Од 15 до 18 август во Велестово и во Охрид се одржува 26-тото издание на традиционалната манифестација „Поетска ноќ во Велестово“. Ова несекојдневно поетско случување на прекрасната планинска локација која е неизмерна инспирација за многу уметници, од која се гледаат како на дланка бистрото Охридско Езеро и двата града Охрид и Струга, претставува вистинска лулка на поезијата и културата. Првата вечер беше посветена на претставувањето на поетскиот портрет и творечкиот опус на авторката, академик Катица Ќулавкова. За нејзиното творештво беседеше професор д-р Владимир Мартиновски, кој го истакна нејзиниот посебен однос кон македонскиот јазик и неговото негување, кон традиционалните симболики и историски моменти од различни периоди во кои оживуваат ликовите на бројни личности како и едно вонвременско создавање на предмети на прекрасна поетска медитација. Притоа, неговото беседење беше проследено со читање на одбрани стихови од нејзината поезија во интерпретација на аматерската театарска група „Аматер“ од Охрид.
По читањето, традиционално беше отворена изложба во објектот на Старото училиште, каде шест млади уметници од уметничкото здружение Центар за културен проток АРТерија од Охрид го претставија своето творештво како еден свеж, младешки импулс во парчињата креативен мозаик што вечерта на 15 август ги разоткри Велестово.
ЦКП АРТерија е формирана како здружение од млади уметници – ентузијасти во декември 2010 година, преку кое се реализираат нивните заеднички, општи и поединечни права, интереси, а пред се унапредување и афирмирање на уметноста и културата во Охрид, како и културно-уметничката едукација. Во нивното досегашно портфолио се наоѓаат бројни изложби на нивните членови, изложби на останати уметници од Македонија и други земји како и организација на уметничкиот фестивал во Охрид УФО.
Овие млади уметници дадоа препознатлив печат на изложбата со претставувањето на нивни дела работени во различни уметнички медиуми, што ја направија изложбата динамична и шаренолика, рефлектирајќи шест различни уметнички приказни: Димитрие Ристески со графики и скулптури, Ели Аиноска со слики и цртежи, Стевчо Наумоски со типографски постери, Билјана Ангелеска со објект-инсталација, Ивана Групче со фотографии и Зорица Азеска-Спасеска со релјефи.
По посетата на изложбата, овој несекојдневен настан беше зачинет со свечен коктел и велестовско ѓомлезе на отворено со погледи кон прекрасната езерска шир.
Фотографии за прилогот: Јован Димоски и Ивана Групче