Насловна / Ентериери / Chill Out во Тетово – опуштена кафетерија со промо алтернативен простор

Chill Out во Тетово – опуштена кафетерија со промо алтернативен простор

6

Во опусот на кафетерии кои се дело на двајцата сопружници Арфодита Луараси – Абдиу и Бурим Абдиу од LD Studio, е и кафeтеријата Chill Out во Тетово. Оваа кафетерија е едно од првите нивни дела со кое доживуваат голем успех и се стекнуваат со нивното реноме.

Со текот на годините оваа кафетерија добива неколку свои ликoви, ниеден од нив не е помалку успешен од претходниот или следниот, секогаш оригинален и интересен, со своја приказна и концепт, кои не дозволуваат да се почувствува монотонија во ниту еден момент од отворањето на кафетеријата до денес, па така ова место во Тетово секогаш претставува катче за опуштено и пријатно поминато време на посетителите и токму поради тоа ова е едно од најпосетуваните места во градот.1
Актуелниот лик на Chill Out е релативно нов, веќе неколку месеци неговиот нов концепт нуди ексклузивна, опуштена атмосфера за друштвено поминување на времето.
„Овој пат барањата и ограничувањата од страна на инвеститорот беа поставени само во временски и финансиски стеги, додека околу дизајнот добивме целосно одврзани раце. Водени од идејата да му пружиме на градот нешто што досега го нема видено, а повторно финансиски ограничени, одлучивме да го „соблечеме“ овој простор и интерпретирајќи го трендовскиот индустриски дизајн да ја оствариме нашата цел“, велат од LD Studio.4
Со ваквиот потег, отстранети се ѕидните и таванските обработки во просторот, а поради тоа што се работи за релативно постар објект, ѕидовите се изведени од полна тула, додека таванот е изведен од ситноребраста армирано-бетонска конструкција. Единствено интервенирано е на подот, со чија обработка визуелно е поделен просторот. Така, во рустичниот дел со видливи тули се јавува дрвен под, додека останатиот дел добил под од фино измазнет бетон.8
„Индустрискиот дизајн го надополнивме со идејата за рециклажа, па така се решивме да го рециклираме постоечкиот дрвен ентериер за да добиеме уникатни парчиња мебел како маси и шанкови, надополнети со, за нас, карактеристичните рачно изработени детали. ’Крутоста‘ што ја манифестира индустрискиот дизајн ја ’омекнува‘ мебелот што е обложен во штоф од свежи бои кои воедно му даваат и живост на овој простор“, дополнуваат од LD Studio.9
Како специфичен елемент кој се провлекува низ целиот простор е решавањето на осветлувањето, т.е. водењето на овие инсталации. Така, за секоја светилка инсталацијата се води во посебна водоводна цевка обоена во тиркизна боја, додека пак лустерите се обликувани во основните геометриски форми, изведени од тенка жица во тиркизна боја.

10
Како надополнување на основната функција, во овој простор се интерполира и „промо–алтернативниот простор“ кој комплементарно се однесува со примарната функција. Тука им се овозможува на локалните млади уметници да се презентираат себеси и својата работа, поставувајќи отворена изложба на одредено време. Тие ги изложуваат своите уметнички слики, инсталации, графики и графички дизајни на одредени позиции на ѕидовите што се јасно видливи.5
Одговорноста и ентузијазмот со кој е работен овој проект, и успесите во низа, кои се забележуваат по финализирањето, влијаат поттикнувачки и охрабрувачки за оваа двојка, а ние, со сигурност можеме да го очекуваме нивниот следен успешен и инвентивен проект.3 2 7

Испрати коментар

Scroll To Top