Креативниот дизајн на ентериерот е сè, само не едноставен. Неопходно е да се запазат многу параметри како би се обезбедиле поволни услови како што се безбедносни регулативи, функционален простор, избалансираност на корисен и слободен простор, да им се овозможи на гостите и на персоналот дизајнот на ентериерот во ниту еден момент да не го наруши престојот и функционирањето на просторот. Добриот ентериер придонесува за ресторанот и неговата атмосфера онолку колку и добрата храна, пијалaк и музика.
Таков е ресторанот Daily Food&Wine, дел од семејството на групацијата „Тинекс“, кој всушност е дел од новиот трговски центар „Лиса“ во Општина Аеродром.
Ресторанот Daily Food&Wine е сместен на првиот кат од трговскиот центар на површина од 360 квадратни метри во стаклениот аголен елемент како најдоминантен сегмент на објектот, а продолжува во пространа тераса на површина од 280 квадратни метри, наткриена со лачен кров покриен со алуминиумски панели носени од внимателно дизајнирана челична конструкција. Ентериерот на ресторанот е изработен од архитект Маргарита Милевска и дише со еден урбан, современ дизајн, одмерен и пријатен за престој.
Стилски, ентериерот го обликува модерен дизајн со пријатни детали и визуелни моменти. Декорот од елементи изработени од дабово дрво и облоги од чамово дрво нијансирано во повеќе тонови на столбовите и подот овозможува потребна топлина и дава чувство на дом, додека челичните, кожни и кадифени елементи на мебелот слоевито се интегрирани во просторот.
Употребата на повеќе меѓусебно складни бои (или употребата на сината, окер и светлосивата боја на мебелот или столовите) во комбинација со дрвените облоги и подот придонесуваат за топол и пријатен амбиент. Подот е од гранитни плочки со дрвен дезен кој е пресликан од подовите на Версај со што на локалот му дава една елегантна, класична нота.
Дел од ѕидовите се обложени со гранитни плочки, чии димензии се одбрани како димензиите на класичната тула, повторно за да се доближи оној пријатен домашен амбиент исто како и парапетот на шанкот кој ги пречекува гостите на влезот и паѓа во очи како заеднички простор, местото за сите.
Црните метални профили, носачи на дрвените полици и ногалките на масите даваат тон на индустриски дизајн. Кујната е отворена, транспарентна, достапна, на дофат на рака, што уште повеќе придонесува на пријатната атмосфера и создава интеракција помеѓу персоналот и гостите.
Користени се главно боите на природата, зависно од потребата и моментот, одвреме-навреме разбиени и разиграни со тиркизно-сина боја на столовите или смирени и продлабочени со понекој црн ѕид.
Осветлувањето создава уште попогодна атмосфера во ресторанот. Различната форма и должина на лустерите ги дефинира местата за седење, ги осветлува и внесува динамика во просторот, и со бојата на светлината, и со својот специфичен облик.
Аголниот елемент на објектот во кој е сместен Daily Food&Wine е стаклен кубус во темносива боја. Стаклената обвивка на ресторанот е испресечена со алуминиумски ленти кои даваат асиметрична нијанса, овозможен е поглед на околината, а воедно бојата заштитува од надворешните погледи и ја менува својата нијанса во зависност од денот и ноќта.
Daily Food&Wine спонтано преминува на пространата тераса која е во визуелен склад со внатрешниот простор.