Компанијата „Адидас“ влезе во партнерство со организацијата Parley for the Oceans, со цел заеднички да развијат нови материјали направени од обичен пластичен отпад од океаните. Parley for the Oceans е тим составен од уметници, новинари, архитекти и научници, кои укажуваат на најголемите проблеми во светските океани. Пластичните кеси, шишиња и ситни микропарчиња пластика, претставуваат огромен ризик за морскиот живот и екосистемот. Неверојатни осум милиони тони пластика секоја година се фрлаат во океаните и со тоа се предизвикува штета од 13 милијарди долари годишно.
Освен „Адидас“ и многу други компании засилено работат на воспоставување одржливи практики. Компанијата „Patagonia“, која произведува облека за планинари, се обидува да ги исфрли отровните хемикалии од своите материјали. Голем дел од светските производители на спортска опрема, веќе имаат вложено доста напори за елиминирање на сите опасни хемикалии од синџирите на снабдување и од целиот животен циклус на нивните производи до 2010 година. Критиката од Greenpeace од минатата година очигледно вродила со плод.