Насловна / Вести / Дали е на повидок глобална нуклеарна ренесанса?

Дали е на повидок глобална нуклеарна ренесанса?

На брегот на Сибир, недалеку од Алјаска, еден руски брод веќе четири години е закотвен на пристаништето. Станува збор за „Академик Ломоносов“, првиот пловечки нуклеарен реактор на светот, кој обезбедува енергија за околу 200.000 луѓе на копното, користејќи ја веќе технологијата од која денес се очекува нуклеарна ренесанса во многу краишта во светот – мали нуклеарни реактори (Small Modular Reactors – SMR).

Освен во посочениот комерцијален пример, споменатата технологија е исто така користена и во апликации под морската површина. Поточно, десетици подморници на САД се погонувани токму од SMR.

 

SMR – ПОБРЗА ИЗВЕДБА И ЕДНОСТАВНА МОНТАЖА

Малите реактори имаат далеку пониски инвестициски трошоци во споредба со класичните – големите нуклеарни реактори, побрза изведба и едноставна монтажа на локацијата. Во моментот САД, Русија и Кина се борат за доминација во изведбата и продажбата на ваквите системи на глобално ниво. Администрацијата на Бајден и американските компании имаат инвестирано милијарди во градењето на овој бизнис и во глобалното влијание. Засега имаат доста добар успех во југоисточна Азија, поточно во земјите кои се обидуваат да се оттргнат од поврзаноста со Кина, како и во централна и источна Европа, каде земјите кои зависат од рускиот гас се во незавидна ситуација по започнувањето на војната во Украина. Кина е лидер во развојот на нуклеарната технологија и изградбата на системите, додека Русија е речиси неприкосновена кога станува збор за обезбедувањето на гориво за овие системи. Иако SMR обезбедуваат помалку енергија споредено со традиционалните нуклеарни постројки, тие бараат и многу помал простор и може да бидат поставени на повеќе различни локации.

 

Повеќето земји имаат амбициозни цели во декарбонизацијата на нивните енергетски системи со цел справување со климатската криза. Ветерот и соларната енергија обезбедуваат најмалку 12 % од потребите на глобално ниво, а во некои земји или на пример во ЕУ како целина, тие „превагнуваат“ во однос на фосилните горива. Но, сепак, потпирањето на споменатите обновливи извори, според многу земји од ЕУ не е доволно за остварување на целите за декарбонизација. Спасот го гледаат токму во нуклеарната технологија.

Иако во ЕУ има и земји кои се категорично против нуклеарките и се декларираат како „Пријатели на обновливите“, значителен е и бројот на членови на новоформираната Алијанса за нуклеарна енергија. Практично, ставовите се прилично поделени. Декларацијата за нуклеарни електрани досега ја имаат потпишано 12 земји: Бугарија, Хрватска, Чешка, Финска, Франција, Унгарија, Холандија, Полска, Романија, Словачка и Шведска. Но, треба да се напомене дека Белгија, која претседава со ЕУ и во моментот е неутрална, исто така планира да го продолжи рокот на своите две нуклеарки. Во таа земја се јавува и иницијатива за инсталирање на еден мал модуларен реактор (SMR). Владата на Италија настапила само во својство на набљудувач, но и таа земја ја разгледува можноста за изградба на такви постројки. Слични планови имаше и Естонија, но сепак овојпат застана на страната на „Пријателите на обновливите“. Во групата земји „Пријатели нa обновливите“ се и: Холандија, Италија, Австрија, Данска, Германија, Грција, Шпанија, Ирска, Луксембург, Летонија, Малта и Португалија.

Несомнено, САД се обидуваат да им ја продадат SMR-технологијата и на земји кои досега воопшто немаат искуство со нуклеарни технолгии, односно да ги убедат дека SMR се одлична опција. На глобално ниво, изградбата на конвенционалните нуклеарни електрани значајно опадна после катастрофата во Чернобил во 1986 година, и повторно после Фукушима во 2011 година. Иако подоцна овој тренд доживеа промена, новите нуклеарки главно се градеа во Кина.

СТРАВОВИТЕ БЛЕДЕАТ

Додека изградбата на нуклеарни реактори во САД забави во раните 80-ти години од минатиот век, во Кина е забележан позитивен тренд. Глобално, изградбата на нови реактори значително забави после катастрофата во Чернобил во 1986 година.

Во изминатите децении, најголем дел од светот остана прилично резервиран во однос на изградбата на нови нуклеарки. Но, од Меѓународната агенција за енергија (IEA) велат дека нуклеарната ренесанса допрва претстои, посочувајќи ја како значајна 2025 година. Имено, тогаш неколку конвенционални постројки во Јапонија кои беа на пауза после Фукушима ќе бидат повторно ставени во погон, а повеќе нови реактори во Кина, Индија, Јужна Кореја и Европа ќе започнат со работа. Се чини дека децениските стравови околу безбедноста на нуклеарките започнуваат да бледеат и кај владите „превагнуваат“ бенефитите наспроти ризиците, не исклучувајќи го и проблемот со радиоактивниот отпад. Доколку навистина SMR успеат во јакнењето на популарноста на нуклеарната енергија, тие ќе бидат моќна алатка во борбата со климатските промени. На последниот глобален самит за климата одржан минатата година во Дубаи (COP 28), 25 земји се потпишаа зад заложбата за триплирање на глобалниот капацитет во нуклеарни реактори.

РУСИЈА И КИНА ПРЕДНИЧАТ ПРЕД САД ВО ПРОДАЖБА НА НУКЛЕАРНИ РЕАКТОРИ

Русија е водечка земја кога станува збор за продажба на својата нуклеарна технологија во странство со 19 реактори, главно конвенционални, кои во моментот се во изградба во седум земји (Кина, Индија, Бангладеш, Турција, Словачка, Египет и Иран). Кина во моментот има договори во странство за само два реактори, но дома гради реактори повеќе од која било друга земја. САД засега нема ниту еден меѓународен проект во изградба и се прилично агресивни во настојувањата да продадат SMR-реактори.

Свесни за доминацијата на Русија кога станува збор за нуклеарното гориво, и САД и Велика Британија работат на сопствено производство на нуклеарно гориво. Два развојни проекти за SMR, еден на X-energy во Тексас и друг на TerraPower на Бил Гејтс, имаат добиено владина поддршка за добивање на сопствено нуклеарно гориво до 2028 година. Огромен адут на САД е секако „покажувањето мускули“ во дипломатските кругови со цел да се добие оваа трка – што поголем колач на глобалниот пазар на SMR.

Секако главниот предизвик и натаму ќе биде цената на оваа технологија. Настрана од екстерните трошоци, борбата против климатските промени и сите други повисоки цели, главното прашање за комерцијална примена на оваа технологија и натаму ќе биде – дали производството може да биде поевтино од она на фосилни горива? Постројките на гас и јаглен се многу едноставни и евтини. Единствениот проблем на овие технологии е што се „валкани“. Единствениот проблем пак за „чистата“ алтератива во SMR е ценовната конкурентност. Во контекст на конкурентноста односно економската физибилност на овие проекти, од реномираната норвешка консултантска куќа Rystad Energy велат дека најверојатно ќе мине цела деценија до постигнување на навистина прифатлива економска исплатливост на овие проекти и нивно значајно учество во енергетскиот микс.

Испрати коментар

Scroll To Top