По повод изложбата „Toward a Concrete Utopia – Architecture in Yugoslavia 1948 -1980“ која се отвори на 15 јули годинава во њујоршката МоМА во минатиот број на Порта 3 објавивме прв дел од интервјуто насловено „(Не)реализирана утопија на една држава и нејзиниот народ“. Разговорот го водевме со членовите на кураторско советодавно тело (curatorial advisory board) од Македонија, архитектите, Владимир Десков, Ана Ивановска-Дескова и Јован Ивановски. Првиот дел беше посветен на архитектурата од подрачјето на поранешна Југославија. Тие велат: „Откако историјата на ’Западот‘ е веќе напишана, денес во круговите на истражувачите сѐ повеќе расте интересот за помалку познатите и истражени подрачја. Паралелно на ова и модернизмот на повоените години минува низ еден процес на (пре)вреднување“.
Во вториот дел од интервјуто кое го продолжуваме во овој број, разговаравме за архитектурата во Скопје, нејзиното значење, вреднување, препознавање, потценување, негрижа. Зборувавме за нашето Скопје во МоМА. Владимир, Ана и Јован велат: „Нашиот личен интерес за архитектурата на Скопје од 20-тиот век трае непрекинато веќе десетина години. Во различни форми, преку личното унапредување, преку низата истражувачки проекти и изложби, преку нашата работа сите овие години настојувавме пред сѐ да го разбудиме интересот, да укажеме на значењето, да влијаеме врз јавното мислење, да едуцираме, да делуваме со еден вид на ’експериментална заштита‘ во средина во која институциите не преземаа ништо“.
Изложбата ќе трае до 13 јануари идната година и е прво опсежно излагање на архитектурата од подрачјето на поранешна Југославија во Соединетите Американски Држави.
Културниот центар на словенечките архитекти „Биро 71“
Каде е Скопје во контекст на поставката? Зазема ли посебно истакнато место?
Во однос на основниот концепт на изложбената поставка, темата на Скопје се наоѓа во вториот дел – во делот кој говори за врските на Југославија и светот. Во рамките на вака структурирана изложба, каде еден сегмент се однесува на глобалните поврзувања, неизоставна е темата на изградбата на Скопје по земјотресот – апелот упатен до глобалната заедница, помошта од преку 80 земји во светот, вклучувањето на Обединетите нации, различните експерти кои учествуваат во различните фази на процесот, планот за централното градско подрачје на Кензо Танге, архитектонската продукција… Така, делот за Скопје во МоМА добива своја „соба“, издвоено катче со значителна површина во кое Скопје e издвоено како препознатлива целина.
Како, на кој начин и со кои дела е претставена архитектурата во Македонија? Кој одлучуваше како ќе биде претставена Македонија?
Во претставувањето на Македонија од првиот момент не постоеше дилема дека ќе биде прикажано Скопје. Иако првичната идеја беше да се прикаже „бруталистичката“ архитектура на Скопје, како нешто кое е навистина дистинктивно за градот и го разликува од кој било друг град од поранешните југословенски простори според обемот и квалитетот на реализациите, темата се прошири на постземјотресната обнова на Скопје. Постземјотресната обнова на градот е несомнено најзначајниот сегмент од неговата понова архитектонска историја кој апсолутно не може да биде заобиколен и кој по повеќе основи беше соодветен за изложба конципирана на ваков начин.
Првичната листа на објекти и прилози која ја предложивме беше мошне обемна; низ неколку последователни круга на селекција и безброј преписки сo MoMA, бројот на експонати се намали драматично. Од една страна стоеше она што е на располагање како оригинален материјал, од друга страна просторните можности, концептот на поставката итн. На крајот, своето место на изложбата го најдоа конкурсниот труд на Кензо Танге за центарот на градот (претставен преку оригинални скици и цртежи на Танге и оригиналната макета), Културниот центар на словенечките архитекти „Биро 71“ (претставен преку цртеж и макета), Универзитетскиот кампус на Марко Мушич, Студентскиот дом „Гоце Делчев“ и Архивот на Град Скопје на проф. Георги Константиновски, Телекомуникацискиот центар на Јанко Константинов и Управата за хидрометеоролошки работи на Крсто Тодоровски. Во друг сегмент на поставката се наоѓа и прилог од Музејот на Македонија на Мимоза Томиќ и Кирил Муратовски и како што веќе спомнавме, прилози од Македониумот во Крушево во сегментот „Идентитети“.
Така, делот за Скопје во извесна смисла претставува хибрид помеѓу првичната замисла – архитектурата на „брутализмот“ и архитектурата на постземјотресната обнова на градот. Дел од објектите кои ги предложивме, на наше разочарување, не ја поминаа селекцијата на МоМА. Разбирливо е веројатно, дека кога ќе добиете ваква шанса имате амбиција да покажете што повеќе, но…
Сепак, опсегот на изложбата е мошне широк и повеќе од тоа темелно да ги исцрпи темите и научно и доследно да ги прикаже, изложбата има за цел да даде широк и разнороден преглед и да укаже на мноштвото на теми… на различностите… на специфичните подрачја од кои секое за себе претставува тема за истражување и покажување.
Изложбата се обраќа на една мошне широка публика, во интернационален контекст, на публика која веројатно и нема никакви предзнаења за темите кои се покажани. Затоа, важно беше темите да бидат нагласени, во доволна мера поедноставени и особено визуелно впечатливи. Во таа насока треба да се сфатат и бројните поедноставувања и во прикажувањето и во појаснувањето.
Телекомуникацискиот центар на Јанко Константинов
Како се случи вашата соработка за изложбата и кој е вашиот удел во целата поставка?
Поканата за учество во овој проект беше упатена од Мартино Стиерли. Наша претпоставка е дека и другите учесници беа избрани на истиот начин, врз основа на претходниот истражувачки труд на темата.
Интересно е дека токму првата средба на целиот работен тим се случи во Скопје, во ноември 2015 година. Во тој момент проектот беше во својата иницијална фаза, на ниво на почетна идеја, а сите ние поединечно, и сите заедно, низ низа на презентации се обидувавме да го убедиме Мартино дека темата што ја замислил навистина постои, и постои куп истражувачки материјал зад неа, кој го заслужува вниманието на МоМА и вниманието на светот. Улогата на тимот од Скопје, меѓу другото, беше и да го организира самиот настан.
По оваа средба следеше средбата во Сплит, летото 2016 година, на која веќе се презентираше првата и широка селекција на материјал за секоја од (тогаш сè уште) потенцијалните теми.
Улогата на секој од кураторските тимови беше сложена – да предложи тема, да ја поткрепи со соодветен материјал (во случајов речиси исклучиво оригинален – оригинални модели, мноштво цртежи, фотографии итн.), да ја обезбеди комуникацијата со соодветните институции и поединци кои го поседуваат материјалот, да посредува во сите фази од пронаоѓање на материјалот сѐ до испраќање на материјалот во Њујорк; процес кој знаеше да биде исклучително сложен, а честопати се чинеше и невозможен.
Благодарение на вашата изложба имавме можност да се најдеме сред скопските вертикали во Музеј на Град Скопје и чувството беше прекрасно. Како е да се најдете во чисто, автентично Скопје сред Њујорк?
Чувството да видите делови од Скопје во МоМа во Њујорк е извонредно; кога ќе препознаете интерес кај луѓе кои никогаш претходно не го виделе Скопје и кои немаат никакво претходно знаење за градот, за неговиот развој, за неговата архитектура, туку покажуваат интерес единствено врз основа на приложените артефакти е извонредно.
Нашиот личен интерес за архитектурата на Скопје од 20-тиот век трае непрекинато веќе десетина години. Во различни форми, преку личното унапредување, преку низата истражувачки проекти и изложби, преку нашата работа (на Архитектонскиот факултет и Универзитетот Американ Колеџ), сите овие години настојувавме пред сѐ да го разбудиме интересот, да укажеме на значењето, да влијаеме врз јавното мислење, да едуцираме, да делуваме со еден вид на „експериментална заштита“ во средина во која институциите не преземаа ништо. Иако мошне бавно, сепак се чини дека работите имаат тенденција кон подобрување. Ако до неодамна за Скопје се пишуваше како за „европски главен град на кичот“, сѐ повеќе расте интересот за модернистичкото наследство на градот и локално и во меѓународни рамки.
Изложбата во МоМА за нас претставува конечна потврда дека сме биле на вистинскиот пат. Во истражувачка смисла, оваа поставка можеби и не нуди нови сознанија, за материјалот веќе било говорено, бил покажан, на ваков или онаков начин. Меѓутоа, за сите нас овде, изложбата во Музејот на модерната уметност во Њујорк е од исклучително значење. Во една средина која сè уште не е сосема начисто и која сè уште се прашува дали оваа архитектура вреди или не… МоМА го стави својот печат и рече: „Да, вреди“. Се надеваме дека ова е доволна потврда која ќе ги поттикне процесите за локално вреднување на архитектурата на 20-тиот век, кои секако доцнат.
Макетата од конкурсниот труд на Кензо Танге
Секој од нас дома имал барем некој идентичен предмет, некоја столица, телефон или телевизор кој е сега изложен во МоМА. Предизвикува ли изложбата носталгично чувство, потсетува ли на детството?
И за нас, а верувам уште повеќе за генерациите малку повозрасни од нас (за секој оној кој барем дел од животот/детството го поминал во поранешна Југославија, патувал на екскурзија, летувал на хрватското крајбрежје, поседувал Iskra телефон…) интересно е да се види како познатите места, градби, предмети… станале историја – веќе не минато, туку историја.
Кои градови ги посетил Стиерли во поранешна Југославија и со кои објекти се запознал одблизу? Го посетил ли Скопје?
Мартино Стиерли е одлично запознаен со архитектурата на поранешна Југославија. Заедно со Владимир Кулиќ и заедно со членовите на кураторското советодавно тело, изминативе две години ја пропатува територијата на поранешна Југославија и се запозна со речиси сѐ што е покажано на изложбата.
Како што веќе напоменавме претходно, првата средба на Мартино со потенцијалниот работен тим се случи во Скопје. Покрај работните состаноци кои се одвиваа во Младинскиот културен центар, имавме можност заеднички да ги посетиме просторите на Македонската опера и балет, Универзитетот, Музејот на современа уметност, Музејот на Град Скопје (каде на увид беше поставена макетата од конкурсниот труд на Кензо Танге), Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Архивот на Град Скопје, Управата за хидрометеоролошки работи итн.
Кензо Танге „Веројатно се превртува во гробот“
Стиерли во едно интервју за „Јутарњи лист“ го спомена Скопје, велејќи дека Кензо Танге „Веројатно се превртува во гробот“. Навидум изгледа дека останатите ја почитуваат нашата архитектура повеќе од нас самите, мислам на архитектурата во целата бивша Југославија. Што треба да направиме за да умееме да почитуваме?
Изминативе, речиси три децении поминавме низ еден специфичен период на растурање на една држава и создавање повеќе нови; на растурање на еден општествен систем (југословенскиот самоуправен социјализам) и преод кон друг (либерален капитализам). Ваквата трансформација јасно е дека се одрази врз сѐ – врз политиката, економијата, стопанството, културата, па и врз архитектурата – и врз онаа веќе изградената и врз таа која допрва требаше да се изгради. И во таа смисла не сме единствени; низ слични процеси поминуваа и други земји и други главни градови, со повеќе или помалку последици.
После сите овие години, со доволно историска дистанца и доволно искуство зад себе, потребно е конечно сериозно и продлабочено да се заинтересираме, да се едуцираме, да се обидеме да ја сфатиме оваа архитектура и да ја вреднуваме; да ја прифатиме како наше градителско наследство, наследство кое во случајот на Скопје е особено симболично. Од една страна поседуваме архитектонски реализации чија вредност излегува вон рамките на локалното, од друга страна речиси сите денес се наоѓаат во тажна состојба; состојба која не е резултат на лошиот проект, лошата изведба или несоодветноста на самата градба, туку на нашата долга и систематска негрижа за нив.
Изложбата се отвори на 15 јули, но што е тоа што се случуваше на 11 јули кога сите овде со возбуда го следевме настанот?
Од 15 јули изложбата беше отворена за пошироката јавност, но свеченото отворање беше на 11 јули, за сите оние кои на различен начин учествувале во подготовката на изложбата и за гости повикани од страна на Музејот. Денот беше во целост исполнет со активности; утрото започна со конференција за печат, а вечерта заврши со забава во градината со скулптури на МоМА.
Забава во градината со скулптури на МоМА
Изложбата е насловена „Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia, 1948–1980“. „Concrete“ во овој случај може да значи и „конкретна“ утопија и „бетонска“ утопија, зависи како читате. Зошто двосмисленост во насловот, можеби цинизам или порака?
Насловот на проектот нарочно нуди повеќе читања. Во најбуквална и најочигледна смисла алудира на „бетонската утопија“, имајќи го предвид карактерот и материјалноста на голем дел од претставеното архитектонско творештво. Од друга страна, се референцира на концептот на „конкретна утопија“ на Ернест Блох што е веројатно и посоодветниот превод. Радикалните и неретко утописки архитектонски и урбанистички замисли во Југославија достигнуваат висок степен на реализација; во земја во која и самиот општествено-политички и економски систем се покажа дека има утописки карактер. Во случајот на поранешна Југославија, бетонската утопија ја надживеа оваа втората, политичката.
Како успеал Стиерли, потребна ли е храброст да се издејствува изложба за архитектурата во Југославија? Општо е познато дека Западот, особено САД имаат скоро фобија од комунизам и оваа тема за нивните сфаќања е контроверзна, нашата архитектура му припаѓаше на народот.
Проектот „Towards a Concrete Utopia…“ е храбар проект. Тој отвора поглавје кое претходно не е отворено, во ова мерило и во институција од рангот на МоМА, пред публика која може, но и не мора да покаже особен интерес, особено ако се постави и прашањето за значењето и влијанието на архитектурата на поранешна Југославија вон просторот на Југославија. Оттука, проектот можеше да биде голем успех… подеднакво и голем неуспех (имајќи ги предвид очекувањата, сложеноста во организациска смисла, времетраењето на поставката итн.). На кој начин Стиерли успеал да го „истурка “ проектот, да обезбеди финансирање итн. за нас е непознато. Интересно е дека токму овој е и првиот голем проект на Стиерли од моментот кога стапува на оваа позицијата во МоМА.
Од друга страна пак, темата е актуелна имајќи го предвид она што веќе го споменавме – засилениот интерес за помалку познатите подрачја (особено од поранешните комунистички/социјалистички земји) и (пре)вреднувањето на архитектурата на 1960-тите и 1970-тите во светски рамки.
Самата изложбена поставка не влегува во (пре)објаснување на политичкиот систем кој го создал изложениот производ. Вешто избегнувајќи го социјализмот уште од самиот наслов, поставката комуницира со посетителот пред сѐ преку изложените експонати, нивниот квалитет и визуелна впечатливост. Појаснувањето може да го најдете во придружната публикација (која поради обемот и квалитетот тешко може да се нарече каталог), пред сѐ во трите клучни текста на Стиерли – за архитектурата на Социјалистичка Југославија како лабораторија на глобализација во времето на студената војна; на Кулиќ – за архитектурата и градењето на федерализмот/братството и единството во рамките на Југославија и на Мрдуљаш – за архитектурата и самоуправувачкиот социјализам.
Според мислењето на коавторот на изложбата Кулиќ, изложбата накратко сака да го реактивира времето во кое „постоењето на архитектурата било насочено кон доброто на заедницата, што е во спротивност со денешната скоро апсолутна доминација на приватниот интерес, на кој е подредена дури и државата“. Оваа злоупотреба на приватниот интерес кај нас е одамна присутна, но и во светски рамки, насилството на капиталот сè повеќе ја диктира архитектурата. Била ли архитектурата во Југославија понапредна во сфаќањата на просторот и со повисок морал?
Изложбата во МоМА се занимава со модернизмот во поранешна Југославија од 1948 до 1980 година – што би значело од прекинот на односите со Сталин и заладувањето на релациите со источниот блок, до почетокот на 1980-тите години; години кои го означуваат почетокот на кризата во политиката и економијата и почетокот на постмодернистичките текови во архитектурата.
Тоа се годините кога модернизмот во Југославија го достигнува својот зенит, години на државно организирана изградба која работи во крупни потези, често пати со огромни размери и во извесна смисла утописки карактер – можеби не толку во однос на радикалноста на конкретната урбанистичка или архитектонска визија, колку што се утописки во однос на контекстот во кој настануваат – социјален, економски и културен. Архитектурата генерално гледано… домувањето, објектите на општествениот стандард итн. во извесна смисла се инструмент на државата, а преку изградбата и приоритетите во градењето јасно може да се следат и различните државни политики. Изградбата има јасен модернизациски предзнак и наспроти очигледниот квантитет има и силна амбиција за квалитативен исчекор. Истовремено, станува збор за период во светската архитектонска историја во кој градовите и во глобални рамки сè уште се доживуваат како „резултат на колективен напор“, а архитектурата како „јавна работа“; како значајна еманципаторска алатка и средство за општествено и особено културно подобрување.
Годините на распаѓање на социјалистичкиот систем и долгата транзиција кон капиталистички систем водат кон создавање на поинакви услови за развој на градот и архитектурата во него. Државата не е веќе главниот планер, финансиер и изведувач на изградбата; идејата за решавање на територијата во крупни потези исчезнува, а со тоа за жал и прашањето за јавниот интерес, колективното добро, јавните простори итн. Во рамки на новите политики на управување со просторот (сè уште) не постои изразена интенција покрај со приватниот интерес да се занимаваме со подигање на квалитетот на јавниот интерес. Градбите на транзициското време забрзано го освојуваат просторот на градот и „празното“ од претходната модернистичка матрица за жал го исполнуваат со градбена супстанца без особен архитектонски квалитет.
Можеме ли конечно повторно да создаваме архитектура која ќе биде достојна да се претстави во МоМА?
Постојат различни толкувања на архитектурата… меѓу другите и дека архитектурата е производ на општеството. Кога општеството е во подем и уметноста, и литературата, и културата… и архитектурата се во подем. Кога општеството е во криза и архитектурата е во криза.
Какви се реакциите во светот по повод изложбата? Каква е посетеноста и заинтересираноста за изложбата?
МоМА е светска институција која секако е многу посетена. Музејот е култно место и безмалку must see дестинација за сите оние кои ќе го посетат Њујорк, биле големи познавачи и љубители на уметноста или не.
Значајно е дека за изложбата со свој позитивен коментар се огласија весници/списанија чиј суд е важен и влијателен – New Yorker, New York Times, Financial Times, Wall Street Journal… на повеќе наврати се појавија информации и фотографии на Dezeen итн. На територијата на поранешна Југославија исто така интересот е буден подолго време. Нашите колеги даваа интервјуа и пред заминувањето во Њујорк и по отворањето на изложбата. Кон средината на ноември, во Белград ќе се одржи и конференција која повторно ќе ги собере учесниците и ќе се разговара на истата тема.
(крај)
Јован, Ана и Владимир