Современата уметност и теорија покрај одделни вредности што претставува симптом и последица на една долготрајна криза се наоѓа на маргините на македонската култура отсликувајќи ја општата летаргија во општеството. Дали е можно уметничко творештво во беда и сиромаштија, во земја на хаос и безнадежно општествено раслојување? Дали е можно творештво во земја во која царува незнаење и негрижа? Лошата кадровска политика има катастрофални последици и во институциите за современа уметност. Културата и уметноста се последна грижа на која било власт. Во време кога ништо битно не се менува, и кога прагматичните цели доминираат над духовните, што воопшто може да биде важно?
Со новите историски услови и состојби се менуваше концептот на визуелните уметности, разбирливо под влијание на светските уметнички движења добивајќи информации за нив преку брзиот интернет, по некоја книга или каталог. Покрај тоа се востанови практика која се објаснува со синтагмата „диктат на кураторите“ метода на работа која се провлекува триесетина години. Сорос центарот за современи уметности, со финансиската и материјална помош привлече одреден број уметници од помладата генерација кои скршнаа од својот творечки пат. Веднаш потоа згасна последната надеж дека ќе фатиме чекор со светските уметнички движења, илузија која се одржува до најново време без оглед што по престанување со работа на Центарот следеше период на крајно анемичен ликовен живот. Словенечкиот критичар Клемен Филе, за разлика од критичарите (од Центарот за современи уметници и Музејот на современата уметност) кои имаат позитивно мислење ќе забележи:„неоекспресионизмот и Сорос уметноста во голема мера се генератори за уметноста на ѓубрето“. Нашата критика, без оглед на создадениот дисконтинуитет има позитивна оценка, со мал број исклучоци.
Токму таков лош пример е луксузно опремената книга „Мултимедијална уметност во Македонија“ („Остен“,2017) која не е базирана на научни сознанија и критички пристап во обработката на разновидниот материјал. Меѓу авторите кои се игнорирани се наоѓа и Сашо Станојковиќ кој учествувал на белградскиот „Октомвриски салон“ и на други селектирани изложби во Австрија, Шпанија итн. Со нагласена екстремност се претставени примери на „женското писмо“. Втор бран на отклон и обезличување се случи во 2010 година кога уметниците, од помладите генерации (од финансиски и други причини) почнаа да работат на слики и скулптури, особено на нашиот невешт „монументализам“ по државна нарачка.
Во Музејот на современата уметност на Кале, една по друга се отворија две изложби конципирани од млади куратори, дел од нив гости на оваа институција, долги години обележена со неактивност. 12-тото Биенале на млади уметници остави општ впечаток на извесна свежина на одреден број автори, при што преовладуваат авторки кои своите дела ги изработиле во репродуктивни техники (главно базирани на фотографија) и со употреба на нетрајни материјали и готови предмети. Тие своето внимание го насочиле на идеја, добиена патем и можеби најмногу со симнување материјали од интернет, од некоја книга, каталог или списание. Темите се локално, некаде со призвук на универзално значење „загадувањето во широк спектар“. На тој начин се потврдува нашето истрајно „Трчање по Запад“, како и тврдењето на критичарот Лео Стајнберг дека „секоја уметност е под влијание на друга уметност“. Младите автори сакаат досетка, малку иронија и „умување“, дела кои констатираат, или документираат одредена општествена појава или аномалија, постфестум, што меѓу другото значи брзо застарување на информацијата во делото.
Нивната постапка се карактеризира со примена на колажирање или монтажа на разни материјали, во коректно „спакувана“ форма (како за изложба) со елементи распоредени на ѕидна површина или во просторот. Минимализмот и бестрасната дистанцираност од темата бараат текст или дополнително објаснение што во ова време на незаинтересираност за читање и образование може да ни се види апсурдно. По тој повод, за еден дел ни изгледа уверливо мислењето на критичарот Хилтон Крамер, а тоа е: „колку што е поминимална уметноста, толку помаксимално треба да се објаснува.“ Во ниедно дело не може да се почувствува гласот на автентична побуна и израз, дело кое ќе биде еманципирано од она што се нарекува „веќе видено“. Би укажал на минималистичките дела , еден вид „чиста“ ликовност на Анастасија Пандиловска и Јана Луловска („Аликвоти“,2017). Текстот по повод изложбата има општ карактер, со елементи на збрканост и нејасна претстава за тоа што во иднина треба да се прави. Секако,треба да се земат предвид претходните искуства, да се оствари добар увид и знаење за ликовната уметност ,а содржината на концептот да не биде резултат на следење на некаква апстрактна идеја од теоријата туку базирано на вредноста на создадените дела. Би укажал на следните остварувања: Никола Радуловиќ („Книгата на Склавин“), Зоран Шекеров („Титоизам; помеѓу носталгија и желба“), Игор Таневски („Релацијата помеѓу можностите на љубовта“), Дарко Алексовски („Пеперутки фатени нежно“), Ана Лазаревска („Пронаоѓање на единство во место на константна дуалност“), Ана Јовановска со инценираниот домашен амбиент итн.
Насловот на изложбата „Сè што ни е заедничко“, што опфаќа дела од повеќе автори од соседните земји, има општ карактер и малку конкретна поврзаност со изложените дела. Изложбата делува попречистено додека уметниците од странските земји, како и дел од нашите се познати како учесници на селектирани изложби во други центри. Во просторот доминира ред и прегледност со континуирано емитување на репетирани звуци и зборови кои со својата придушеност и монотонија потсетуваат на некое многу порано организирано Венециско биенале. Се издвои песната на детскиот хор „Колибри“од бивша Југославија, претставен визуелно на три вертикални паноа на авторката Ана Адамовиќ. Подиректен впечаток ми остави просторниот колаж составен од проекти на градот изработени по 1962 година на минатиот век и од подгорени листови кои преживеале пожар или друга непогода. Уништените материјали, што ги изложи Јане Чаловски го поставуваат прашањето на минливоста како и за грижливо чување на материјали кои сведочат и по нив се чита и препознава идентитетот на една култура и нација.
Посебен впечаток ми остави насликаното платно, единствено на изложбата на Билјана Ѓурѓевиќ. Станува збор на фигура на старец , со затворени очи и изнемоштен, ставен во количка од продажен центар насликан во стеснет клинички студен простор со плочки каде што висат црни каиши. На прецизен начин претставена е состојба на малку живот, но повеќе со здив на смрт што создава подалечно сеќавање на Ван Гог, како и на Жил Делез кој по повод сликарството на Френсис Бејкн забележал дека секоја фигура е „акумулиран“, „коагулиран“ впечаток (израз кој го употребил Сезан). На изложбата се застапени дела на познатите автори и авторки: Маја Бајевиќ, Шејла Камериќ, Албан Муја, Ахмет Огут, Мариа Пападимитриу, Рената Пољак, Анри Сала, Флака Халити, Ибро Хасановиќ, Иштван Ист Хузјан, како и на Жанета Вангели, Велимир Жерновски, Христина Иваноска, Славица Јанешлиева и Ѓорѓе Јовановиќ. Покрај одделни примери на ланд арт и на објектна уметност вниманието го привлекува низата „кабини“ во кои се одвива претставување на видеодела со различна тематика. Тоа се творби проследени со текст и опис, со карактеристики на контролирани или естетизирани форми на претставување одбрани „сцени од животот“ во кои се следат елементи на „сопствена сликовна логика“ (израз на Б. Бем). Повторувањето на сегменти од нарацијата и звуци создава впечаток на монотонија на воедначеност што го предизвикува медиумскиот филтер. Не постои напнатост меѓу сцените од суровата стварност и медиумската проекција, при што постои степен на тага и убавина, на дистанцираност и општо познати симболи на притаен немир. Поголем предизвик на моменти може да биде самиот чин на приоѓање и влез во полутемната просторија.
Уште неколку моменти од ликовниот живот во нашата туѓа средина. Само прашање е како е можно еден да гради, а друг да руши?! Зошто имаше неспоредливо побројна публика на изложбата на сликарот Петар Мазев (кој почина во 1993 година, на други познати сликари како и на Блаже Конески) отколку на изложби од овој тип за кои се вели дека поуспешно кореспондираат со сензибилитетот на денешниот човек?!
На ѕидовите на Архитектонско-градежниот факултет се испишани или отпечатени следните вербални и сликовни графити,одлево надесно:„Улица зелка“, „Студентски пленум“, „Шарена револуција“, потоа „Еден бубрег-еден семестар“ и на крајот лик на поетот „Караманов протестира“ итн. Факт е дека не успеавме да пронајдеме техника со која би ја неутрализирале омразата и загадувањето од секаков вид.
Големиот Блаже Конески, од некои вистински џуџиња наречен „џуџето“ од Небрегово видовито ќе ги испее следните стихови:
„Штом бунтот ќе го изобличи власта
Бунтовникот за почести се граба“ (од песната „Че Гевара“)
„Ќе дојде време на лажни пророци
Што божем во наше име
Ќе ве збираат по плоштадите,
Ќе креваат врева до небеси
Ќе се бувтаат во градите
Немојте да им верувате! (од песната „Лажни пророци“ (по евангелието)
Автор: Владимир Величковски