Насловна / Архитектура / Да се биде архитект значи пред сè да се живее со таа мисла и идеја непрекинато

Да се биде архитект значи пред сè да се живее со таа мисла и идеја непрекинато

Александар Карангелов дипломирал на Архитектонскиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2000 година. Работел во повеќе проектантски бироа и салони за мебел во Скопје. Една година пред дипломирањето бил и надворешен соработник на Архитектонскиот факултет во кабинетот за проектирање на објекти за домување. Од 2006 година до денес работи како архитект и менаџер на „АА 10 Инвест“, студио за архитектура и внатрешен дизајн во Скопје. Добитник е на Големата годишна награда на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ за 2017 година за објектот Фабрика за полнење на природна изворска вода МЛ ГАРИ – MAYA во непосредна близина на селото Гари.

Ја добивте Големата годишна награда на ААМ, можам слободно да кажам дека на доделувањето голем дел од присутните се прашуваа кој е Александар Карангелов. Па кој е Александар Карангелов?

-Па зависи од групата на луѓе со кои би разговарале. Долги години, би рекол, успешно работам на доста проекти, ама ете едноставно сум сметал дека претходно немало потреба, некогаш ни време, да се експонирам на настани, изложби, конкурси или сл. Многу од моите проекти и идеи се специфични со доста позадина, истражувања кои е тешко во еден период да се пренесат на јавноста. Мислам дека и реално не сум бил заинтересиран толку за ваква популаризација. Работам активно веке 17-тина години, и зад себе имам изработено доста проекти, вклучително и неколку урбанистички помали проекти во соработка со други колеги, доста проекти за станбени објекти, како и неколку индустриски објекти. Во најголем број се секако присутни ентериерите. Но јас имам една специфична теорија за нашата работа, дека не може да работите само урбанистички проект, а да не размислувате и во покрупен размер, буквално значи да размислувате и за самите објекти како би се решиле или изгледале, па сè до детали за ентериерите.4H5A26923

Сте  работеле во повеќе проектантски бироа за последниве години најдолг период да поминете во „АА 10 Инвест“ студио за архитектура. Што говори Вашето искуство за работењето како архитект во Македонија?

Отсекогаш сум бил работлив, трудољубив, желен за нови предизвици, на моменти дури и би рекол workaholic. Моите искуства во нашата професија – архитектурата се пред сè позитивни и пријатни. Секако некогаш имало и проблематични моменти, проблематични клиенти. Добар однос сум имал секако и со претпоставените во период кога сум работел за други. Мене долги години ми пречи, а и се борам пред сè да добиеме почит како професионалци, затоа што мислам дека низ годините на транзицијата вредноста на зборот, поточно професијата архитект и архитектура е опаднат премногу. Сите ние треба да се бориме за подобра позиција и почит, ама пред сè и меѓу нас самите колеги, а потоа истото да го добиеме и од клиентите или вработувачот. Исто така мислам дека и материјално е деградирана нашата професија. Сè додека немаме воспоставен еден барем минимален ценовник за проекти и други услуги ова тешко ќе се смени. Работодавачот секогаш гледа да го искористи повеќе вработениот за што е можно помалку пари. Нашата професија е сеопфатна. Треба многу самите како фела, како професионалци да не се откажуваме и да се бориме континуирано повеќе за својата позција, ама не само со празни зборови, туку и со успешни дела, проекти без да отстапуваме пред многу пати нелогичните, банални, а често и недолични барања од страна на инвеститорот. Да се биде архитект не значи само посветено работење од осум часа работно време. Да се биде архитект значи пред сè да се живее со таа мисла и идеја нонстоп.

Сте се занимавеле и со проектирање на објекти во високоградбата и ентериери. Кој е вашиот вистински предизвик?

-Хммм….Предизвик секогаш сум наоѓал во сè. Секогаш може да се најде момент за предизвик, битно е да се има волја и љубов за тоа што се работи. И во едниот и во другиот тип на проекти сум знаел да се пронајдам себеси и подеднакво успешно да ги сработам. Пак би рекол како и претходно не ги делам до толку стриктно проектите како што сега е прашањето. Пред сè за целосно успешен ентериер потребно е и добар проект архитектонски за објектот (високоградбата). Предизвикот можеби е клиентот и зададената програма, нивните карактеристики како луѓе и сл. Мислам дека тоа најверојатно ми е првата водилка.stev1

image-0-02-05-969a1f5622aad20838c0cf1f6916f86d9e462d02487922fca2909987e649f324-V

Вашата професионална биографија сепак покажува дека објектот МЛ ГАРИ – MAYA е најкомлексен, најсложен и најзначаен објект на кој сте работеле. Како дојде до соработка помеѓу Вас и инвеститорот?

-Овој проект започна сосема случајно, ама верувајте од самиот почеток знаев дека ќе биде од големо значење за мојата кариера. Ме препорачаа заеднички пријатели, дури јас не ни бев запознаен со идејата дека ќе се гради некој таков објект, не знаев за инвестицијата. Едноставно појдов на состанок и мислам дека уште на првиот состанок се воспостави некој добар момент на потенцијална соработка со инвеститорот МЛ ГАРИ – МАYA. Веќе за кратко, за само ден-два, откако ја видов локацијата, програмата, малку проучување за технологијата, излегов на состанок со две идејни решенија, и двете им се допаднаа, ама едното (ова реализираното) превагна и посветив уште малку време кон разработка на идејата. Тоа беа пред сè рачно изработени скици, програмски шеми, идеограми и сл. Многу често сакам да работам и цртам рачно, особено во почетната фаза. Во игра беа уште неколку имиња на архитекти и архитектонски бироа. Мојата идеја, објектот и локацијата, која беше малку попредизвикувачка за инвеститорот, како и мојата силна волја и покажаниот интерес за подобри и поразработени проекти беа пресудни за инвеститорот да се одлучи за мене како проектант на нивниот објект.Ind 001

Што Ви беше првата мисла кога се исправивте пред предизвикот МЛ ГАРИ – MAYA?

-Искрено не можам да кажам дека била само една мисла. Откако разговаравме на првиот состанок, дознав за што поточно се работи, како ја запознавав локацијата во глава веќе ми се одвиваше цел еден архитектонски филм и веќе имав повеќе од маглива претстава што јас би сакал да создадам таму. Можеби една од главните мисли беа ДА, ГО САКАМ ОВОЈ ПРЕДИЗВИК, ЈА ЧУВСТВУВАМ ЛОКАЦИЈАТА, МИ СЕ ДОПАЃА…

DSC_5979

Без квалитетен инвеститор кој знае што сака, има многу дух и почитување кон архитектурата скоро е невозможно да се создаде добар објект. Како течеше вашата соработка со инвеститорот?

-Треба пред сè да се оствари добра доверба меѓу архитектот и инвеститорот. Инвеститорот е пред сè тука да ја зададе локацијата, да ја зададе основната задача, секако и најбитното буџетот, па заедно да ја дооформиме програмата да ја зацртаме поконкретно задачата, а архитектот (пред сè посветениот и добар архитект) е тука тоа да го преточи во едно успешно дело. Во текот на тие први видувања, состаноци, се случува една brainstorm архитектонска игра, се запознаваш со клиентот, а клиентот со архитектот и врската е почната. Доверба пред сè, и секој треба да си ја знае својата позиција, клиентот е инвеститор, ама не и архитект, и обратно. Ние, како архитекти, мора да се избориме за таа позиција. Секојдневна е борбата. Моја среќа или резултат на вложен труд е скоро секогаш да сум имал исклучително добра соработка со клиентите што секогаш резултирало со успешни проекти, успешно реализирани дела.DSC_5879

Дали сте лично задоволен од крајниот резултат што го добивте со објектот? Си помисливте ли на крај дека можеби нешто можеше да се направи и подобро?

-Секогаш може и подобро. Нормално со секој изминат ден, додека се проектира, може да осознавате нови работи, да надојдат нови идеи. Нашата работа е таква. Но во еден момент заземате цврст став, пред сè спрема себе како архитект и личност, и го правите изборот, но тогаш треба да се биде и доста самокритичен во тие моменти. Секако знам кои се слабостите, сега можеби една-две позиции би ги сменил или поинаку решил, но верувајте не се каам, ниту би се навраќал назад и да можам, за да сменам нешто. Тоа е мојот најдобар избор и моето најдобро во тој момент. Овој проект и ова дело е баш плод на еден мој добар творечко-креативен процес зад кој цврсто стојам.DSC_5826

На доделувањето очигледно бевте почестен, возбуден, среќен, можеби помалку и збунет. Ја очекувавте ли наградата?

-Ја посакував, но не ја очекував. Знаев дека имам добро дело за претставување, свесен сум за тоа, знаев дека вреди, знаев дека пред сè јас, како архитект, проектант на целиот тој комплекс и добриот инвеститор МЛ ГАРИ пред сè сме исклучително задоволни, а и реакциите на оние кои го посетиле објектот, комлексот, беа повеќе од добри. Посакував да ја добијам наградата и ја добив. Многу ми е мило и секако бев почестен, но бев и многу збунет и имав многу трема. Ваква трема и возбуда само уште еднаш имам доживеано порано во животот.

Често се зборува дека имињата на добитниците на наградите на ААМ се повторуваат. Добивте награда со едногласен избор на Комисијата, што слободно можам да кажам дека не е чест случај. Што значи наградата за Вас?

-Оваа награда пред сè ја доживувам како потврда за правилниот пат по кој чекорам и живеам веќе повеќе од 20 години (од самиот момент на запишување на факултет). Премногу ми значи и премногу ми е мила. Доделена од ААМ, поточно како што и самите велите, едногласно доделена од членовите на Комисијата која е составена од докажани и успешни професионалци. Како не би ми била мила. Да добиете вакво признание од самите колеги и уште да ги слушате убавите коментари од колегите секако е повеќе од мило и голема чест.

Каде ја гледате иднината на нашата архитектура?

-Јас сум секогаш голем оптимист и верувам дека повторно ќе го најдеме својот пат и ќе имаме повеќе од достојни дела, проекти, реализации со кои ќе можеме да се гордееме. Не треба да се откажуваме од тоа. Но, пак ќе нагласам архитектурата не е само фасада, не е само дизајн и не е наменета само за богатиот инвеститор. За да имаме успешни дела мора секогаш да имаме пред нас дека архитектурата е јавна професија и општествена категорија која треба пред сè да се грижи за човекот како битие, а не само за инвеститорот. Ете како пример овој мој проект ќе беше можеби само еден надворешно убав објект, со скапи материјали, но ни малку немаше да биде успешен и добар како сега доколку во кој било момент го заборавев вработениот, работникот, административецот, директорот или кој било од сите оние кои ќе работат, ќе творат, ќе поминуваат еден добар дел од животот таму во тој објект. Како што и неколку пати периодов нагласив, овој објект, оваа архитектура се грижи за човекот, за вработениот. Кога сите ние како колеги ќе ја гледаме архитектурата како таква, ќе се грижиме за сите корисници, ќе ја третираме како јавно добро, е тогаш ќе имаме успешна и добра архитектура. Да се надеваме дека она што се случуваше во македонската архитектура во последниве десетина години, чест на исклучоците, полека е веќе зад нас и сите ние како професионалци ќе извлечеме поука каде не треба да чекориме, туку дека ќе го најдеме вистинскиот пат. А јас верувам дека повторно ќе го најдеме вистинскиот пат.

gjo_100530_8169_web

gjo_100530_8160_web

gjo_100530_8147_web

Еден коментар

Испрати коментар

Scroll To Top