Додека седите на вашиот кауч и чекате да поминат рекламите, можете да добиете дизајн за вашиот нов дом за неколку секунди. Но, дали е тоа токму она што го сакате?
До одреден степен, ова е ветувањето на вештачката интелигенција – нејзината способност за неколку секунди да создаде стотици идејни решенија, генерирани од вашите текстуални упатства, сето тоа без потреба од обука, архитект или инженер.
Оваа можност звучи добро за пишување годишни извештаи, студентски трудови или списоци за пазарење, но дали навистина ќе го доверите обликувањето на вашиот животен простор на вештачката интелигенција?
Неизбежно е вештачката интелигенција веќе да игра одредени улоги во одредени фази на обликување проекти во архитектурата. Според извештајот на Кралскиот институт на британски архитекти, усвојувањето на вештачката интелигенција во тамошните архитектонски практики моментално изнесува 41 отсто.
Со оглед на тоа дека се очекува тој број да биде во пораст со текот на времето, неизбежно е ВИ да влијае на архитектурата и да го промени начинот на кој ги проектираме нашите домови.
Како се користи вештачката интелигенција во архитектурата?
Повеќето големи пракси веќе имаат експерти во оваа област, па дури и малите пракси експериментираат со користење на вештачка интелигенција, од ChatGPT до напредни алатки за визуелизација. Визуелизацијата е всушност најзастапеното поле на вештачката интелигенција.
Без разлика дали станува збор за дополнително уредување на постоечките визуелни прикази, со додавање на елементи како што се дрвја, луѓе, облаци или на постоечките прикази со вештачка интелигенција се „тестираат“ други опции во смисла на материјализација или дури се креираат потполно нови прикази, бариерата за влегување во ваков вид „проектирање“ е мношне ниска.
За оние кои не се архитекти или дизајнери, способноста да се генерираат такви слики обезбедува пристап до светот на дизајнот што никогаш порано го немале. Меѓутоа, за архитектите и дизајнерите оваа употреба може да биде проблематична.
Имено, според зборовите на предавачот и експерт за вештачка интелигенција, Мохамед Маки, ВИ веројатно „ќе го направи животот на архитектот вистински пекол“, додека клиентите, убедени дека тие го „создале проектот“, се обидуваат да го имплементираат она што вештачката интелигенција го „испроектирала“.
Проблемот е илузијата што се создава дека сè функционира како што треба затоа што изгледа реално. Проблемот лежи во тоа што постојат многу нешта повеќе што одат со проектот од самата слика.
Ќе преживеат ли архитектите?
Рендерот на објект не е проект затоа што архитектите трошат огромен дел од своето време правејќи се друго освен скици, односно идејни решенија.
Времето се користи за да се направат сите неопходни работи кои овозможуваат реализација на идејата, како што се комуникација со клиентот, управување со трошоците, набавка на потенцијални материјали, добивање дозволи, усогласеност со прописите и најмногу од сè, создавање на голем број технички цртежи и детали.
Оваа работа бара многу повеќе интелигенција и квалитативно расудување отколку што вештачката интелигенција моментално може да обезбеди. Сепак, вештачката интелигенција може да го унапреди процесот на изработка на проекти.
ВИ може да им помогне на архитектите во здодевните работи, за да можат архитектите целото свое време да го посветат на работата што ја работат најдобро, а тоа е работа со луѓе на нивните единствени проектантски решенија.
„Креативноста е вештина која се развива со текот на времето. Вештачката интелигенција не може да ја замени… таа е навистина само алатка“, изјави Мохамед Маки за ABC News.
Може ли успешно да се разликува добриот од лошиот проект?
Квалитетот на рендерот или проектот, дизајнот што го добивате од ВИ зависи исклучиво од влезот, врз основа на кој ВИ го генерира дизајнот. Според принципот „junk in – junk out“.
На луѓето кои не се архитекти или дизајнери на ентериер понекогаш им е тешко да разликуваат добар и лош проект. Неопходно е да се размислува за функцијата, материјализацијата и градежната регулатива.
Следната препрека е проценување на опциите што ги дава вештачката интелигенција. Со толку многу опции достапни за толку кратко време, кои притоа се убедливо претставени, како може обичниот човек да избере?
Ова повторно нè враќа на стручна проценка. Овој процес бара професионална обука и искуство, за навистина да се реализира добиениот проект и да се избегнат сите можни стапици при изградбата.
А чиј е всушност проектот?
Покрај сето горенаведено, вештачката интелигенција не знае што точно составува за да ги создаде вашите слики, кому му припаѓаат и дали е воопшто соодветно да се користат. Ова доведува до прашања кои немаат дефинитивен одговор, но веќе се тестираат во пракса, како што е прашањето за интелектуалната сопственост.
Како и социјалните мрежи, каде што не знаеме кој или што ги обликува нашите информации, не знаеме точно ни на кој начин се обучува алгоритам за вештачка интелигенција. Колку е интерфејсот попристапен за почетници, толку повеќе претпоставки се вградени во генераторот за да се олесни интеракцијата.
Интересно е да се размисли и за тоа дека одредени брендови се појавуваат преку дизајните што ги добивате преку вештачката интелигенција.
Промените се на повидок
Додека некои тврдат дека пристапот до ВИ е идеален, бидејќи ги заобиколува трошоците за архитект и сите други вклучени инженери и професионалци, многумина не би се согласиле.
Наместо да се фокусираме на луѓето, сè се врти околу рендери, околу ветувања за ефикасност и намалување на трошоците, кои всушност доведуваат до вистински проблеми кога започнува физичката изградба.
Значи, иако постои можност за многу луѓе да почнат да замислуваат што се е можно и да се вклучат повеќе во процесот на проектирање, што е одлична работа, архитектите се чини дека засега се на сигурно.
Вештачката интелигенција е навистина добра работа и е во фаза на дополнителен развој и ако оди во вистинската насока – на повидок се вистински промени.
На крајот на краиштата, архитектите ќе користат вештачка интелигенција како дополнителна алатка во нивната работа, исто како што сега користат CAD, BIM и слично.