Американската компанија Nikola Motor Company конечно го претстави својот „зелен“ хибриден камион со име Nikola One.
Компанијата објави дека камионот ќе се движи на водородни ќелии и дека со едно полнење ќе може да помине 1.200 милји што се еквивалент на 1.900 километри.
Новата администрација на Доналд Трамп би можела под полна пареа да се врати кон фосилните горива, но застапувачите на зелената енергија имаат други идеи, што докажува овој камион кој го носи името на големиот научник Тесла.
Хибридниот систем на овој џин се наоѓа зад кабината со батерија од 320 киловат-часови, што акумулира енергија за покренување на шест електромотори, секој за едно тркало. Силата на камионот е доволна да произведе влечна сила за транспорт на околу 36 тони товар, со автономија од 2.000 километри. Исто толкав е и бројот на коњски сили и неверојтни 5.000 њутнметри максимален обртен момент.
Камионот, како што велат претставниците на компанијата, би требало да троши двапати помалку гориво од класичните дизел мотори, на кои се движат современите камиони. Камионите моментално се нудат на лизинг, со дополнителна примамлива понуда за бесплатен метан за првите 1,6 милиони километри, кои ќе бидат покриени во цената за лизингот.
Цената на закупот сè уште не е позната, но досега се прифатени резервации во износ од „околу три милијарди долари“, што според проценките е цена за 7.000 камиони.
Најголем проблем за овие возила е всушност недостатокот на инфраструктура, што ќе им овозможува услуги за полнење со гориво. Заради тоа, компанијата NMC планира да произведува сопствено течно хидрогенско гориво, кое ќе се продава во САД и Канада од 2018 година. За производството на гориво компанијата планира и изградба на огромни соларни плантажи со капацитет на производство од 100 мегавати енергија, што ќе се користи за електролиза и производство на водород.
На презентацијата што се одржа на 1 декември, основачот и извршниот директор на компанијата, Тревор Милтон, го опиша како „досега најнапредниот произведен камион“.
Тој наведе дека една од иновациите е паметната табла, што им овозможува на возачите да ја одберат најекономичната рута. Во кабината има и кревети, Епл ТВ, Wi Fi, пристап до 4G мрежа, како и фрижидер, замрзнувач и микробранова печка.
Сепак, веќе се појавија коментари дека нивниот план за производство на 50.000 единици на годишно ниво е преамбициозен.
Иронично, Никола ќе се натпреварува со Тесла, затоа што и Илон Маск го најави својот револуционерен примерок на камиони.