Изложбата „Црвени емоции” на Маја Стефановска, ќе се отвори на 28.10.2019г. (понеделник) во 20.00 часот, Сала 1 во Музејот на град Скопје.
„Принцеза во ноќта”
“Црвени емоции” е најновиот циклус на слики од креативниот опус на авторката Маја Стефановска во кој таа на исклучително деликатен начин ја третира главно женската фигура и нејзините бескрајни метаморфози и трансформации, низ сите животни фази и периоди и различни психолошки / емоционални состојби.
„Уплашено девојче“
Во последните свои циклуси, Стефановска со порив на имагинативен раскажувач, успешно го негува фигуративното сликарство како стилска определба.
„Сериозноста на животот”
Нејзиниот сликарски универзум се состои од документирани сцени проткаени со мистериите на љубовта, радоста и непредвидливоста на живеењето, меланхолија од некои замрзнати мигови присутни во некоја друга стварност, реминисценција и носталгија по изгубени времиња од кои останале распарчени фрагменти сеќавања кои таа ги преточува во слики – сведоштва полни со сензибилитет и суптилност на искусеното.
„Патувам со куќата”
Во околу 60-ина дела – длабоко лични, интимни и натопени со емоции, се претставени различни женски фигури, групни и индивидуални портрети и поретко актови…
Изложбата може да се посети до 06.11.2019 година.