Според анкетата на Eurobarometer од 2018 година, дури 61% од испитаните граѓани на ЕУ навеле дека наишле на незаконски содржини на интернет, а речиси две третини откриле дека таму се чувствуваат небезбедно. Тоа била една од причините Европската Комисија да осмисли нов сет на правила за побезбедно присуство на интернет. Т.н „Акт на дигитални услуги“ (DSА) е усвоен во јуни 2022 година. Одредени делови од овие прописи започнале да се применуваат во ЕУ во август 2023 година, а на почетокот на оваа година започнала нивната полна имплементација. Новите прописи се наменети за контрола на „многу големите онлајн пребарувачи“ (VLOSE) и „многу големите онлајн платформи“ (VLOP), односно оние кои во просек имаат над 45 месечни активни корисници во ЕУ.
На сајтот на Европската Комисија, означени се 23 субјекти како VLOP, односно VLOSE. Тоа се продавниците AliExpress, Amazon Store, Google Shopping, Zalando и Shein; пребарувачите Google Search и Microsoft Bing, продавниците за апликации Apple App Store и Google Play; социјалните мрежи LinkedIn, Facebook, Instagram, TikTok, X (поранешен Twitter), Pinterest и Snapchat; платформите Google Maps, Google YouTube, Booking и Wikipedia; како и три претставници на содржини наменети за возрасни.
За Западен Балкан кој е во процес на ЕУ интеграции, не е познато кога ќе почнe да важи DSA или дали ќе се воведат некои национални прописи кои ќе ја регулираат безбедноста онлајн. Покрај тоа, моментално е нејасно дали VLOSE и VLOP имаат обврска да ги третираат земјите кандидати за членство во ЕУ, на ист начин како и државите членки. Иако Западен Балкан веројатно ќе мора да имплементира прописи налик на DSA, не е извесно како ќе изгледа спроведувањето на обврските во регионот. ЕУ сеуште нема дадено јасни насоки за државите кандидати во врска со DSA, но, според постоечките рамки, земјите кандидати за членство ќе мора да ги усогласат националните закони со прописите на ЕУ. Имајќи ја во предвид состојбата на „домашниот интернет“, кон оваа задача во регионот би требало да се пристапи што поскоро.