При крајот на годината што измина речиси 200 земји и над 550.000 учесници се состанаа во Баку, Азербејџан за 29-тата Конференција на страните на рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации (UNFCCC), наречена COP 29, за да одлучуваат во врска со следните чекори во борбата со климатските промени.
Дискусиите третираа теми поврзани со намалувањето на емисиите, зголемување на националните климатски амбиции, напуштање на фосилните горива и клучно договарање околу тоа колку пари треба да добиваат земјите во развој за справување со климатските промени, механизам познат како New Collective Quantified Goal on Climate Finance или едноставно NCQG.
Иако на минатогодишниот самит е постигнат одреден напредок, сепак тој се оценува и како настан кој донел назадување на амбициите, бидејќи не е постигнат договор за напуштање на фосилните горива, додека договорената вредност од 300 милијарди долари годишно за земјите во развој до 2035 година, во склоп на NCQG, се коментира како далеку од соодветна. Но, во продолжение ви ги презентираме одделно областите кај кои има напредок, областите кои потфрлиле, но и некои сосема нови иницијативи.
ЗНАЧИТЕЛЕН НАПРЕДОК
COP29 најдобро ќе биде запаметен по целосната операционализација на Фондот за загуба и штета (Loss and Damage Fund), пазарите на јаглерод, како и по обновените повици за поамбициони национални климатски цели. Но, иако нотирани како значителен напредок, овие состојби заслужуваат подетален коментар. Имено, иако усвојувањето на одлуката за операционализација на Фондот за загуба и штета се оценува како критична пресвртница и нешто што претставуваше ултимативна задача во месеците пред самитот, сепак средствата се далеку од потребите за штетите поврзани со климата во земјите во развој, потценувајќи ја притоа потребата за одржлива соработка и амбиции за напредок. Една од најважните одлуки на COP29, е создавањето на правна рамка за идниот глобален пазар за емисии на јаглерод, под надзор на ОН. Им овозможува на владите и на компаниите да купуваат дозволи за емисии и да тргуваат со тие хартии од вредност. Овој механизам е предвиден со член 6 од Парискиот договор од 2015 гдоина. Останува да се договорат техничките детали. COP 29 е заслужен што по цела деценија преговори, конечно е направена операционализација на меѓународниот механизам за јаглеродни кредити, со што финансиските средства би се насочиле кон третиот свет и би ги намалиле трошоците за спроведување на националните климатски планови. Овде мора да се истакне дека во последно време дојде до драстичен пад на довербата во провизорните меѓународни и билатерални сертификати за јаглерод диоксид. Забележани се случаи на големи измами, а некои технологии и методи за офсетирање на емисиите се покажале како несигурни и неефикасни.
COP повторно ги повика државите да постават амбициони национални цели и да ја забрзаат својата транзиција кон нулта емисија на стакленички гасови. Во таа насока, државите ќе мораат да ги ажурираат своите Национално утврдени придонеси (Nationally Determined Contributions – NDCs) до февруари 2025 година. Сепак, останува и натаму неизвесноста во имплементацијата на овие документи, и тоа особено од страна на одредени земји. Уште една клучна област која особено беше добредојдена за дискусија на COP29 е најавата на водечките светски мултилатерални развојни банки да го зголемат финансирањето за климата за земјите со ниски и со средни приходи.
ПОТФРЛАЊА
Новата цел за финансирање, која во суштина беше најавувана како клучно очекување од настанот, донесе тројно зголемување на финансирањето на земјите во развој, од претходните 100 на 300 милијарди годишно до 2035 година, што секако се оценува како недоволно. Анализите на експертите од оваа област укажуваа барем на двојно, а во некои случаи и на тројно повисоки реални потреби. Страните на COP29, се договориле овој вид на финасирање со заедничко вложување и на јавни и на приватни извори да достигне 1,3 трилиони американски долари, почнувајќи од 2035 година. Додека ова претставува значително зголемување во однос на претходното ветување, сепак општ е заклучокот дека очекувањата се изневерени.
Што се однесува до очекувањето да се зајакне позицијата околу напуштањето на фосилните горива со цел глобална поддршка на чистата енергија, минатата година на COP28, државите се согласија на транзиција од фосилните горива, но во финалниот текст на COP29, ова обврзување воопшто не е споменато.
НОВИ ИНИЦИЈАТИВИ ЗА КЛИМАТА, ДЕКАРБОНИЗАЦИЈА
Повеќе од 50 земји ја потпишаа Декларацијата за води за климатска акција. Тоа е повик за интегриран пристап во сузбивањето на причините и ублажување на последиците од климатските промени на водотеците и екосистемите во водата и околу неа. Иницијаторите се залагаат за вклучување на мерките за ублажување и адаптација во климатските политики на државите. Понатаму, повеќе од 50 актери од индустријата на водниот сообраќај, се договориле во периодот до 2030 година да го забрзаат воведувањето на горива со речиси нула емисии.
Во склоп на пакетот од 193 милиони долари за проекти во доменот на нејаглеродни горива, Велика Британија ќе даде поддршка за незагадувачки уреди за готвење за десет милиони луѓе во Потсахарска Африка, Јужна Азија и Индопацификот, со цел да престанат да користат јаглен и дрво. Група на држави, меѓу кои и членки на ЕУ, објавиле дека официјално ќе ги отфрлат сите проекти за нови термоелектрани на јаглен, доколку не вклучуваат системи за зафаќање на јаглерод диоксид. Иницијативата е за додавање на таа одлука во национално утврдените придонеси (NDC) пред самитот COP30. Во групата се 13 држави членки на ЕУ: Австрија, Белгија, Кипар, Чешка, Данска, Франција, Германија, Италија, Малта, Холандија, Словачка, Словенија и Шведска, како и Норвешка и Велика Британија.
Повеќе од 50 земји ја поддржале Декларацијата за намалување на метанот од органски отпад. Осум од нив се меѓу десетте најголеми емитери на метан од органски отпад, со вкупен удел од 51 %.
Мексико вети дека најдоцна до 2050 година, ќе ги елиминира емисиите на гасови со ефект на стаклена градина. Со тоа, сите членки на Групата 20 (G20), имаат свои рокови за целосна декарбонизација.
ЗЕМЈАТА ДОМАЌИН НА НАСТАНОТ, ДАЛЕКУ ОД НАПУШТАЊЕ НА ФОСИЛНИТЕ ГОРИВА
Интересно е што оваа конференција се одржа токму во земја која нема намера во скора иднина да се откаже од нафтата и од гасот и чија економија доминантно се потпира на приходот од овие енергенти. „Како земја богата со фосилни горива, ќе го браниме правото на останатите земји да ги искористуваат и натаму овие горива и да инвестираат во нив“, изјавил претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев на Петерсбершкиот климатски дијалог во Берлин во април годинава, сосема отворено истакнувајќи ја својата позиција и за самитот во Баку.
Во годината во која милиони луѓе се погодени со екстремни климатски катастрофи, парадоксално е што климатската конференција се одржува во земја која нема интерес да престане со експлоатација на фосилни горива. Имено, и покрај големиот потенцијал за обновливи извори на енергија, приходите од нафта и од гас сочинуваат 60 % од државните приходи на Азербејџан.