За време на викендот, д-р Жан Митрев и градоначалникот на Штип, прим.м-р Илчо Захариев потпишаа договор со кој д-р Митрев подари четири куќи во негова сопственост на локалната самоуправа.
Станува збор за четири куќи кои се наоѓаат во Ново Село и кои се руинирани и стари и имаат потреба од итна интервенција, бидејќи со оглед на состојбата во која се наоѓаат, можат да се срушат и да бидат опасност по животот на луѓето:
– Општина Штип изразува голема благодарност до д-р Жан Митрев. Тој многу пати до сега ја покажал својата хуманост во неговата кардиохирургија со лекување на многу штипјани, секако и на граѓани од цела Македонија, но исто така повеќе пати направил добротворни чинови или постапки со кои ја покажал својата хуманост. Овој пат несебично подари четири стари куќи кои се архитетонско и на некој начин културно наследство на Штип а локалната самоуправа си ја презема обврската истите да ги обнови со цел да се избегне опасноста од нивно уривање а со тоа и општата опасност да се загрози нечиј живот, а од друга страна да ги доведе во состојба да бидат гордост за Ново Село и Штип – изјави Драган Ристов, советник за односи со јавност.
Вредноста на куќите кои ги доби Општина Штип на подарок од д-р Митрев е околу шест милиона денари или 100.000 евра.
Општина Штип има за цел да ги обнови овие куќи преку средства кои ќе се обезбедат од донатори и спонзори а за нивна реконстуркција ќе бидат поднесени и проекти кои се финансираат преку средства од ИПА програмата за прекугранична соработка.
Фото: Т.К.