Насловна / Вести / Зоолошка градина по мерка на животните

Зоолошка градина по мерка на животните

zooloska-gradina-po-merka-na-zivotnite-thumb.jpgПроектирањето и изготвувањето на техничката документација за Зоолошката градина во Битола, е според стандардите и препораките на European Association of Zoo and Aquaria (EAZA), најрелевантната европска институција за заштита на животните. Минатата година, во рамките на Акцискиот план за развој на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, а на иницијатива на општина Битола, беше предвиден проект за изработка на техничка документација за Зоолошката градина во Битола.

Имено, Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, кој е лоциран во југозападниот дел на Република Македонија, брои околу 240.000 жители, кои, несомнено ќе бидат и крајните корисници на резултатите од овој проект. Правилната проценка за давање приоритет на проектот, произлегува од големиот економски, научно-истражувачки, едукативен и културен придонес кој една современа зоолошка градина би можела да го даде во насока на зголемување на општото знаење кај населението во регионот во врска со заштитата на животните, нивната добросостојба, екологијата и зачувување на биодиверзитетот.

 

Формирана пред повеќе од 60 години и распослана на околу два хектари површина, битолската зоолошка градина располага со капацитети, кои ни оддалеку не ги задоволуваат потребите на една современа забавна зона, условите на животинските видови за живот во заробеништво и условите за работа на луѓето што се грижат за нив. Кон решенија за комплексноста на оваа задача, тим проектанти од студиото ,,Есперанца дизајн" пристапи со еден сосема нов концепт. 

zooloska-gradina-po-merka-na-zivotnite-1.jpg

Ако досегашната претстава за живеалиште беше кафез со минимални димензии, новопланираните живеалишта нудат средба со животното во амбиент на неговото природно опкружување, во отворени летни живеалишта со големи тревни површини, дувла и пештери, водни површини и базени, дебели сенки и осончени платформи. Оваа пејзажна архитектура, претставуваше посебен предизвик за тимот проектанти. При уредувањето на отворените живеалишта и формирањето на нови содржини во слободните зони околу главната пешачка артерија на зоолошката градина, посебно се внимаваше на прекрасниот наследен амбиент и опкружувањето. Максимално е задржана драгоцената конфигурација на теренот, а постоечките зелени површини, паркови и еко катчиња се дополнително збогатени со урбана опрема, едукативни содржини и пунктови за одмор.

 

Едно од главните барања на носителот на проектот, Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, беше потребата од посетеност на зоолошката градина преку целата година. Тоа го овозможија новопланираните зимски живеалишта, кои за разлика од досегашните, овозможуваат контакт на животните со посетителите. Со оглед на ниските зимски температури во Битола, а имајќи предвид дека 90% од видовите присутни во зоолошката градина во природата се среќаваат во топлите краишта на Земјата, овој нов момент додатно го усложни, од функционален аспект, веќе сложениот концепт на секое живеалиште пооделно. 

zooloska-gradina-po-merka-na-zivotnite-2.jpg

Имено, се јави потреба од создавање на идеални услови за топли простории, одржување на нивната хигиена и нивна интензивна природна и вештачка вентилација. Неопходно беше оформување на зони за посетители, од безбедносен аспект комплетно заштитени, а во исто време доволно транспарентни за визуелни контакти со животните, и на крај, оформување на сервисни зони за зоо негователи, скриени од погледите на посетителите, преку кои се овозможува безбеден пристап до секое катче на живеалиштето.

 

Овие сервисни зони обезбедени за секое живеалиште и летно и зимско пооделно, меѓусебно се поврзани со сервисна патека, која води до главната сервисна зона на зоолошката градина. Заради конкретните потреби на различните видови на животни-жители на зоолошката градина во Битола, сите живеалишта меѓусебно се разликуваат во своите квадратури, висини, поставеност на просториите, видот и големината на отворите, видот и цврстината на металните и стаклените прегради, подовите и опремата вградена во ентериерите. 

zooloska-gradina-po-merka-na-zivotnite-4.jpg

Дизајнерски ги врзува употребата на исти природни материјали, дрво, камен, тула, одбрани за да го надополнат и збогатат природниот амбиент, а максимално вкомпонирани во современ изглед на објектите. Во рамките на парцелата на зоолошката градина, освен живеалиштата на животните, што се носечкиот столб на кој се темели нејзината зголемена посетеност, се планирани и придружни објекти сместени во административно- сервисната зона. 

zooloska-gradina-po-merka-na-zivotnite-3.jpg

Концепцијата на современа зоолошка градина, која, меѓу другото, треба да обезбеди и богата понуда на анимациски содржини и квалитетни едукативни програми, ја отвори потребата од планирање на објекти и простори, кои би ја добиле оваа мултинаменска функција. Тие се распоредени на пунктни точки во парцелата, кои дозволуваат да се обезбедат услови за едукација, одмор и рекреација. При проектирањето и изготвувањето на техничката документација, посебно е внимавано на стандардите и препораките на European Association of Zoo and Aquaria (EAZA), која како најрелевантна европска институција се грижи за заштита на животните, нивната добробит и зачувување на биодиверзитетот на европскиот континент.

 

Исполнувањето на европските критериуми, ќе го олесни процесот на зачленување на Битолската зоолошка градина во оваа меѓународна институција. 

zooloska-gradina-po-merka-na-zivotnite-5.jpg

Проектот е реализиран од страна на Центарот за развој на Пелагонискиот регион, а е финансиран од Министерството за локална самоуправа на Република Македонија, преку Бирото за рамномерен регионален развој.

Испрати коментар

Scroll To Top