Станбениот комплекс Corviale, кој се наоѓа на југозападната периферија на Рим, проектиран е во тек на 1970-тите како решение за зголемената побарувачка На станбени единици во предградијата на италијанскиот главен град, предизвикана од растот на населението помеѓу 1950-тите и 1970-тите, кога бројот на жители во градот се зголеми од 1,6 на 2,7 милиони.
Проектот, познат и под името Serpentone, поради неговите огромни размери, беше развиен од тим архитекти под водство на Марио Фиорентино во периодот помеѓу 1972 и 1974 година, а изградбата се одвивала помеѓу 1973 и 1982 година.
Коренот на проблемот во стечајот на изведувачот
Според оригиналниот проект, четвртиот кат бил наменет за комерцијални содржини и заеднички простори, но оваа идеја не се реализирала бидејќи изведувачот заминал во стечај.
Овој настан се смета за коренот на проблемот на овој необичен проект кој ја одбележа историјата на домувањето во Италија, пишува ArchDaily.
Овој станбен комплекс всушност се состои од згради посветени на различни функции и три станбени блока кои заедно завземаат вкупна површина од околу 60 хектари.
Првата зграда, со должина 958 метри има девет ката и е наменета за домување, а има и два ката подземна гаража.
Зградата е поделена на два паралелни, но меѓусебно поврзани блока, кои овозможуваат повеќе светлина и вентилација во внатрешните простори.
Движње меѓу блоковите преку подигнати патеки
Скалите и лифтовите ги нагласуваат петте главни влеза и ја делат зградата на шест поврзани блокови, додека паралелно со главниот волумен се наоѓа уште еден низ станови, но кој е значително понизок и има само три ката.
Исто така оваа зграда има разновидни содржини со услуги и активности за станарите на комплексот, како дневен престој, училиште, трговски единици и театар на отворено.
Предвидено е и овозможено им е на станарите да се движат меѓу блоковите преку подигнати патеки. Исто така, во близина се наоѓа уште еден станбен блок поставен под агол од 45 степени во однос на другите две згради и во него се сместени содржини кои служеле за различни намени во текот на годините.
Грандиозноста и монументалноста на оваа архитектонска целина предизвикуваат неизбежни асоцијации меѓу зградите и градот.
Метафората на архитектурата и градот може да се гледа од различни перспективи, било преку нејзината формална композиција во која ходниците стануваат улици и станбени блокови, градски плоштади, како и концепт кој вклучува нешто повеќе од само домување, иако многу од овие содржини всушност никогаш не се изграден.
Непочитувањето на првичната идеја на проектот, недостатаокот на управувањето со просторите и деградацијата на комплексот со текот на децениите, се заедно директно влијаеало на губењето на смислените односи на жителите со урбаниот контекст кој го опкружува Corviale.
Помирување со прекинатата историја
Сепак, додека едни го сметаат комплексот за бетонско чудовиште кое треба да се урне, други во неговата историја и суштина гледаат голем потенцијал за урбана трансформација.
На пример, проектот Immaginare Corviale, спроведен помеѓу 2003 и 2005 година, функционирал како еден вид мултидисциплинарна лабораторија која настојувала да промовира помирување со прекинатата историја преку учество на станарите.
Покрај оваа иницијатива, има и многу други предлози за интервенции кои се резултат на натпревари низ годините.
Во моментов се во тек два проекта за регенерација на Corviale – проектот Chilometro Verde (Зелен километар) на архитектот Гуендалина Салимеи и проектот Rigenerare Corviale (Да го регенерираме Corviale), предводен од Лаура Перети.
Додека првиот проект се занимава со реновирање на четвртиот кат за да се овозможи формирање на 103 нови станови, вториот предвидува интервенции во заедничките простории на главната зграда, како и промени на ниво на улица за да се прилагодат на пешаците и да се создадат нови јавни и зелени површини.
Утопија која не можеше да се постигне
Комплексот Corviale се истакнува по својот линеарен и масивен главен волумен, но кога ќе се погледне одблизу, тој открива универзум на односи воспоставени со децении помеѓу жителите и архитектурата и помеѓу архитектурата и градот.
Во ова ново поглавје од својата историја, иницијативите за регенерација се враќаат во утопијата која не можеше да се постигне, но барем имаат амбиција да обезбедат подобар квалитет на живот за жителите на римските предградија.