Spire of Dublin или „Даблинска игла“ е впечатлива туристичка атракција во средиштето на главниот град на Ирска. Станува збор за споменик висок 121 метар, со маса од 126 тони, кој се наоѓа на местото на некогашниот Нелсонов споменик, уништен во 1966 година.
Поставувањето нa „Даблинската игла“ се случило како резултат на повеќемилионската обнова на улицата O’Connell, која започнала на крајот на 90-тите години од минатиот век, а која со години пропаѓала и била исполнета со ресторани за брза храна и евтини продавници за пластична стока. Во очи на новиот милениум и економскиот подем на Ирска, властите одлучиле да му подарат нов, поурбан и поубав изглед на центарот на Даблин – запуштените зелени површини се исто така санирани, дел од сообраќајот е пренасочен, градските фасади се обновени, а на меѓународниот конкурс е избран проектот за „Даблинската игла“ како монументален споменик кој ќе биде поставен во самиот центар. Елегантниот и динамичен изглед на „Даблинската игла“ кој на едноставен начин ги спојува уметноста и технологијата, е осмислен од страна на компанијата Ian Ritchie Architects, додека изведбата е дело на Radley Engineering, SIAC construction и GDW Engineering. Споменикот е направен од осум меѓусебно поврзани сегменти од нерѓосувачки челик. Има дијаметар од три метри во основата, кој постепено се намалува до само 15 сантиметри. Во нејзината изградба се потрошени околу 4 милиони евра. Низ годините, „даблинската игла“ добила многу досетливи прекари – од Stiletto in the Ghetto, до Pin in the Bin. Најпознат меѓу нив е An Túr Solais (Споменик на светлото), бидејќи кога ќе падне мрак, осветлувањето на овој споменик создава прекрасна глетка на панорамата на Даблин.