По повод Светскиот ден на водите, на 22 март спелеонуркачкиот клуб „Врело“ организираше акција за подводно чистење на езерото Матка. На настанот присуствуваше и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски, кој посочи дека Македонија е еден посебен воден басен во пределот на Балканот каде 80 отсто водата се создава и се формира на нејзина територија.
– Токму затоа и нашата одговорност е многу поголема за тоа каква вода користиме, колку ја користиме и како ја оставаме на другите во регионот, – изјави Темелковски.
Киро Ангелевски од клубот „Врело“ истакна дека целта на акцијата била да се сврти вниманието на јавноста. Тој информира дека во водите на Матка е пронајден секаков отпад, претежно пластика, гума, па дури и делови од возила.