Насловна / Архитектура / Цвет за секој станар, букет за градот

Цвет за секој станар, букет за градот

00

One Central Park е иновативен и амбициозен проект во рамките на обновата на Carlton & United Brewery, поранешна пиварница во Сиднеј. Добитник на наградата за најдобра висококатница во 2014-та, со буџет од 600 милиони австралиски долари, тој е дел од проектот за развој на 250.000 м² земјиште во центарот на градот, составен од неколку објекти, урбан парк и реупотреба на повеќе од 32 структури од културното наследство, кои се наоѓаат на локацијата. Останатите проекти вклучуваат комерцијален објект од 15 етажи на Foster+Partners како и подземен паркинг. Тој е фокусната точка на планот за обнова и активирање на ова подрачје, и како таква воедно е и манифестација на мастер планот кој посочува најдобрите вертикални живеалишта да се дислоцираат во близина на поголемите внатрешни сообраќајни јазли во градот.

jean_nouvel 001

Како централно дело, објектот се издигнува на височина од 116 метри, со која и претставува највисока вертикална градина во светот. Проектиран од истакнатиот француски архитект Жан Нувел, објектот е составен од две кули со 16 и 33 нивоа кои се издигнуваат над четири-етажен комерцијален подиум. Овој проект со хибридна програма, создаден во соработка со локалното студио PTW architects, му нуди на Сиднеј 563 нови станбени единици за комфорно и квалитетно живеење во самиот центар, распространет над повеќе етажното рекреативно и комерцијално плато. Жан Нувел е познат по неговите проекти кои се тестамент на човековиот дух. Неговиот пристап е од трансдисциплинарен карактер – спојувајќи ја архитектурата, дизајнот на светло и уметноста на животната средина, создава извонредни објекти од светско значење и монументални размери. ОCP е досега негов најхрабар подвиг во областа на домувањето. Со комплексната комбинација на технологија, естетика и вегетација, објектот станува препознатлива светска знаменитост.

5424587dc07a80c9ea000081_one-central-park-jean-nouvel-patrick-blanc_section

Двете дефинирачки карактеристики на објектот се хелиостатот и хидропониката, кои и го етаблираат објектот како архитектонски триумф. Хелиостатот, огромна конзолна платформа која се издига од дваесет и осмиот кат, дава една драматична димензија на силуетата на објектот и ги дефинира горните луксузни апартмани. „Лебдечкиот“ хелиостат вклучува иновативен систем од фиксни и моторизирани огледални панели, дизајнирани да ја привлечат сончевата светлина и да ја насочат кон атриумот на долните нивоа и врз пејзажните тераси. Навечер, хелиостатот се трансформира во светлечка инсталација дизајнирана од уметникот Јан Керсале. Опишан како лустер за градот, тој театрално ги осветлува кулите, оживувајќи ја зградата и во вечерните часови. Надвиснат над скапи паркинзи, хелиостатот претставува и платформа за кровната градина, која воедно е најголемата конзола изведена на резиденцијален објект во Австралија. Со неговите експанзивни погледи кон пристаништето, кровната градина ќе стане едно од најпосакуваните места за забава во градот, ексклузивна, достапна само на станарите и нивните гости. Фасадното решение е особено карактеристично за објектот, за кое Нувел соработува со францускиот уметник и ботаничар Патрик Бланк. Жардиниери и вертикални зазеленети површини, како дел од лоџите, ќе го обвијат објектот со растителен свет, буквално продолжувајќи го околниот парк нагоре по вертикална оска. Ова е овозможено преку користење на хидропоника како метод на одгледување растенија во вода, без земја со употреба на минерални хранливи раствори. На фотографиите, дузината зелени градини личат хаотично, дури неуредно, како растителниот свет да ја надвладеал самата конструкција, давајќи аспект на слободен крај на самата структура.

5424573fc07a80548f00007e_one-central-park-jean-nouvel-patrick-blanc_onecentralpark_jpg-cantileverreflector_ateliersjeannouvelwithptw_-c-copyrightssimon

Она што произлегува од концептот на подигнување на изградената маса од површината на земјата е слободен простор за нов урбан парк. Првиот проектантски предизвик бил да се создаде вистинско присуство на овој значаен нов парк во урбанистички рамки. Бидејќи самата структура е висококатница, постои можност да се донесе паркот кон небто, тој да се содржи во фасадите и да биде видлив во градот и од големи далечини. На јужната страна паркот се издигнува во секвенци од позеленети платоа кои се дисперзно поставени како парчиња сложувалка, без некој особен ред, но истовремено водејќи сметка секој од апартманите да добие свој балкон и свое парче парк.

54245770c07a80548f00007f_one-central-park-jean-nouvel-patrick-blanc_ajn_ptw_sydney_ocp_murrayfredericks_facadedetail

Во индивидуална димензија, оваа диспозиција создава пријатни приватни градини, додека од колективен аспект нивното мноштво претставува една зелена урбана скулптура. На овој начин објектот нуди цвет за секој станар, а претставува букет за градот. На северната, источната и западната страна зеленилото е континуирано и поставувано во ленти, вертикални зелени ѕидови од ползечка вегетација. Paстенијата ја пренесуваат пораката на одржлив урбан развој и поради сенката што ја пружаат ја намалуваат потрошувачката на електрична енергија за ладење, додека нивните листови заробуваат јаглерод диоксид.Central-Park-II-resize

Вториот проектантски предизвик е избегнувањето на големи сенки од северната страна врз паркот. Оттука одлуката за делба на структурата во два волумени со различни височини, каде на кровната партија на помалата кула се појавуваат 42 хелиостати кои ја насочуваат сончевата светлина кон 320 рефлектори од големата конзола на повисоката кула, за на крај да стигнат до зони кои инаку би биле во потполен мрак. Системот се адаптира на секој час, како и сезонски, зависно од потребата за светлина и топлина, правејќи егзактно програмирана кореографија на движење на светлата рефлектирани на површината.54245765c07a809a0e000095_one-central-park-jean-nouvel-patrick-blanc_onecentralpark_jpg-skygarden_ateliersjeannouvelwithptw_-c-copyrightsmurrayfrederick

Во конципирањето на објектот, аплицирани се четири стратегии за подобрување на енергетската ефикасност, како и за подобрување на јаглерод диоксидната стапка на градот. Усовршени се најчесто слабите енергетски перформанси на резиденцијалните висококатници, со што проектот добива највисока оцена по австралиските зелени стандарди и постигнува 25% редукција на потрошувачката на енергија во споредба со просечната. Со системот од 5 км долги, линеарни позеленети површини кои функционираат како перманентни штитачи од сонце, го намалува термалното влијание во становите до 30%. Објектот содржи и систем од соларни панели за производство на соларна енергија и како крајна ставка која има позитивни реперкусии на градскиот живот, понудени се живеалишта онаму каде тие се навистина потребни, во близина на градската бизнис зона.

Со овој објект, Жан Нувел доловува атмосфери несвојствени за денешното урбано живеење и поставува нови стандарди за одржливост и еколошка свесност во доменот на домување во високи станбени структури. Тој живее според максимата дека вегетацијата е дел од вокабуларот на архитектурата, па така овој објект ја манифестира неговата филозофија преку живите ѕидови кои го носат кодот на парк во секое ќоше од неговата присутност. Резултатот е жив организам кој дише и докажува дека опкружувајќи се со природа, дури и на кота како оваа, човекот се чувствува живо.

Анастасија Спасовска

Испрати коментар

Scroll To Top