Цистерна Базилика (турски: Yerebatan Sarayı) наликува на филмски кулиси. Навистина се појавува во филмот „Од Русија со љубов“ во кој Џејмс Бонд го глуми Шон Конери. Најпознатиот Шкотланѓанец поминува со чамец меѓу столбовите на Потонатиот дворец, како што Турците го нарекуваат местото и е заслужен за првата глобална популарност на оваа подземна градба.
По тој филм, туристи од целиот свет почнаа да доаѓаат во Истанбул и да се запознаваат со знаменитостите на единствениот град во светот кој се простира на два континента.
Во меѓувреме следеше вториот бран на светска популарност, кој го донесе филмот „Инферно“ со Том Хенкс.
Цистерната Базилика е подземен резервоар за вода кој е изграден во Цариград како залиха на вода во случај на опсада на градот. Вода до него и околу стотина слични, но помали објекти, доаѓала преку римски водовод од извор оддалечен 19 километри во Белградската шума која се наоѓа северзападно од Истанбул и е едена од најпознатите паркови во градот.
Цистерна е изградена во 6. век, за време на владеењето на Јустинијан, на првиот од седумте цариградски ридови. Над неа се наоѓала базилика, па така и го добила името. Во еден момент цистерната била заборавена. Повторно е откриена случајно.
Цистерната Базилика е долга 138 метри, широка 65 метри и зазема површина од 9.800 квадратни метри, а волумен од околу 80.000 кубни метри.
Фактот што цистерната е под земја и ја дава нејзината посебност, може да се каже и величественост. Имено, таванот на објектот го носат 336 столбови кои се високи девет метри. Тие се распоредени во 12 реда, по 28 столбови во секој. Не се сите столбови исти. Донесени се од други локалитети, ширум Византиската империја. Најверојатно, тие се земени од локалитети на срушени храмови. Два столба имаат постаменти во вид на главата на Медуза. Се претпоставува дека потекнуваат од некој храм од периодот на Стариот Рим. Едната глава на Медуза е поставена на страна, додека другата е поставена наопаку. Се верува дека ова може да го поништи ефектот на погледот на Медуза кој ги претвора луѓето во камен.
Кога Османлиите го освоиле Цариград, Цистерна Базилика продолжила со својата намена, пренасочувајќи го својот тек кон Топкапи-сарај. Базиликата во текот на својата историја доживеала неколку реставрации. Првите поправки започнале во 1723 година, во времето на султанот Ахмед III, а втората во времето на султанот Абдул Хамид II (1876-1909). Пукнатините на ѕидовите и оштетените столбови биле поправени во 1968 година, а реставрација објектот доживееал и во 1985 година кога биле извадени 50.000 тони кал.
Од 9. септември 1987 година, објектот е отворен за посетители.
Денеска, Цистерна Базилика е туристичка атракција на градот. Цистерна има добра циркулација на воздухот и покрај тоа што се наоѓа под земјата. Во цистерната се наоѓа и еден кладенец, во кој според верувањата доколку се фрли паричка и се замисли желба, таа ќе биде остварена.