Модерната куќа е вистински доказ дека темните тонови и минимализмот не мора да бидат премногу сериозни.
Црна семејна куќа со необичен изглед е изградена во холандска населба, а е дизајнирана од архитекти од Arjen Reas Asrchitecten. Оваа катна куќа е подигната на насипот Акердијк во рамките на населбата Либден, по што беше именувана, а од таа точка нуди одличен поглед кон пејзажот. Но, необичната локација им донесе многу предизвици на архитектите бидејќи изградбата на куќата мораше да се прилагоди на теренот во падината.
Конечниот дизајн не го крие предизвикот и совршено го отсликува контекстот и условите во кои е подигната куќата. Така, оваа куќа има асиметричен покрив, но и два големи прозорци на предната страна кои овозможуваат поглед на реката што тече веднаш до неа, пишува Design Boom.
Интересно е што, оваа куќа изгледа разиграна и покрај тоа што е целосно обвиткана во црно. Вентилираната фасада е обложена со црни дрвени панели, додека покривот е обложен со црн метал.
На задниот дел на куќата, големата застаклена фасада се отвора кон длабок двор од кој може да се видат светлата на Амстердам ноќе. Експанзивниот прозорец ја нагласува хоризонталноста на широкото приземје, а истовремено ја брише границата меѓу ентериерот и надворешниот простор, ефикасно правејќи го домашниот ентериер поголем одошто е.
Поради косиот терен, приземјето на куќата е поделено на две нивоа. На повисокиот кат има дневна соба и канцеларија, кои со широки скалила се поврзани со другиот дел од дневната соба и кујната што излегува на терасата. На горниот кат има две детски соби, голема спална соба и две купатила. Вратите во оваа куќа ги нема. Само спалните соби се физички одделени едни од други, додека остатокот од ентериерот е замислен како континуиран простор без прегради. Прозорите во оваа куќа се навистина доминантен дел од неговиот ентериер – но и надворешноста. Куќата „ Акердијк“ е изградена во 2019 година.