Црногорските власти водат преговори за добивање на нов рок за исклучување на термоелектраната (ТЕ) „Плевља“, која веќе ги потроши 20.000 работни часови кои и се одобрени до 2023 година, согласно регулативата на Енергетската заедница. Новата влада сега мора итно да направи реконструкција на ТЕ „Плевља“. Кон средината на 2020 година, Електростопанството на Црна Гора (EPCG) потпиша договор за еколошка реконструкција на ТЕ „Плевља“, вреден повеќе од 54 милиони евра, со конзорциумот DEC International-Bemax-BB Solar-Permonte. Оваа реконструкција би требало да го продолжи работниот век на електраната за 30 години и значајно да го намали нејзиното влијание врз животната средина.
Во јули минатата година, Секретаријатот на Енергетската заедница процени дека единствениот блок во ТЕ „Плевља“, првиот од десетте блокови во регионот ќе ги потроши одобрените 20.000 работни часови, и тоа веќе во ноември истата година. Во октомври, црногорската невладина организација Green Home ги повика надлежните да ја објават информацијата дека дозволениот број работни часови за ТЕ „Плевља“ завршува за дваесетина дена, и дека министерството барало зголемување на бројот на работни часови.
Оваа термоцентрала со инсталирана моќност од 225MW, претставува 25% од производните капацитети на EPCG, но дава скоро 40% од вкупното производство на оваа компанија. Нејзиниот единствен блок е еден од десетте термо блокови во земјите членки на Енергетската заедница, опфатени со opt-оut механизмот, кој им овозможува на договорните страни на Енергетската заедница да изземат одредени големи ложишта, поточно термоцентрали на јаглен, од режимот на примена на Дирелтивата на ЕУ за големи ложишта. Оваа Директива ги одредува лимитите за емисии на сулфурен диоксид, азотни оксиди и прашина од постоечките електрани. Според наводите на организацијата Green Home, ТЕ „Плевља“ може да продолжи да работи само ако ја усогласи својата технологија со стандардите и Директивата на ЕУ за индустриски емисии за нови постројки.