Насловна / Вести / Чисто, како Лешница после нас

Чисто, како Лешница после нас

Планинарскиот клуб ПК „Јелак“ од Тетово со мотото „Чисто, како Лешница после нас“, успешно организираше планинарско-еколошка акција на Шар Планина која се одржа на крајот на септември. Целта беше да се исчисти од ѓубре долината на Долна Лешница, како и потегот кон популарно наречената Кривошија, и патеките и ливадите околу неа. Во официјалниот настан на социјалната мрежа Фејсбук стоеше, „летото кое штотуку измина ја вивна Долна Лешница и Кадите на Кривошиска Река во несомнено најатрактивна планинарско-туристичка дестинација во Македонија, и како таква беше посетена од илјадници луѓе во релативно краток период. Таквата фреквенција и поведението на некои од посетителите, донесоа ѓубре во поголема количина од вообичаеното, расфрлано низ убавините на утробата на Шар Планина. Затоа, како вљубеници во природата, но и како тетовчани, чувствуваме обврска да преземеме иницијатива за нејзино темелно чистење! По тој повод, организираме еколошка акција за чистење на 27.9.2020. Ги повикуваме сите планинари, планинарски и спортски друштва, вистински вљубеници во природата, ентузијасти, добронамерници, активисти, да ни се приклучат во масовната акција за чистење на целата долина Долна Лешница и потегот кон Кадите на Кривошиска Река.“

Иницијативата спонтано и речиси истовремено произлезе од неколкумина членови на ПК „Јелак“, кои летово беа во одвоени приватни посети на Долна Лешница и Кривошија, имајќи предвид дека не одржувавме масовни клупски акции согласно препораките од матичната Федерација на планинарски спортови поради светската пандемија со Ковид-19.

Сл. 1 – Мотив од Долна Лешница_resize

 

       Сл. 1 – Мотив од Долна Лешница

НЕСОВЕСНИ ПОСЕТИТЕЛИ

Вџашени од тоа што летово во неколку наврати го видовме во срцето на Шар Планина, решивме да преземеме обврска за чистење на овие преубави предели. За среќа, нашиот емотивен апел и повик наиде на широк интерес од јавноста кој беше неопходен за реализација на акцијата, имајќи предвид дека теренот е специфичен и прилично голем. Во оваа прилика, од името на ПК „Јелак“ сакам уште еднаш да им се заблагодарам на сите присутни кои несебично се вложија себеси во собирање на секој еден оставен отпадок од несовесни посетители. А таквите несовесни луѓе за жал ова лето беа во зголемен број. Делумно и поради настанатата ситуација, поради пандемијата со Ковид-19 и неможноста да се патува и шета надвор од границите на Македонија, а делумно и поради масовното рекламирање на социјалните мрежи на најатрактивната када на Кривошија.

Сл. 2 – Средна Кривошиска Када [Автор Марјан Скрижевски]_resize

            Сл. 2 – Средна Кривошиска Када [Автор: Марјан Скрижевски]

Кога пишувам за неа, како мала дигресија од темата за екологија, а во насока на едукација на читателите, би сакал да потенцирам дека често оваа када беше именувана на социјалните мрежи под името „Кривошиски Водопад“. Иако во суштина се работи за водопад – да, сепак таквото именување во овој случај би довело до заблуда кај помалку упатените, имајќи предвид дека веќе постои таков топоним за водопад: се работи за топоним кој го има горниот, големиот Кривошиски Водопад кој се наоѓа на 1.880 м. н. в. (слика 3).

Сл. 3 – Кривошиски Водопад_resize

            Сл. 3 – Кривошиски Водопад

Овој водопад се наоѓа на речиси час и половина пешачање од долниот слап на водопади (сместени помеѓу 1.550 и 1.650 м. н. в.), кои со едно име се наречени „Кади на Кривошиска Река“. Вкупно се шест такви „кади“ на број; од нив три се покарактеристични, подостапни, и како такви најатрактивни и привлечни за посетителите. Освен средната Када, претставена на слика 2, доста атрактивна е и најдолната од кадите. (слика 4).

Сл. 4 – Долна Кривошиска Кадa [Автор Зоран Гичевски]_resize

            Сл. 4 – Долна Кривошиска Кадa [Автор: Зоран Гичевски]

СОБРАНИ ОКОЛУ 50 ВРЕЌИ ПОЛНИ СО ЃУБРЕ

Што се однесува за еколошката акција, вредно е да се напомене дека беше помината и исчистена површина од околу 13 хектари. Околу десет хектари од оваа површина претставува долината на Долна Лешница, која учесниците на акцијата (околу сто на број), темелно ја поминаа и исчистија. Во овој дел се наоѓаше и најголемата количина на ѓубре поради лесната пристапност до оваа месност преку патишта за теренски возила и од село Бозовце и од Попова Шапка. Со цел поефикасно работење, а во интерес на времето, организациски ја поделивме целата долина на четири сектори, а учесниците на четири групи, секоја со свој координатор, и така симултано го чистевме овој дел.

Сл. 5 – Организација по сектори за чистење на Долна Лешница_resize

            Сл. 5 – Организација по сектори за чистење на Долна Лешница

            Останатиот дел – потегот кон Кривошиските Кади, како и трите пристапи до нив, ги чистевме „штафетно“, односно секоја група како што завршуваше во својот првичен сектор на Долна Лешница, почнуваше да се движи кон Кривошија и да чисти одреден сегмент таму. На враќање повторно беа проверувани сите пристапи околу Кадите и целиот потег од Лешница до нив, како би биле сигурни дека не сме оставиле ѓубре зад нас.

Сл. 6 – Организациона карта на целата акција_resize

            Сл. 6 – Организациона карта на целата акција

Вкупно беа собрани 50-тина големи вреќи со ѓубре од целата акција со најразличен вид на отпад: претежно амбалажи од прехранбени продукти, конзерви, шишиња, најлони, отпушоци и кутии од цигари итн. Собраното ѓубре од Долна Лешница, по претходен договор со нас, го подигнаа и спроведоа до Тетово претставници од ЈП Национални шуми, на што сме им благодарни.

еколошка акција 2_resize еколошка акција 3_resize еколошка акција 4_resize

На дел од учесниците ова им беше прва посета на Лешница и Кривошија, па и на Шар Планина воопшто. Независно од тоа, и тие со задоволство се вложија себеси во чистење, вџашени од постапките на дел од посетителите пред нив. Нè радува што оваа планинарско-еколошка акција силно одекна во локалните медиуми и на социјалните мрежи, и беше поздравена од искрените љубители на природата. Се надеваме дека со оваа акција, а и со евентуални идни акции, ќе придонесеме кон подигнување на свеста за зачувување на природата, а во контекст на тоа, најмалку што може да направи секој посетител на планините и природата, е да си го собере сопственото ѓубре во најлонче, да си го стави во ранец, и да си го врати со себе.

Сл. 7 – Еколошка акција_resize

            Сл. 7 – Еколошка акција

НЕНАДОМЕСТЛИВА ШТЕТА ОД МАЛИТЕ ХИДРОЦЕНТРАЛИ

На темата за зачувување на природата, неизбежно е да го споменам и проблемот со малите хидроцентрали на Шар Планина. Како чест посетител на планините знам дека планинските реки, освен буквално неколку дена во годината кои се бројат на прсти, немаат доволна издашност за да ги направат малите хидроцентрали економски исплатливи и енергетско ефикасни, или да ги направат некој значаен фактор во енергетскиот систем во државата. Дури и кога би било така, неспоредлива и ненадоместлива е штетата која се прави врз природата со нивното градење. Токму на истиот ден со нашата акција, беше организиран протестен собир на неформалната иницијатива „Зелен фронт против мали хидроцентрали“ кои протестираа против изградбата на малите хидроцентрали на Лешница, но и насекаде низ државата. Како учесници во еколошката акција, дадовме поддршка и на овој протестен собир.

Особено нè боли тоа што Лешница е практично девастирана од изградбата на неколку мали хидроцентрали. Сведоци сме на уништени тревни површини, разбиени патишта од механизација, исечена шума, градежен шут, и секако – чудовишни бетонски зданија и реки вметнати во цевки. Освен тоа, нарушени се и природните хабитати на многу животински видови.

Сл. 8 – Девастација на Лешница [изворhttpswww.facebook.comilovehikingmacedonia]_resize

Сл. 8 – Девастација на Лешница

            [Извор:https://www.facebook.com/ilovehikingmacedonia/]

Сл. 9 – Девастација на Лешница [изворhttpswww.facebook.comilovehikingmacedonia]_resize

            Сл. 9 – Девастација на Лешница

            [Извор:https://www.facebook.com/ilovehikingmacedonia/]

Лешница

Инаку, геоморфолошки, Лешница е локалитет на Шар Планина, кој е поделен на Горна и Долна Лешница. Горна Лешница претставува кањон во горното течение на Лешничка Река, сместен помеѓу врвовите Плат (2.398 м. н. в.) и Среден Камен (2.465 м. н. в.). Од друга страна пак, Кривошија или Кривошиски Дол е кањон во горното течение на Кривошиска Река, сместен помеѓу врвовите Среден Камен и еден официјално безимен врв (2.511 м. н. в.) за кој се користат неколку имиња: Кривошиски Врв, Безимен Врв, Tрет Камен или Трета Карпа (а изворно, на тетовски, е „Треќа Карпа“).

Сл. 10 – Мотив од Горна Лешница [Aвтор Марјан Скрижевски]_resize

            Сл. 10 – Мотив од Горна Лешница [Aвтор: Марјан Скрижевски]


Лешничка Река и Кривошиска Река се десни притоки на реката Пена која во долниот тек поминува и низ Тетово. Долна Лешница претставува долина за која генерално може да речеме дека е во северозападните подножја на Плат и Среден Камен, а која нагоре низводно следејќи го течението на Пена, преоѓа во Кривошија. Плат, Среден Камен и Треќа Карпа со едно име ги нарекуваат и „Трите Лешнички карпи“ – оттаму е и етимологијата за вториот и третиот врв.

Сл. 11 – Карта на целата месност_resize

            Сл. 11 – Карта на целата месност

            Како тетовчани, навистина нè радува што последниве години, а оваа особено, за овој фантастичен шарски предел дознаа многумина. Но, за да остане неговиот сјај, најмалку што можеме да направиме како поединци е да го собираме сопственото ѓубре при посетите на Лешница и Кривошија. Се надевам дека и овој текст ќе придонесе кон тоа поголем број на идни посетители да научат и сфатат дека се работи за планинско подрачје, а при посети на таквите места не смее да оставаме ѓубре. Лешница не е излетничко место во кое има комунални служби за одржување на хигиената.

Сл. 12 – Мотив од Кривошиски Кањон - поглед кон југозападно подножје на Среден Камен_resize

            Сл. 12 – Мотив од Кривошиски Кањон – поглед кон југозападното подножје на Среден Камен

Сл. 13 – Мотив од Долна Лешница - поглед кон југозападно подножје на Плат_resize

            Сл. 13 – Мотив од Долна Лешница – поглед кон југозападното подножје на Плат

 Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

(планинар, член на ПК „Јелак“ – Тетово)

Испрати коментар

Scroll To Top