Италијанско – рускиот конзорциум „Ени“ и „Новатек“, започнаа со истражното бушење кое треба да покаже дали има нафта во црногорското подморје. Платформата за бушење „Топаз Дрилер“ стигнала во Црна Гора во почетокот на март. Од надлежното министерство претходно е најавено дека првата бушотина ќе биде на длабочина од 6.525 метри, а втората на помала длабочина. Во владата очекуваат дека Црна Гора од овој проект би можела да има значајни придобивки, и дека тоа ќе биде важен двигател за диверзификација на економијата која досега се потпира само на услуги и туризам. Во согласност со обврскиоте од Работната програма на договорот за концесија за истражување и производство на јаглеводороди, потпишан во септември 2016, концесионерите извршиле 3D сеизмички истражувања кон крајот на 2018 година, а во текот на 2019 година извршена е обработка на собраните податоци, и направени се геолошки и геофизички студии. Еколошките невладини организации сметаат дека ова истражување е закана за животната средина, со што се согласуваат и жителите на Улцињ. Актуелните власти пак, претходно како опозиција исто така биле против проектот.