Црн пигментиран бетон и црни дрвени летви се искористени за создавање на овој тактилен дом во селото Федерал, во Нов Јужен Велс, од австралиското студио Edition Office.
Фирмата со седиште во Мелбурн ја проектирала куќата да биде и мирно засолниште за своите клиенти и скулптурална куќа закопана на ридот во брдовитиот, шумски пејзаж.
“Од далечина, куќите изгледаат целосно ненаметливо, како сенка во бескраен пејзаж“, опишуваат авторите за порталот Dezeen.
“Кога ќе погледнеме подетално, надворешната обвивка со текстура на дебели дрвени летви е во контраст со претходното чувство на машинска тектоника, дозволувајќи им на органските материјали да почнат дијалог со физичката човечка интимност“, додаваат тие.
Потпирајќи се на типологијата на верандата вообичаена меѓу австралиските колонијални имоти, централните области за живеење, трпезарија и кујна се опкружени со делумно покриена палуба.
Оваа палуба е проектирана да создаде различни врски со околниот пејзаж.
Од западната страна е покриена со црни дрвени летви кои го филтрираат воздухот, погледот и директната сончева светлина, а се остава целосно отворена за панорамски поглед на север.
Просториите за живеење се одделени од палубата со лизгачка стаклена врата, додека во центарот на куќата има градина со двојна висина, осветлена со отвор на покривот.
“Проширувањето и стеснувањето на внатрешноста овозможува промени меѓу интимното и јавноста, меѓу непосредната околина и експанзивниот пејзаж на север“, се вели во студијата.
По должината на источниот раб на куќата се наоѓа блок за спиење, што студиото го нарекува „енклава на повлекување, одмор и осаменост“, која содржи две помали соби од двете страни на бањата и голема спална соба со сопствена бања и приватна тераса.
Во внатрешноста, темното дрво и бетон се во контраст со посветли дрвени подови и мебел од кафена кожа, со рачки на вратите дизајнирани да поттикнуваат „тактилно ангажирање“ со домот.
На долното ниво се наоѓа тесен базен отворен кон пејзажот на едниот крај, кој го лади воздухот додека патува низ куќата, низ отворите во градината, во просторите за живеење.
Природната вентилација е надополнета со тавански вентилатор за потоплите денови од годината и камин за зима.