Во Баку, Азербејџан, веќе започна климатската конференција на ОН. Главната тема е колку развиените земји ќе плаќаат на неразвиените за надминување на последиците од климатските промени. Интересно е што оваа конференција се одржува токму во земја која нема намера во скора иднина да се откаже од нафтата и гасот и чија економија доминантно се потпира на приходот од овие енергенти. „Како земја богата со фосилни горива, ќе го браниме правото на останатите земји да ги искористуваат и натаму овие горива и да инвестираат во нив“, изјавил претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев на Петерсбершкиот климатски дијалог во Берлин во април годинава.
Во Баку по 29-ти пат се собираат шефови на држави и влади на речиси 200 земји, за светската конференција COP29, со цел да се расправа за мерките за подобра заштита на климата. Во годината во која милиони луѓе се погодени со екстремни климатски катастрофи, парадоксално е што климатската конференција се одржува во земја која нема интерес да престане со експлоатација на фосилни горива. И покрај големиот потенцијал за обновливи извори на енергија, приходите од нафта и гас сочинуваат 60% од државните приходи на Азербејџан. Меѓународната климатска конференција оваа година се соочува со голем предизвик. Државните челници мораат да одлучат колкава финансиска поддршка ќе добијат земјите во развој, со цел да се носат со растечките последици од климатските промени и да го реализираат преминот кон одржлива економија. Богатите земји, вклучувајќи ги и САД, Јапонија и земјите членки на ЕУ, се обврзале пред неколку години дека од 2020 година ќе обезбедуваат по 100 милијарди долари на годишно ниво во развој на борбата против климатските промени. Оваа цел е постигната дури во 2022 година. Значителен дел од средствата е понуден во облик на заеми со високи камати, што предизвика остри критики и обвинувања за неисполнување на ветувањата. Од германскиот институт New Climate, проценуваат дека би можело да се постигне договор за износ помеѓу 200 и 700 милијарди долари годишно. „Со тоа би се остварила фер финансиска рамнотежа помеѓу богатите земји, „кои се навистина одговорни за климатските промени“, и „помалку богатите земји кои највеќе страдаат од последиците од климатските промени“. Африканските земји и другите земји во развој, вклучувајќи ја и Индија, веќе неколку пати барале годишен износ од околу еден билион долари, што би претставувало десеткратно зголемување на досегашните обврски.
Индустријализираните земји го сметаат тоа барање за нереално, и истовремено сакаат богатите нафтени земји во Заливот и Кина да сносат дел од финансискиот товар. Историски гледано, индустриски развиените земји се најголеми виновници за климатската криза, но денес Кина е таа која произведува највеќе гасови со ефект на стаклена градина. Но, во официјалните документи таа светска сила сеуште се води како земја во развој, која теоретски прима финансиски средства за заштита на климата, наместо да ги поддржува сиромашните земји, кои речиси и не придонесуваат за климатската криза. И минатата година, преговорите се одржани во земја богата со нафта, Обединетите Арапски Емирати, кои исто така и натаму се водат како земја во развој.
Со Парискиот климатски договор, 197 земји се обврзани дека ќе го ограничат загревањето на Земјата на 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустрискииот период, но таа цел е сеуште далеку. Со моменталната климатска политика научниците очекуваат загревање од 3,2 степени до крајот на векот.