Фотографот Matias Galeano, познат како Boluddha, го фотографираше La Muralla Roja на шпанскиот архитект Ricardo Bofill.
La Muralla Roja, што во превод значи Црвениот ѕид е постмодерен станбен комплекс во Калпе, популарно летувалиште во Шпанија, кое се наоѓа на околу 70 километри од Аликанте. Шпанскиот архитект овој комплекс го проектирал во 1968 година, а градбата е завршена во 1973 година. При проектирањето на објектот, Bofill се повикувал на архитектурата на северноафриканските казби.
La Muralla Roja отелотворува јасна референца на популарната архитектура на Арапскиот Медитеран, особено на кулите од керпич во Северна Африка. Црвениот ѕид е како тврдина која означува вертикална силуета следејќи ги контурите на карпите.
Со овој објект, Ricardo Bofill сакал да ја прекине постренесансната поделба помеѓу јавните и приватните простории, реинтерпретирајќи ја медитеранската традиција на Казба. Лавиринтот на оваа обновена Казба одговара на прецизен геометриски план, базиран на типологијата на грчки крст со краци долги пет метри, кои се групирани на различни начини, со сервисни кули (кујни и бањи) на нивната пресечн точка. Геометрискиот распоред на основата исто така е приближување кон теориите на конструктивизмот и го прави La Muralla Roja многу јасно повикување на истите.
Формите на зградата, евоцирајќи конструктивистичка естетика, создаваат ансамбл на меѓусебно поврзани паација кои овозможуваат пристап до 50 станови, кои вклучуваат студија од 60 квадратни метри, и двособни и трособни станови од 80 и 120 квадратни метри. На терасите на покривот има солариуми, базен и сауна за потреби на станарите.
Критериумот за примена на спектар на различни бои на зградата одговара на намерата да се даде одреден релјеф на различните архитектонски елементи, во склад со нивните структурни функции.
Надворешните површини се обоени во различни тонови на црвена боја, за да се нагласи контрастот со пејзажот; пациата и скалите се области третирани со сини тонови, како небесно-сина, индиго, виолетова, за да се произведе посилен или послаб контраст со небото, или напротив, оптички ефект на мешање со него. Интензитетот на боите исто така е поврзан со светлината и покажува како комбинацијата на овие елементи може да помогне во создавање поголема илузија на просторот.