Насловна / Вести / Дали Општина Центар ќе и даде шанса на „Треска“ да се испланира на постручен и покреативен начин?

Дали Општина Центар ќе и даде шанса на „Треска“ да се испланира на постручен и покреативен начин?

До Советот на Општина Центар доставена е граѓанска иницијатива  за распишување Архитектонско-урбанистички конкурс за локацијата на фабрика „Треска“. Оваа локација е дел од ДУП „Буњаковец 2“, изработен од планерската куќа ИНПУМА од Скопје, планер потписник е Благоја Тагасовски, планери се Блажунка Трпковска, Силвана Вановска, Елена Тагачевска. Овој ДУП е под мораториум и во моментов се постапува по забелешките за истиот. Да не должиме, само накратко пак да повториме по којзнае кој пат дека мораториумот е резултат на лошо и нестручно урбанистичко планирање, непочитување на ГУП, Законот за просторно урбанистичко планирање и правилниците кои произлегуваат од него и сè тоа проследено со притисоци од инвеститори во борба за повеќе метри квадратни, што значи поголем профит. Секој квадрат кој е планиран под притисок на инвеститорите го нарушува урбанистичкото планирање, а урбанизмот претставува голема мака во нашиот секојдневен живот и во правилно и непречено функционирање на градот. Затоа и ДУП Буњаковец 2 е под мораториум, затоа што не е добар.

Поучени од наведеното и соочени со секојдневните проблеми во функционирањето на Скопје, а и побарувачката на пазарот за што помали станови со што повеќе простории, која диктира решенија на станови вон сите стандарди пропишани со закон во Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање, граѓаните ја поднесоа иницијативата со цел да се добие професионално обликуван простор. Иницијативата на која како овластен предлагач е потпишана Даница Павловска-Циги, поднесена е од граѓани, организирани во различни заедници, колективитети, невладини организации (Здравје пред профит во Центар, О2 коалиција, Транспарентност Македонија) како и индивидуалци, професионалци и експерти за овие теми, а голем дел од нив членови на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), Академијата на архитекти (АА), Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАИ). Истата е проследена со список на имиња и презимиња на повеќе од 300 луѓе со потпоси, собрани за само еден ден, голем дел од нив архитекти.

треска1_resize

Поттикнати од иницијативата градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и претседателката на Советот, Јана Белчева-Андреевска, минатиот петок организираа состанок со група архитекти од ААМ, КОАИ, Архитектонската академија при ААМ, професор од Архитектонскиот факултет во Скопје и архитекти, претставници на Општината.  Целта на состанокот беше да се сослушаат барањата и разгледа стручната и правна издржаност да се распише конкурс за локацијата на „Треска“. Разговарано беше за лошите состојби во урбанистичкото планирање и проблемите и сопките од планерите со кои се соочува Општината. Се истакна и проблемот на неажурираните податоци кои се имплементирани во ДУП-овите, немање попис на населението повеќе од 18 години, а со самото тоа и релевантноста на податоците. Фрапантен беше податокот соопштен од општината, дека бројките за бруто површина по жител се изменети во однос на ГУП-от, односно се дуплирани. Заложбата на сите присутни беше да се прифати иницијативата за распишување конкурс за локацијата „Треска“ кој треба да даде стручни, подобри и покреативни решенија на просторот. Дискусијата водеше во правец дека конкурсот треба да се организира многу внимателно и стручно, бидејќи конкурсите во последниве години беа лошо спроведувани, а комисиите недоволно стручни и следствено на тоа дадоа лоши резултати и нерални решенија. Неопходно е да се состави обемна и стручна програма без која е невозможно да се добијат квалитетни решенија. Комисијата да биде составена од повеќе членови од кои дел ќе бидат и составувачите на програмата, како истата доследно би се реализирала. Во состав на комисијата, меѓу другите да влезат и архитекти од Општината и Град Скопје. Конкурсот да биде на локално ниво, наградите да бидат достојни на професијата архитект. Усогласено е дека конкурсот нема да биде архитектонско урбанистички, туку само урбанистички проект, кој потоа ќе биде составен дел на ДУП „Буњаковец 2“. Решенијата кои ќе се понудат неопходно е да бидат функционални, да овозможат организација на просторот и објектите во рамки на реалните можности на локацијата, исполнувајќи ги сите стандарди за добро организаран простор во кој непречено ќе функционираат потребите за живеење, за паркирање, за јавни содржини наменети за сите жители. Напоменато е дека решенијата треба да содржат и фор проекти на објектите кои ќе дадат реална насока на согледување на локацијата и нејзините можности за  да може да прими соодветен број на жители, станови, паркинг-места, а и структура на станови соодветно Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање. Исто така се нагласи дека е неопходно да се добијат суштински издржани проекти, а не како што главно ни се случува последниве години, празни решенија, нерешени функции и простори со допадливи 3Д слики. За да не ни се случи споменатото неопходна е стручна комисија. Предвидено е организацијата на конкурсот да оди преку ААМ, помогната и од Општината. Програмата да биде внимателно зададена како не би се нарушило стекнатото право на сопствениците, но воедно поради сопственоста да не биде нарушено и правота на останатите жители за јавни простори, зеленило, пристап до своите домови, училишта, градинки и сè она што подразбира градското живеење. Е сега повторно стекнатото право кое е сопка во урбанистичкото планирање. На прашањето од архитектите до претставниците од општина, што е стекнато право, прецизен одговор нема. Од општината велат дека тоа може да се толкува на повеќе начини, но ниту еден не е јасно дефиниран. А архитектите велат дека и планерите, и инвеститорите, и општините досега покажаа дека под стекнато право подразбираат само квадратни метри. А стекнато прево се однесува на сите граѓани, под стекнато право се подразбира и право на соодветна инфраструктура и право на пристап, зеленило, капацитет на здравстевени и образовни установи соодветно на бројот на населението и секако стекнато право не еден, не значи одземање на стекнатото право на другиот. А урбанистичките планови токму тоа и го прават.

треска2_resize

На 41. Седница на Советот на Општина Центар, која се одржа вчера, точка 9 на дневниот ред беше токму иницијативата. По долги препирања остана точката да продолжи да се разгледува на наредната седница. Предлагачот -архитект, Даница Павловска иниситраше општината да прифати стручни лица да го планираат просторот, градоначалникот на општината поддржан од советниците од мнозинството бараше одлагање на оваа иницијатива. Ја нарече некомплетна и избрзана, велејќи дека се ставени пред свршен чин за заложба и иницијатива која била заедничка, дека ги видел потписите дента и не знае за што расправа. Рака на срце, градоначалникот на состанокот со архитектите беше известен кои се барањата и што е целта на конкурсот. Некој од советниците бараа и прецизирана програма, која ќе била дел од иницијативата, други се грижеа дека иницијативата значела дека сопствениците требало да се откажат од нешто што им било со устав загарантирано. И повторно веројатно мислат на стекнатото право, кое никако да се дефинира што значи. Како сопствениците се однесуваат и размислуваат за простоот имавме можност да видиме пред неколку дена на јавните презентации на плановите за Дебар Маало 2 и Маџир Маало. Однесувањето и начинот на размислување ни укажува дека ним урбанистичко планирање не им е ни потребно, според нив најдобро би било да нема планирање и секој да си гради на својата локација како најмногу му одговара.

Останува да се види дали советниците на наредната седницата, ќе продолжат да дискутираат ќе ја препознаат позитивната иницијатива и сите бенефити за градот кој од истата ќе произлезат, и ја прифатат. А потоа да се прецизираат и договараат условите и конкурсната програма, онака како што архитектите се договараа со градоначалникот. Сè со цел да се покаже дека истиот тој простор може да се планира на еден постручен, похуман и покреативен начин и сите да бидат задоволни од резултатот, и граѓаните и сопствениците на локациите. Исто така овој конкурс дава шанса да се покаже како позитивен пример, кој е добро да се следи при планирање на оној малку простор што преостана во градот. И секако дека проблеми ќе има и во дадениов момент идеални услови нема, но е начин да се почне од некаде за да конечно со стручност и знаење се застане на патот на лошото урбанистичко планирање и борбата за просторот кој се третира како плен.

Членови од закони и правилници со кои се озаконува лошото урбанистичко планирање

Член 3, од Правилникот за урбанистичко планирањ, став 4 гласи: „Сукцесивно зголемување на стечените права по основ на сопственоста на градежното земјиште, уредувањето на земјиштето и правата на градење, освен ако тоа не е спротивно на јавниот интерес и став 5 „Зголемување на вредноста на земјиштето, недвижнините и сите други просторни ресурси со плански одредби“!?

Но ова се толкува на погрешен начин и не е дефинирано што е стечено право, освен што се сфаќа како право на квадратни метри Сукцесивното зголемување на стекнатите права е општ политичко-правен принцип што се поставува како еден вид развојна општествена цел, но не важи како норма со задолжително применување, ниту пак може да се спроведува линеарно и рамномерно на сите планови и на сите локации.

Член 3 е обусловена одредба, односно принцип кој важи како водилка само во ситуациите каде што тоа не е спротивно со јавниот интерес.

Член 37, ГУП за Скопје, гласи:

Долж примарната сообраќајна мрежа во планската документација од пониско ниво, се дозволува по целата должина на сообраќајницата да се планираат линиски центри, со намена А, односно Б, односно В, или големини кои со своите параметри влегуваат во нумеричките показатели на четврта на која и припаѓаат.

Линиските центри треба да претставуваат логична целина со длабочина во четвртта до 25 метри, од обете страни на сообраќајниот коридор со можни тремови кои можат да излегуваат и надвор од регулационите линии коишто ја дефинираат сообраќајницата, но не преку линијата на пешачкиот дел од сообраќајниот профил.

Овој член овозможува изградба на монструозни објекти, како оној на „Настел“ на булеварот „Октомвриска Револуција“ во Карпош.

Испрати коментар

Scroll To Top