Овој стан се наоѓа во зграда која датира од 1900 година во центарот на Москва, а е дизајниран од архитектонското студио Crosby. Целиот ентериер потсетува на ентериерите во Њујорк.
Се работи за целосно реновиран ентериер кој е поделен на зони со метално-стаклени ѕидови, така што во секој дел од станот влегува природна светлина. Индустрискиот сегмент е главниот акцент на овој проект, нагласен со црно-бела комбинација и со метални елементи, кои компонираат еден сеопшт минимализам.
Севкупниот дизајнерски впечаток е прочистен и затоа делуваат впечатливо парчињата мебел кои се во корелација со оние од vintage ера, бидејќи сопственикот е, исто така, и колекционер.
Во ваквите проекти не е чудно што трпезаријата, кујната и дневната соба претставуваат една просторија, во која главен збор води големата и пространа трпезариска маса. Неизоставен детаљ во станот, дефинитивно, е висечката лежалка, што дава уникатен момент.
Иако во целиот простор доминираат соголен бетон и бели тули, кои даваат еден вид бруталност, целата ситуација е ублажена со голема количина на природна светлина, со што овој удобен и шик дом претставува пријатен, природен и убав амбиент.