Електричните возила со години се сметаат за одржлива верзија на транспорт, во споредба со автомобилите со мотори со внатрешно согорување. Иако со значително повисока цена, електричните автомобили почетната инвестиција ја „балансираа“ со често бесплатното „гориво“, бидејќи бројни земји нудеа бесплатни станици за полнење и бесплатни паркинзи, со цел потенцијалните купувачи да се одлучат за возила кои се рекламирани како спас за животната средина. Исто така, високата почетна цена на електричните возила наголемо беше компензирана со разни субвенции, кои ја намалуваа ценовната разлика.
Но, со порастот на цената на енергентите, исплатливоста на електричните возила повторно стана предмет на анализи и дебати. Веќе се потребни повеќе средства за полнење, а истовремено бројни бесплатни станици за полнење почнаа да наплатуваат за услугата. Дури и големите продажни центри, кои им овозможуваа на купувачите бесплатно полнење на автомобилите додека пазарат во нивните објекти, исто така почнаа во голем амера да наплатуваат за оваа услуга. Последиците од растот на цената на електричната енергија се видливи во Словенија и во Хрватска, каде Petrol на своите станици ги поскапи услугите за полнење, а истото го стори и „Хрватска електропривреда“ на својата мрежа на станици за полнење на електрични возила. Дополнителен удар претставува и одлуката на низа земји да ги намалат или во целост да ги укинат субвенциите за купување на овој вид возила.
Потенцијалните купувачи од регионот и претходно беа изложени на повеќе предизвици по однос на купувањето на електричен автомобил, со оглед на нивната пониска платежна моќ во споредба со остатокот од Европа. Недостатокот на развиена мрежа за полнење е исто така сериозен проблем. Предупредувањето во врска со последиците од растот на цените на електричната енергија врз продажнбата на електричните автомобили, веќе го изнесоа повеќе автомобилски стручњаци од Германија. Растот на цените на електричната енергија, како и цените и достапноста на суроовините, хроничниот недостаток на делови и сеприсутното намалување на расположивиот приход наспроти растечката инфлација, имаат сериозно влијание врз производството и продажбата на електричните автомобили. Доколку таквите трендови продолжат, стручњаците предупредуваат дека ќе дојде до промена во ставовите на инвеститорите, кои нема да имаат поттик за изградба на станици за полнење, што повторно како во затворен круг ќе влијае врз привлечноста на електричните автомобили за потенцијалните купувачи. Од друга страна, бројни земји веќе воведуваат забрани за возилата со мотори со внатрешно согорување, и сосема е извесно дека иднината е во електричните автомобили. Секако, неопходно е да се надминат предизвиците со цел тие да станат достапни за поширок круг луѓе и во пократок период.