Насловна / Вести / Да се погледнеме и да проговориме за нашиот професионализам

Да се погледнеме и да проговориме за нашиот професионализам

Христина Спасевска, универзитетски професор на ФЕИТ и претседател на Асоцијацијата на здруженија на инженерите – Инженерска институција на Македонија: „ Бидејќи сите инженерски професии не се регулирани со закон, индивидуалниот професионален ангажман и однесувањето на инженерите оставаат белег на тоа како се перципира фелата во целост“.

IMG_9438_resize

Инженерската институција на Македонија е најстаро здружение во државава, постои 100 години. Кој членува во Инженерската институција на Македонија и кои се Вашите активности?

Инженерската институција на Македонија е единствената професионална, непрофитна и невладина организација што ги обединува инженерите од нашата држава преку нејзините членки, а тоа се 20 здруженија од сите области на инженерството.

Првото здружение на македонските инженери и архитекти е основано на 21 март 1920 година во Скопје, кога педесетина инженери и техничари се одвојуваат во посебна секција од Здружението на југословенските инженери и архитекти. Оттогаш здуржението се менувало и реорганизирало согласно општествените, економските и политичките случувања, за да денес прерасне во модерна инженерска асоцијација, членка на Асоцијацијата на европските национални инженерски организации и членка на Европската организација на млади инженери.

Нејзина основна цел е организирано дејствување на инженерите при етаблирање на нивната улога во општеството и придонес во интердисциплинарната соработка, што овозможува развој на науката и на новите технологии во државата. Поради овој придонес во 2016 година, нашата организација го доби највисокото национално признание – Повелба на Република Македонија.

image 2_resize

Посветена на подигнување на свеста за родовата еднаквост, Инженерската институција на Македонија, секоја година со ЕВН, е организатор на Меѓународната конференција за жените во енергетиката и индустријата.

Во работењето на Инженерска институција на Македонија особено се акцентира промовирањето на инженерството кај младите за нивна поголема професионална ориентација кон техничките факултети. Токму затоа Инженерска институција на Македонија веќе 16 години, на почетокот сама, а од 2012 година заедно со Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на претседателот на државата, го доделува признанието Инженерски прстен на најдобрите дипломирани инженери. Признанието досега го имаат добиено 170 инженери кои сега се врвни експерти или универзитетски професори во земјата и странство.

Во рамките на Инженерска институција на Македонија работат и Клубот на носители на инженерски прстени и Клубот на млади инженери. Наша цел е токму преку поддршката на младите, да овозможиме одржливост на нашата организација, што е и мото на овогодишниот  јубилеј: „Еден век соработка за одржлив развој“.

100 години ИМИ_resize

Што значи оваа асоцијација за инженерите и за Македонија и што е направено низ овој век во македонската индустрија?

Професионалниот ангажман на инженерите, независно дали е академски или стручен,  секогаш е строго дефиниран во зависност од активностите или од проектите што треба да се реализираат по поставени правила и процедури, секогаш правејќи оптимизација помеѓу идејното решение и реалната употребна вредност. Она што оваа професионална организација, како невладина и непрофитна, може да придонесе е дефинирањето на генералните начела и правилата по кои инженерите треба здружено да дејствуваат, особено кога станува збор за суштинските прашања за развојот на општеството и потребите на граѓаните. Впрочем во овој еден век на дејствување многу пати инженерската фела, преку оваа организација, ги застапувала интересите на граѓаните. На пример во 1925 година на Собранието на Здружението на југословенските инженери и архитекти, македонските инженери со резолуција побарале да се подобри електрификацијата и сообраќајната инфраструктура во тогаш т.н. „јужни краеви“, но и да се отворат нови рудни наоѓалишта.

Во 1945 година, согласно заклучоците на АСНОМ, почнала да дејствува како Друштво на инженерите и техничарите со цел да одговори на поставената задача – од аграрна земја, македонската држава да се индустријализира. Сведоци сме дека во тој период се направени најголемите индустриски капацитети и комуникациската инфраструктура.

По формирањето на самостојна Република Македонија во 1991 година, една од наjбитните задачи на инженерските здруженија е нивно етаблирање во меѓународните струкови организации, но и ангажманот во здржувањето на младите инженери во земјата.

DSC00295_resize

Во 1962 година се основа и Суд на честа во склоп на здружението на инженерите. Што значело тоа? Потребен ли ни е ваков Суд денес?

Бидејќи сите инженерски професии не се регулирани со закон, индивидуалниот професионален ангажман и однесувањето на инженерите остава белег на тоа како се перципира фелата во целост. На пример, во архивските документи се кажува дека Судот на честа треба да го  разгледува и казнува однесувањето на некои инженери кои работат државна работа, а сепак примаат хонорари за приватни ангажмани.

Дали треба да има таков Суд денес? Секако! Можеби не како формална структура, но како фела треба, така како што нè учеле нашите професори и постари колеги, да се погледнеме и да проговориме за нашиот професионализам. Затоа што критиката на неетичното однесување може да биде само добар начин кон подобрување. Технолошкиот развој на општеството, стремењето кон брза заработувачка, без да се испорача квалитет, секако води и до нарушување на основните инженерски начела и предизвикува нелојална конкуренција, што секако треба да биде разобличена.

DSC00293_resize

Последната новина што ја воведовте се сертификатите за работници кои работат во градежниот сектор, а кои имаат познавања од енергетска ефикасност. Што значи ова, како се добива сертификатот и зошто се воведе?

Инженерската институција на Македонија последните неколку години се стреми кон активности кои се сосема поразлични од досегашните, па својата самостојност и одржливост ја остварува со вклучување во меѓународни проекти. Таков е и проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“ во програмата Хоризонт 2020 на Европската комисија. Во рамките на овој проект е направена сертификација на инженери, техничари и работници од градежниот сектор за познавања од областа на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија, со специјален акцент на сончевата енергија. Сертификацијата на нивните вештини е во согласност со европските директиви за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Околу 400 поединци се стекнаа со сертификати за вештини преку обуки, а уште толку треба да се стекнат преку процесот на препознавање на претходните знаења и вештини. Овој процес е многу значаен во градежниот сектор како специфична гранка, каде што голем дел од работниците немаат формално  образование, а своите вештини ги стекнале преку работа, па на овој начин ќе имаат документ кој сведочи за нивните стручни квалификации.

Што значи сертифицирањето на работниците за домашните компании?

Во секој случај компаниите коишто имаат работници со документи за нивните компетенции и вештини се поконкурентни на пазарот на трудот, иако кај нас тоа не е  критериум за добивање работа. Но, во европската директива за јавни набавки е нотирано дека при конкурирање на тендери потребно е градежните компании да имаат работници сертифицирани за енергетска ефикасност. Во Македонија, согласно Законот за енергетика во најскоро време треба да се подготви база на сертифицирани инсталатери на обновливи извори на енергија и само тие компании што го имаат овој тип на работници ќе може да градат објекти со обновливи извори на енергија.

LES_0716_resize

Последниве години сведоци сме на сè поголемиот одлив на квалификувани работници од нашата земја во Европа. Кои категории работници се најбарани? Овозможува ли сертифицирањето уште поголемо одливање на квалификувана работна сила во странство?

Проблемот со одлив на квалификувана работна сила го имаат не само државите во развој, како што е нашата, туку и високоразвиените земји. Кога на европско ниво се дебатира на оваа тема, веќе не се употребува терминот „одлив“, туку терминот „движење“ на работната сила. Секако најбарани се работниците кои имаат вештини од новите технологии.

Веднаш по започнувањето на нашиот процес за сертифицирање на работниците, дел од јавноста имаше мислење дека на тој начин ќе им се даде можност да заминат од државата. Движењето на работната сила е процес, иако е поизразен во земјите во развој, сепак тоа не значи дека да застанеме со образованието, тренингот и сертификацијата на работната сила. Впрочем, како ќе се развива економијата во секоја држава, зависи токму од тоа дали има квалификувана работна сила.

Дали сертифицирањето ќе се прошири и на инженерите?

Токму во проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“ од страна на проектниот тим на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ се разви методологија за препознавање на знаењата и вештините на инженерите, што е направена согласно европските стандарди. Сертифицирањето на инженерите со работно искуство е многу значајно бидејќи на тој начин, тие ќе може да имаат уверение за своите познавања што ги стекнале во пракса, особено сега кога користат нови технологии кои не постоеле во текот на нивното студирање.

IMG_4860_resize

Инженерската струка во светот се развива многу брзо со сè повеќе нови технологии. Каде сме ние во светски рамки?

Како универзитетски професор можам слободно да кажам дека нашето формално образование ги следи светските трендови во науката и новите технологии. Она што видно недостасува да бидеме подобри е недоволната развојна компонента при примената на нашите научни достигнувања, што се должи на малата соработка помеѓу универзитетите и компаниите, која се надеваме ќе се подобри со средствата што се обезбедуваат преку Фондот за иновации и технолошки развој.

Работата на нови научни достигнувања и нивна имплементација бара сериозни финансиски средства. За жал, години наназат националниот буџет за истражување сè повеќе и повеќе се намалува и единствен начин за финансирање се европските фондови, за кои конкуренција ни се европските  универзитети и истражувачки центри.

DSC_0454a_resize

Кој сегмент од инженерската професија е најбаран како кај нас така и во светот? Во која област од широкиот спектар инженери сме најконкурентни?

Не е далеку времето кога компаниите побаруваа тесно специјализирани инженери, кои многу брзо ќе заштедат време и средства во дефиниран производствен процес. Големите светски корпорации сè повеќе ја напуштаат оваа стратегија и сега бараат широко образувани инженери со одлични теоретски познавања, за да може да се прилагодат на која било работна задача, а истовремено да анализираат и иновираат. Тука спаѓаат и инженерите што се образувани интердисциплинарно, со особени познавања од природните науки.

Кога станува збор за тоа кои инженери се најконкурентни, како професор на ФЕИТ, можеби ќе бидам малку пристрасна, но тоа се инженерите од ИТ-секторот, автоматиката и енергетиката.

За која инженерска област најмногу се заинтересирани младите, каде највеќе се насочуваат?

Младите секогаш се прагматични и повеќето од нив ја избираат својата професија следејќи ја побарувачката на пазарот на трудот и перспективноста. Последниве години сè повеќе млади студираат инженерство, особено оние најатрактивните струки, како што се ИТ, автоматика и енергетика, иако има сериозен број студенти и на другите. Едноставно, рангот на заработувачка, типот и условите за работа се пресудни фактори за нивното професионално определување.

NO1_9563_resize

Испрати коментар

Scroll To Top