Насловна / Архитектура / Да се ИМА или да се БИДЕ! Прашање е СЕГА!

Да се ИМА или да се БИДЕ! Прашање е СЕГА!

„Да се има или да се биде? – е една од клучните книги на втората половина на 20 век. Ништо помалку од манифест за нова социјална и психолошка револуција за спас на нашата загрозена планета, оваа книга е резиме на продорната мисла на Ерик Фром (1976). Неговата теза е дека два начина на постоење се борат за духот на човештвото: режимот на поседување, кој се концентрира на материјални добра, моќ и агресија и е основа на универзалните зла на алчноста, зависта и насилството; и режимот битие, кој се заснова на љубов, задоволство од споделување и продуктивна активност.“

Моето „влегување“ во не баш пријатната улога на член на Комисија за урбанизам на Општина Центар, беше само и само затоа што верувам во „режимот битие“, или да биде појасно како што тоа го дефинира Е. Фром „кој се заснова на љубов, задоволство од споделување и продуктивна активност.“ Можеби се чини чудно еден архитект и професор на архитектонски факултет, да биде воден од вакви идеи и верувања, но моите длабоки убедувања се дека тоа и само тоа е тоа што може да нè чини човек, професионалец и учител. Не може да бидете во овие улоги ако не верувате во доброто за сите, во благородни идеи за еднаквост, правичност, потреба од споделување, љубов кон човекот и љубов кон својата околина, но и љубов кон својата професија!

maxresdefault

Преточено во професионален јазик: Јас верувам дека креирањето урбани политики, урбанистичкото планирање, уредувањето на просторот, архитектонското проектирање, но и раководењето со градот, единствено е можно само ако веруваме во право на секој за квалитетен градски простор и здрава и чиста животна средина, како и активно вклучување на секој чинител на процесот на донесувањето одлуки и спроведување.

Поаѓајќи од своите убедувања, делејќи ги истите вредности со тогашната претседателка на Советот Јана Белчева-Андреевска и на градоначалникот Саша Богдановиќ, од Општина Центар тргнавме во своевидна авантура во достигнување, сега гледаме, многу високи цели!

Целите се „избистрија“ во активна соработка со граѓанската иницијатива „За одбрана на Дебар Маало“, подоцна и „Здравје пред профит“, изборната програма на градоначалникот и нашите и моите сопствени убедувања за тоа како треба да се планира и уредува градскиот простор во служба на граѓаните. Основните поставки и цели ни беа:

sansa-za-skopje-7

  1. Граѓанинот на прво место!
  2. Здрава и квалитетна градска средина!
  3. Вклучување на сите чинители во процесот на планирање!
  4. Вградување на сите сознанија (снимки, податоци, студии, стратегии, изработени планови, проекти, и сл.), при креирање политики и одредување насоки за идно планирање и изградба!
  5. Вградување на сите достапни стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и проектирање!
  6. Вклучување на сите општински сектори во урбанистичко планирање и меѓусекторска координација и соработка!
  7. „Отворено планирање“ – планирање и проектирање преку професионални конкурси!
  8. Креирање „Визија-Центар 2030“!

ПОЈАСНУВАЊЕ:

1.       Граѓанинот на прво место!

Општото добро на граѓаните е нешто за кое многу се дебатира, но од претходните сознанија (јас лично претходно во улога на член на неколку комисии кои одговараат на анкетните ливчиња на граѓаните и на институциите по спроведената Јавна презентација и анкета) се воочи дека овој „чекор“ во процесот на донесување урбанистички планови, е задоцнет и се земаат во обѕир само оние кои тука живеат и поседуваат имот на таа територија, или се заинтересирани инвеститори, или се некоја институција која по службена должност мора да дадат насоки и свое мислење. Правото на коментирање и поставување барања на останатите им се ускратува по разни основи. Но, уште пострашно е што „гласот на разумот“, односно реакциите на граѓаните, а и на професионалците, за многу прашања кои ги засегаат сите кои живеат на таа територија, но и пошироко, не се зема во обѕир. Повеќе се слушаат „агресивните“ и сопственици и инвеститори, и нивното право на градење го загрозува правото на сите останати. Затоа за мене, за нас, беше поважно и најважно правото на секој граѓанин во служба на подобра градска средина за целата заедница. Тешко дофатлива цел и за жал ние немаме таква култура!

pocetok-na-kampanja-4

2.       Здрава и квалитетна градска средина!

Насетував/ме дека во многу од плановите не се третира доволно прашањето на здрава и квалитетна градска средина. За жал, тоа ни се потврди и тоа во размери кои беа шокантни! Се воочи дека воопшто се нема изградено знаење, ниту критериуми, па ниту волја, да се размислува и планира во таа насока. Скоро сите урбанистички планери, со потсмев реагираа на нашите барања да се одговори на овие прашања или при поставување насоки како да се постигне тоа. За мене, како професор на предмети по урбанизам, а и на предмет Одржлив урбан развој, ова беше премногу поразително. Просто се прашував каде ни „забегала“ струката! На толку ислушани урбанистички, па и проектантски предмети, да не се изгради чувствителност кон овие прашања, ме разоружи тотално. Професионалците, имајќи ги предвид овие прашања, дури и забораваат дека се граѓани и дека и тие некаде живеат и сигурно им смета колку е загадено, валкано, загушено, изградено, ги нема достапни сите услуги и нема доволно јавен простор!

urbanisticka-vizija-za-debar-maalo-10

3.       Вклучување на сите чинители во процесот на планирање!

Евидентно беше, по реакциите и на архитектите, и на планерите и на граѓаните, дека вклучувањето на сите чинители не е пропишано, ниту се спроведува на соодветен начин. Чинителите ги препознаваме како: граѓани-сопственици-инвеститори-стручњаци-службеници-планери-политичари, но и како академска заедница. Сите овие треба и мора да бидат вклучени од самиот почеток и тоа од креирање визија за развој на општината/градот/државата, поставување генерални цели, преку изработка на интегрална и сеопфатна стратегија, секторски стратегии, акциски планови, планирање, но не само урбанистичко туку и социјално, економско, еколошко, па сè до конкретно изработување урбанистички планови и изградба. Напорите тука беа да се делува и на законската регулатива, и на информирање и поттикнување да се отворат прашањата, да се информираат сите чинители, да се користат разни достапни, но и да се креираат нови услови за отворени дебати, обуки, работилници и сл., сè со цел поактивно вклучување во сите нивоа/чекори на процесот. Секој има право да знае што и како ќе се случува во градскиот простор, како и право да учествува и одлучува! На многу колеги им треба подигнување на свеста и на знаењето во оваа област и обуки. Комората на овластени архитекти тука исклучително може да помогне, а и ЗЕЛС. Сметав/ме дека и активирањето на урбаните заедници може да е почетната позиција во градење вештини на граѓанско учество и добивање, но и разменување информации важни за збогатување на процесот на урбанистичко планирање. Но, иако постојат не се активирани или не функционираат. Таканареченото „Партиципативно планирање“ е нешто за кое ниту се слушнало, а и не сака да се слушне!

urbanisticka-vizija-za-debar-maalo-9

4.      Вградување на сите сознанија (снимки, податоци, студии, стратегии, изработени планови, проекти, и сл.), при креирање политики и одредување насоки за идно планирање и изградба!

Фрустрирачко е сознанието колку не се користат сите изработени снимки, анализи, стратегии… односно изработени документи кои многу може да помогнат во креирањето на политиките и изработката на програмите и урбанистичките планови. Урбанистите за жал работат по системот ископирај/залепи! И воопшто не се ни занимаваат со предметниот плански опфат, ништо не знаат за него, никогаш не го посетиле, не ги интересира ниту еден друг документ кој се однесува на самиот простор и на неговата непосредна и поширока околина! Поразителен однос на професионалци! Целиот сет на стратегии и документи, како: ЛЕАП, ЛЕР, Стратегија за справување со климатски промени, Стратегија за млади, Стратегија за спорт, и многу други, се изработуваат само затоа што треба да се изработат по опис на ингеренции на локалната самоуправа, а и на државата. Урбанистичкото планирање знае само еден закон и што има во него, и толку!

5.       Вградување на сите достапни стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и проектирање!

Воспоставена е пракса на користење минимум стандарди и нормативи и тоа само оние пропишани порано со Законот за просторно и урбанистичко планирање, а сега Закон за урбанистичко планирање и нивните подзаконски акти, односно правилници. Но, и покрај барањето за одредување мерки по специфични прашања (мерки за заштита на природата, природното наследство и животната средина, мерки за справување со климатските промени, мерки за справување со отпад, мерки за одржлива мобилност и безбедност во сообраќајот, мерки за заштита од разурнувања, мерки за заштита и спасување од природни непогоди (земјотреси, поплави, лизгање на земјиштето, снежни лавини и наноси, пожари и друго), мерки за заштита на недвижното културно наследство, мерки за озеленување на населбите и нивната околина), за нив само се наведува службениот весник во кој се наоѓаат правилниците кои се однесуваат за нив, без никакво препознавање на конкретни и специфични мерки и насоки. Уште повеќе владее и се работи по убедувањето дека ниту еден друг стандард и норматив не треба да се почитува и вгради, ако не е пропишан во Законот и во Правилникот за урбанистичко планирање. Сè што се учело на факултет, не важи, струката е поништена сосема, па во кисела шега си велиме дека нотар може да го спреми урбанистичкиот план (без навреда). Поразителна состојба! Од друга страна има разидување помеѓу планерите, едни ја форсираат идејата дека не требаат многу опширни и обемни правилници со стандарди и нормативи, а спротивно на тоа, други бараат сè да се пропише. Но, генерално сите не баш многу сакаат да ги читаат, вградуваат и почитуваат!

urbanisticka-vizija-za-debar-maalo-1

6.       Вклучување на сите општински сектори во урбанистичкото планирањето и меѓусекторска координација и соработка!

Евидентирана е потреба од добивање информации и од други сектори, но главно не соработуваат по ниту една основа. Секторите имаат канцеларии едни до други, службениците пијат заедно кафе, одат на појадок, слават родендени и празници заедно, но никој не знае, ниту пак покажува желба да знае, што работи другиот. Дури воспоставена е пракса и да си ги кријат документите. Така не се добиваат податоци: за потребите во образование, во здравство, социјала, колку деловни субјекти има, кои се економските бенефити или пречки, што треба за култура, млади, спорт. Локалната самуправа е сосема „раштимана“ или подобро, сосема „расклопена машина“. Најголеми проблеми се увидоа во немање податоци за легализација и изводи или одобренија за градба. Урбанистичкиот план се работи со години, а потоа фрлате сè поради сознанија дека таму веќе се изградило или легализирало нешто или сл. Има проблем и во соработката со секторот каде се најголемите инвестициони проекти, каде паралелно се изработува и гради, а за тоa се нема никаква информација. Поразително!

maketi-dup-centar

7.       „Отворено планирање“ – планирање и проектирање преку професионални конкурси!

Но, една од најголемите битки, беше битката за воспоставување пракса на распишување конкурси! Сметавме дека само така ќе се „отвори“ урбанистичкото планирање, ќе се овозможи отворање дебата какви простори ни требаат, ќе се добијат квалитетни решенија, ќе се отвори можност за подобра архитектура, поквалитетен градски простор. Но, како сите да сакаат декларативно, но никој во суштина. При реализацијата се наиде на многу пречки, сопки, отпор, подметнување, претекување, па ете дури и Уставен суд се најде да брани некои инвеститорски потреби! Архитектите, како и секогаш со многу различни ставови, многу префрлање вина и злонамерни коментари, а многу малку практична и конкретна помош и лично вложување. Секако имаше и такви што помогнаа, но генерално е многу зборување, малку делување. Некако и се очекува премногу од градоначалникот и од локалната самоуправа, но за ова треба сериозен ангажман и од ААМ и од Комората на овластени архитекти. Со лични заложби од нас малкумина, препознавме неколку исклучително важни локации за кои сметаме дека мора да се планираат и проектираат според квалитетни конкурси и решенија. На пример, ги одредивме локалитетите: Ф-ка Треска; Ново Маало 2 (некогашен Републички центар); СРЦ Кале со Парк 2, па дури и Мал ринг, Градски ѕид и сл., на кои им треба сериозно преобмислување. Идејата беше дека се интересни и неколкуте останати неразвиени делови од Општина Центар, како: Крњево, Маџир Маало… Идеи големи, можности никакви! За жал дојде отпор најмногу од архитектите кои работат за големи инвеститори и се разбира од самите инвеститори. Скоро сите урбанистички планери сериозно се влезени во деловни односи со инвеститорите, кои скоро по правило имаат по некоја спорна локација во секоја градска четврт и не само во Општина Центар, туку по цела Македонија. „Профит пред сè“ е нивното мото! Во овие „односи“ се влезени лица од скоро сите институции од државата. Против ова немаме доволно сила и поддршка, секако!

urbanisticka-vizija-za-debar-maalo-16

8.       Креирање „Визија-Центар 2030“!

Најблагородната идеја која ја имавме, а беше почетна точка во поставување и реализација на целите, беше креирање „Визија-Центар 2030“! Мојата професионална улога е наставник кој ги подготвува идните архитекти за креирање ВИЗИИ за град според принципите на одржлив развој! Поимот „одржлив урбан развој“ им е очигледно близок на многу широк круг на стручњаци од разни области, но на нашите колеги архитекти и планери, НЕ! Благородната идеја беше да направиме една таква визија, а од неа стратегија и акциски план, опфаќајќи ги основните одржливи аспекти од економската, социјалната и еколошката сфера. Но! Се изгубивме по пат, расправајќи се секојдневно со планерите, раководителите на Секторот за урбанизам, инвеститори, граѓани со нереални барања итн. Ние сме во 19 век според начинот на креирање и реализирање урбани политики, а 21 век ќе стигне веројатно во 23-тиот век. Можеби ова беше премногу за сите! Кај се видело архитект, електро инженер и правник, да креираат визија! Тоа никој не можеше да го прифати! ….

maxresdefault (1)

И за крај!

Да се ИМА или да се БИДЕ!

Одговор:

Личниот интерес и материјалната добивка не ги градат ГОЛЕМИТЕ АРХИТЕКТИ! ГОЛЕМИТЕ ИДЕИ ги градат АРХИТЕКТИТЕ!

Огромна БЛАГОДАРНОСТ до сите што веруваа дека нешто може да се направи и помогнаа на разни начини. Најмногу благодарност до:

Јана, Саша, проф. Цветанка, Биљана, Теа, Ивана, Снежана, Наташа, Оливера, Александра, Жанета, Невена, Даница, Стефан, Васко, Слободан, Миле, ….

И сите знајни и незнајни кои беа со нас!

АВТОР:  д-р Дивна ПЕНЧИЌ, дипл. инж. арх.,

(поранешен член на Комисијата за урбанизам на Општина Центар)

Испрати коментар

Scroll To Top