 9м2/кревет за дво/четирикреветна соба. Според Правилникот, минимум потребен простор по кревет за деца до 2 години е 3,5м2 и 4,5м2 за деца до 14 години. Имајќи предвид дека децата треба да се придружувани од родител/старател, меѓународните стандарди препорачуваат 14м2/кревет за болнички соби за деца со придружник. Во Правилникот исто така, никаде не се предвидени соби за лица со намалена мобилност и соби за изолација на пациенти, кои имаат посебни барања.
3. Единицата за интензивна нега е специјално екипирана и опремена, одделна и автономна област во рамките на болницата и се занимава со справување со пациенти во животна или потенцијална опасност по живот, и реверзибилна или потенцијално реверзибилна органска инсуфициенција. ЕИН обезбедува ресурси за поддршка на пациентите и нивните семејства, и ги користи специјализираните вештини на лекарите, сестрите и други вработени искусни во справувањето на критички болни пациенти. Може да биде детска, пост-оперативна, хируршка, невролошка, траума и сл. Во Проектната задача нема дистинкција на леглата за интензивна нега, што е важно заради просторното обликување одредено со пропратната медицинска опрема, различна за различни типови, детска или за возрасни и секако пропратните содржини. Се претпоставува дека се мисли само на пост-оперативна интензивна нега, согласно добиените консултации од сегашната градска болница, која во својот полн назив е Универзитетска клиника по хируршки болести. Но новата Градска болница не е просто пренесување на стара Градска во нов објект, туку претставува нова болница со многу други не-хируршки специјалности и за нив треба да се обезбедат соодветни услови.
4. Собата за будење или recovery не спаѓа во хотелскиот дел на болницата туку во оперативниот блок, оттука е нејасно сместувањето во делот 1.6. од Проектната задача кој ги опишува потребите за Болничка здравствена заштита.
5. “При проектирање на болницата потребно е да се има предвид нејзниот претпоставен капацитет: медицински лица – 280 лица, технички персонал вклучително болничари и медицински техничари – 110 лица и административен пресонал – 30 лица“. Не е познат бројот на лекари и нивниот распоред по одделенија, важен податок за да се одреди бројот на лекарски соби и начинот на нивното користење. Не е познат бројот на вработени кои ќе се гардеробираат во заеднички гардероби за да истите може да се димензионираат и да се оформи просторот за заеднички гардероби и санитарни јазли. Предвиден е „Голем аудиториум, во кој ќе ги собере вработените доктори“, а нивниот број не е познат за да се одреди големината на аудиториумот „(за утрински конференции и слични состаноци), кој ќе биде организиран како тип на океанска просторија со можност за поделба на просторот за поединечни состаноци по оддели“. Неразбирливо е како се планира, секојдневно просторот да се разделува или спојува по потреба и со какви прегради истото ќе се изведе за, на пр. 60 вработени или 6 одделенија со по 10 вработени присутни на состаноците да го одржуваат утринскиот состанок, без притоа да си сметаат едни на други.
6. Што се однесува до амбулантниот дел, не е дефиниран бројот на амбуланти, ниту бројот на очекувани пациенти по амбуланта дневно, па и вкупниот број. Не е познато ни дали амбулантите се планира да работат во смени. Овие податоци се од голема важност за да се определи бројот на потребните санитарни јазли, бројот на гардеробите во оние амбуланти чија дијагностика бара соблекување на пациентите во гардероби. Бројот на амбулантните пациенти дневно треба да биде показател и за формирање на влезната партија, чекалната, регистрацијата, административната комуникација и сл., а секако ќе го даде и потребниот број на амбуланти по специјалност. Во проектната задача е предвидена по една амбуланта по специјалност.
7. Нема дефиниран ургентен центар. Несфатливо е една градска болница со големина од 240 легла да функционира без ургентен центар. УЦ прима, проценува, стабилизира и менаџира пациенти од широк спектар, со различна итност и со различна сложеност. Пациентите може да дојдат сами или да бидат донесени/упатени. Опсегот на состојби може да вклучува голема траума, хируршки состојби, медицински состојби како што се удари, скршени коски, рани на кожата, заразни/незаразни инфекции, возрасни или деца. УЦ претставува посебна единица со посебен влез и зависно од горенаведените побарувања треба соодветно да се дефинира. Неговото дефинирање ќе направи ред и во амбулантниот простор. Сликовито, во вака дефиниран амбулантен простор, без јасна дистинкција на ургентен центар, значи дека низ истиот влез додека дете чека за преглед заради болка во увото, може да влета стречер од итната помош со пациент во крвави чаршави од прострелни рани.
8. Во делот 2.1. и 2.2. само се наведени Биохемиска лабораторија со сите потребни придружни простории и Хематолошка лабораторија со сите потребни придружни простории. Невозможно е да се дефинира просторот без да се знае бројот на упати, односно без да се дефинира капацитетот на лабораториите. Под капацитет се подразбира и бројот на вработени, кои покрај основното заедничко гардеробирање во болницата, треба да се облекуваат/ соблекуваат при секој влез/излез од лаборатористиот простор, процедура која се применува во сите нови меѓународни стандарди базирани на докази, заради заштита од пренесување на урина или крв низ болницата.
9. Што се однесува до оперативниот блок, не е напоменато дека септичната сала која би се користела за гангрени, изгореници и сл, треба функционално и оперативно да се оддели од асептичните сали. Моменталните докази не го фаворизираат конструктивното пред функционалното одвојување на септички и асептички хируршки процедури, во однос на целокупното одржување на хигиената и инциденцата на инфекции на кожата и меките ткива. Во рамки на правилен ламинарен и турбулентен проток на воздух во операционите сали, воздухот не е релевантен извор на патогени, ако површинската дезинфекција се изведува правилно. Завршното чистење после септичка процедура вклучува темелна дезинфекција со бришење на сите потенцијално контаминирани блиски и подалечни површини, вклучувајќи го и одржувањето на потребното и ефективно време на изложување на избраниот дезинфициенс на површината. Чистењето и облеката на сите членови на тимот мора да се отстрани пред да замине од салата, а целосна промена на облеката за сала е задолжителна пред повторно да влезе во операционата сала. Строгото почитување на овој кодекс на однесување ќе овозможи ефикасна функционална поделба на чисти и контаминирани хируршки процедури без да се загрози безбедноста на пациентот. Овие сите податоци се од голема важност за организација на просторот, пристапот и припремата на пациентите и оперативниот тим. Податоците во проектната задача не наведуваат на тоа.
10. Дијагностичките функционални единици немаат податок за бројот на снимања, бројот на персонал која работи во одделот за радиологија и на пр: не е јасно каков тип на рентген снимања ќе се вршат (глава, стомак, раце, нозе и сл.). Истите, како и за сите погоре наведени функции, се потребни за одредување на, т.н. во проектната задача, придружни простории, кои зафаќаат значителен простор во сите единици.
11. Многу прашања треба да се одговорат за да се предвиди централна стерилизација и субстерилизација и пак со сите потребни содржини. На пр: колку сетови на инструменти треба дневно да се репроцесираат, колку скопии се проектирани за дневно процесирање, колку процедури на дневна хирургија се предвидени, колку работни места/позиции се предвидени во стерилизација. Ова сѐ, особено заради тоа што централната стерилизација мора да има посебно гардеробирање, посебен пристап, простор за колички и сл.
12. Кога сме кај администрацијата, освен податокот дека треба да се сместат 30 лица, нема податок за бројот на упати во амбулантниот, лабораторискиот и одделот за радиолошка дијагностика, за да може да се предвиди соодветна архива. Имајќи ги во предвид новите начини за користење на податоци, не е предвиден простор за PACS и BMS.
Просториите за лекари и останат медицински персонал и просториите за хигиеничарки со трокадеро не треба да се дел од посебни простории за персонал, туку дел од секоја функционална единица посебно (лабораторија, аптека, болнички оддел итн.) и истите не е можно да се дефинираат бидејќи не е специфициран нивниот број.
13. Истата непознаница се јавува како пречка за дефинирање на различниот магацински простор, а тоа е бројот на упати во амбуланти, лаборатории, аптека, радиолошка дијагностика, трансфузија. Магацинскиот простор за ваква болница е многу обемен и често се занемарува, па затоа во сите простори, коридори и слично често се среќаваме со кутии, пакувања, вишок столици или кревети, разна опрема за поправка и сл.
14. Кога сме кај влезната партија, мора да се има во предвид дека во една болница нема задни и странични влезови, туку мора да постои јасна дистинкција на влез за лежечки пациенти, влез за амбулантни пациенти, влез за вработени, влез за ургентен центар и многу останати за достава на материјали, лекови, крвни деривати во трансфузиологија, храна (кетеринг). Исто така мора да се обезбеди посебен пристап за мртовечка кола за суптилно превземање на починати пациенти.
Заклучок: проектната задача нема основни податоци по кои дури и најискусен архитект,со дебело искуство во проектирање на болници, би можел да дојде до какво-такво идејно решение. Дури и за концептуално решение ваквата проектна задача е недоволна. По правило, за идеен проект, би требало да се наведат сите потребни простори/простории/места и сл. со дефинирани површини и истите треба да се резултат на програмирање на објектот преку статистички податоци и анализи за бараните простори во еден вака сложен објект како што е болница. Вака поставената проектна задача е сувопарно копирање на просторите наведени во Правилникот за потребниот простор, опрема и стручен кадар за основање, почнување со работа и вршење на здравствена дејност, поставен на интернет страната на Министерството за Здравство, поткрепен со податоци добиени од лекарите, за кој одговорно, како познавач на програмирањето и проектирањето на здравствени објекти, тврдам дека треба итно да се ревидира заради застарените просторни барања и редовно да се ажурира на секои минимум 4 години.
СО КРЕИРАЊЕ НА МОДЕРНИ, ОДРЖЛИВИ, ФУНКЦИОНАЛНИ, БЕЗБЕДНИ БОЛНИЦИ ЗА ЗАДОВОЛНИ ПАЦИЕНТИ И ПЕРСОНАЛ, СО ВОВЕДУВАЊЕ НА НОВИ КРИТЕРИУМИ ВО ПРОЕКТИРАЊЕТО, ТРЕБА ДА СЕ ПОЧНЕ ДЕНЕС
Додека поединечни држави ги ажурираат нивните минимални критериуми за болничките згради постојано (кај нас постојат, зачудувачки, и сеуште се користат минималните критериуми за здравствени објекти од пред повеќе од 15 години), би сакала да побарам од сите архитекти, инженери, урбанистички планери, планери на опрема и менаџери на болнички установи, сега, денес, да се придвижат кон употреба на критериумите според проектирање базирано на докази од кои се произлезени многу меѓународни стандарди, упатства, насоки од најнов датум, дури и ако на нашата држава и бидат потребни месеци или години за да стигнат таму. Оперативните и безбедносните придобивки од промените на Правилникот за потребниот простор, опрема и стручен кадар за основање, почнување со работа и вршење на здравствена дејност, ќе ни помогнат на сите да направиме здравствени објекти, кои се побезбедни и подобро прилагодени на специфичните барања. Успешното планирање на болниците мора да се мери на долг рок, не само како привлечни и атрактивни нови објекти, туку и како структури кои ги поддржуваат оние интензивни, сложени и тешки функции на база на употреба 24часа, 7 дена во неделата, за повеќе од 50 години корисен животен век.
“Функционалниот проект ја промовира вештината на професијата, економијата, употребливоста и комфорот; нефункционалниот проект може да ги спречи активностите од сите видови, да го одвлече вниманието од квалитетот на негата и да ги зголеми трошоците на нетолерантни размери.” – Hardy&Lammers
Автор: НЕВЕНА ГЕОРГИЕВСКА, д.и.а.
Магистер за програмирање, проектирање и управување со здравствени објекти