Насловна / Архитектура / Civic Trust 2016: Одбележување на исклучителната архитектура и проекти во доменот на изградената средина

Civic Trust 2016: Одбележување на исклучителната архитектура и проекти во доменот на изградената средина

На 4 март во „Лебед“ (Swan), Шекспировиот театар Глоуб (Shakespeare’s Globe Theatre) во Лондон, беа доделени 57-ите по ред годишни награди „Civic Trust“, со кои се одбележува исклучителната архитектура и проектите во доменот на изградената средина.1_pb_context

Оваа година биле пријавени 264 реализирани објекти за оваа престижна награда, од кои 58 национални и меѓународни проекти биле наградени со „Признание“ (Commendation), а кои ги вклучиле и наградите на „Про-тем“ (Pro-Tem) за времени проекти или инсталации, и нововоспоставената награда за Конзервација (Заштита на градителското наследство) на Регистерот на акредитирани архитекти во конзервација на објекти (Register of Accredited Architects in Building Conservation – AABC).

Дополнително, седум специјални награди биле доделени на проекти кои особено се истакнале во специјализирани области. Добитници на специјалните награди за 2016 година се:

2_dg_context

Награда „Селвин Голдсмит“ (Selwyn Goldsmith) за универзален дизајн

Оваа специјална награда, спонзорирана од Олимпискиот парк „Кралица Елизабета“ (Queen Elizabeth Olympic Park), се доделува во чест на архитектот и основачот во доменот на универзалниот дизајн, Селвин Голдсмит. Овогодишен добитник на наградата е проектот „длрЛексикон“ (dlrLexicon) на Кар Котер и Неисенс (Carr Cotter and Naessens) за потребите на Советот на околијата Дун Леихајер Ратдоун (Dun Laoghaire Rathdown County Council).

rmh_1

Специјална награда за Шкотска

Советот на градот Единбург и Советот на градот Глазгов ја имаат поддржано ова специјална награда чијшто овогодишен добитник е проектот „Куќа Роналд Макдоналд“ (Ronald McDonald House, Glasgow) од Кипии (Keppie). Куќата е објект за сместување на семејствата на децата што се на болничко лекување во Кралската болница за деца (Royal Hospital for Sick Children) во Глазгов, Шкотска.

1_faulknerbrowns_hebburn_central_huftoncrow_028

Специјална награда за импакт и вклученост на заедницата

Со оваа специјална награда се одбележува проектот што има покажано како успешната вклученост на заедницата може да помогне да се реализираат проекти со највисок квалитет, а притоа да се задоволат и потребите на локалното население. Овогодишен добитник на оваа специјална награда е „Хебурн централ“ (Hebburn Central) од Фолкнер Броунс Архитекти (Faulkner Browns Architect) за Советот на Јужен Тајнсид (South Tyneside Council).  Објектот е центар на заедницата во кој се сместени повеќе функции за задоволување на потребите на локалната заедница.

One Pancras Square, King's Cross

Специјална награда за одржливост

Оваа специјална награда, спонзорирана од Дервент Лондон (Derwent London), се доделува на проектот што покажал одлични карактеристики на оджливост од аспект на севкупните параметри на проектот, изборот на материјал, методи на изградба и долгогодишна потрошувачка на енергија. Плоштадот „One Pancras“ од Дејвид Чиперфилд Архитекти (David Chipperfield Architects) е добитник на овогодишната награда. Станува збор за слободностоечки деловен објект лоциран помеѓу станиците Kings Cross и St. Pancras International во Лондон.

stonehenge_vc_0043_small

Специјална награда „Мајкл Мидлтон“ (Michael MIddleton)

Со оваа специјална награда која се доделува во спомен на поранешниот директор на „Civic Trust“ Мајкл Мидлтон, се одбележува или проект за обнова на постоен објект или пак новоизграден обојект во зона на заштитено градителско наследство. Добитник на овогодишната специјална награда е Центарот за изложба и посетители „Стоунхенџ“ (Stonehenge Exhibition and Visitors Centre) на Дентон Коркер Маршал (Denton Corker Marshall) за English Heritage. Со изградбата на центарот, овој локалитет на светско културно наследство (World Heritage Site) конечно се стекнал со образовни и простори за интерпретација.

2__wolfgang_buttress,_uk_pavilion_milan_expo_2015,_image_credit_mark_haddon

Специјална награда на „Про-тем“ (Pro-Tem)

Добитник на овогодишната специјална награда за егземпларен проект или инсталација, спонзорирана од Metropolitan Workshop, е Павилјонот на Обединетото Кралство на Излжбата во Милано (UK Pavilion Milan Expo) од Волфганг Бутрес и БДП (Wolfgang Buttress и BDP) за УКТИ (UKTI). Павилјонот бил нарачан од страна на Британската влада, а со цел да се презентира британскиот дизјан, креативност и иновација. Темата на Светската изложба била „Да се прехрани планетата: Енергија на животот“ (Feeding the Planet: Energy for Life).

7_rk_referenceareatop_floor

Специјална награда на националниот панел

Членовите на Националниот панел (за доделување на наградата „Civic Trust“) го бираат добитникот на оваа специјална награда од веќе наградените проекти за овогодишната награда. Најсаканиот проект од сите наградени проекти за Националниот панел, оваа година е „длрЛексикон“ (dlrLexicon) на Кар Котер и Неисенс (Carr Cotter and Naessens) за потребите на Советот на Околијата Дун Леихајер Ратдоун (Dun Laoghaire Rathdown County Council).

dirlLexicon е новиот објект на главната околиска библиотека, кој е лоциран на работ на постоен парк во Дун Леихајер, главниот град на Околијата Дун Леихајер Ратдоун во Република Ирска. Станува збор за мултифункционален објект, кој покрај библиотеката на три ката содржи и аудиториум, уметничка галерија, кафетерија, соби за состаноци на заедницата, управата на библиотеката, деловни простории и простории за обука. Покрај објектот и паркингот во рамките на проектот, и паркот бил целосно реконструиран за да се обезбеди пешачко поврзување помеѓу главната улица во градот лоцирана над, и пристаништето и морето што се лоцирани под комплексот. Преку ова биле исполнети клучните барања на проектната програма: (а) да се изврши поврзување на градот со пристаништето преку лоцирање на нов јавен објект, и (б) да се воспостави мултимедијална библиотека и културен центар за целата заедница. Преку реконструкцијата на паркот, извршена е реконфигурација на историските елементи на каменоломот, теренот за куглање на трева, оградената градина, куќата на раководителот на пристаништето, во нова урбана композиција која го поврзува градот и пристаништето.

Организацијата на просторот овозможува динамички однос помеѓу внатрешните простори од една страна, и пејзажите и визурите од друга срана, со што се истакнува стратегијата на дизајнот базирана на принципот на интеграција каде сите поединечни елементи придонесуваат да се нагласи концептот на дизајнот. Материјализацијата на просторот ја карактеризира ограничена палета на материјали со примена на традиционалната палета на Даблин, карактеризирана со примена на гранит и бронза. Добро испроектираната бетонска обвивка во комбинација со долги отвори, овозможува панорамски погледи. Кровната конструкција над галеријата, по примерот на индустриски објекти, е оформена од наизменично поставени греди и надсветла коишто овозможуваат кровно осветлување на библиотеката.

Организацијата Civic Trust (www.civictrust.org.uk) е основана во 1957 година од британскиот политичар Данкан Сандис (Duncan Sandys), бивш зет на Сер Винстон Черчил (Sir Vinston Churchill), кој се залагал за создавање на подобри места за живеење на луѓето. Наградите „Civic Trust“  (www.civictrustawards.org.uk) се основани во 1959 година и претставуваат една од најстарите награди за реализирани објекти во доменот на изградената средина во Европа.

Со благодарност до организацијата Civic Trust за пристапот до илустративните материјали за овогодишните награди.

Испрати коментар

Scroll To Top