Насловна / Архитектура / Честит прв Национален ден на инженерите во Макдонија

Честит прв Национален ден на инженерите во Макдонија

Неодамна, на 14-то Генерално собрание на Инженерската институција на Македонија, 21 март е прогласен за Национален ден на инженерите во Македонија, а во чест на 21 март 1920 година кога во Скопје била основана Секцијата Скопје при Здружението на југословенски инженери и архитекти преку што се поставиле темелите на професионалното здружување на архитектите и инженерите во земјата, а која што со текот на времето прераснала во денешната Инженерска институција на Македонија – ИМИ.

Честитајќи го предстојниот, прв, Национален ден на инженерите на Македонија, 21 март 2025 година, веројатно добро е да се подсетиме на развојниот пат на здруженијата на инженерите во Македонија и пошироко.

ПРВО ПРОФЕСИОНАЛНО ЗДРУЖЕНИЕ НА ИНЖЕНЕРИ ВО СВЕТОТ

Зачетоците на професионалното здружување на инженерите и архитектите во светски размери веројатно може да се лоцира приближно еден век пред основањето на Секцијата Скопје при Здружението на југословенските инженери и архитекти во 1920 година.  Така во Лондон во 1818 година била основана Институцијата на градежните инженери (The Institution of Civil Engineers – ACE) која веројатно може да се смета за прво професионално здружение на инженери во светот.  Ова се случило кога со Велика Британија владеел регентот Џорџ, Принцот од Велс (1762-1830, како регент 1811-1820 а како Крал Џорџ Четврти 1820-1830), а во име на неговиот болен татко Џорџ Трети, Крал на Велика Британиј и Ирска, и Крал на Хановер (1738-1820, на власт од 1760-1820).

 

Основањето на првото професионално здржение на инженерите во Велика Британија било проследено со основањето на други слични здруженија во Лондон: 1834 – Овластен институт на градители (Chartered Building Institute – CIOB) оргинално како Друштво на градители во Лондон; 1837 – Кралскиот институт на британските архитекти (Chartered Institute of British Architects – RIBA); 1862 – Кралската институција на геометрите (Royal Institution of British Surveyors – RICS), но со потекло од Клубот на геометри основан во Лондон во 1792 година, и др.

Нешто подоцна од Велика Британија, отпочнало и професионалното здружување на инженерите и архитектите и во други земји во светот: 1848 – Австриската асоцијација на инженери и архитекти (Österreichuscher Ingeneur und Architekten Verein – ÖIAV) и Центално друштво на градежни инженери (Société Centrale des Ingénieurs Civils) во Франција; 1852 – Американското друштво на градежни инженери (American Society of Civil Engineers – ASCE); 1856 – Ассоцијацијата на германски инженери (Verein Deutscher Ingenieure – VDI); 1857 – Американскиот институт на архитекти (American Institute of Architects – AIA); 1866 Руското техничко друштво, претходница на денешната Руска унија на научни и инженерски јавни асоцијации.

ПРВО ПРОФЕСИОНАЛНО ЗДРУЖЕНИЕ НА БАЛКАНОТ

За разлика од територијата на Македонија која била под директно владеење на Отоманската Империја, другите територии со делумна автономија во рамките на империјата почнале со професионално здружување значително пред оние во Македонија, но нешто подоцна од оние во Австрија, Франција, САД, Германија и Русија.  Така на 3 фебруари 1868 година во Белград, Кнежество Србија, била основана Техничарксата дружина, а која во 1890 година прераснала во Здружение на српските инженери, во  1896 година во Здружението на српските инженери и архитекти, за по Првата светска војна да прерасне во Здржението на јусловенски инженери и архитекти во рамките на кое во 1920 година била основана Секцијата Скопје.

Основањето на Техничарската дружина во Кнежеството Србија во 1868 година може да се смета и како прво професионално инженерско здружение на Балканот и на територијата на бивша Југославија.  По ова како следно континуирано на Балканот се јавува Политехничкото здружение (1881) во Романија, по првите обиди за формирање на Здружението на инженерите и архитектите во 1876 година.  Во Бугарија во 1885 година било основано Бугарското техничко друштво, а во 1893 година Бугарското инженерско-архитектонско друштво (Федерација на научните и техничките унии во Бугарија).  Додека во рамките на бивша Југославија по основањето на Техничарската дружина во 1868 година во 1878 во Загреб бил основан Клубот на инџинерите и архитектите, во 1896 здружение во Сарајево, а во 1912 година и здружение во Љубљана.

Во рамките на Македонија развојот на професионалните здруженија во доменот на инженерството и архитектурата може да се следи особено во периодот по Втората светска војна кога бил возобновени или пак основани поголем број на професионални здруженија во доменот на инженерството и архитектурата:

  • 11 април 1945 – „Повелба за давање права на Удружението на инженерите и техничарите во Македонија да можи со своите членови да врши проекиране и изведујенје на часни технички работи“ (Службен весник на Федерална единица Македонија во Демократска и федеративна Југославија број 5 од 3 мај 1945 година, страна 1).
  • 9 јуни 1951 – „Друштво на градежни инженери и техници на Народна Република Македонија“ (Службен весник на НРМ број 25 од 6 септември 1951 година, страна 167).
  • 26 јуни 1952 – „Друштво на архитектите на Народна Република Македонија“  (Службен весник на НРМ број 31 од 8 номеври 1952 година, страна 285).
  • 22 октомври 1952 – „Друштво на електро-машинските инженери и техници на Народна Република Македонија“ (Службен весник на НРМ број 13 од 16 мај 1953 година, страна 101).
  • 3 септември 1956 – „Урбанистичко друштво на Народна Република Македонија“ (Службен весник на НРМ број 35 од 28 декември 1956 година, страна 553).

Од расположивите Службени весници за 1944 и 1945 година не ме можно да се утврди дали со некое претходно решение или одобрение било потврдено обновувањето/воспотавувањето на „Удружението на инженерите и техничарите во Македонија“, пред повелбата од 11 април 1945 година.  Дополнително досегашните напори за утврдување на денот на основањето на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија се уште не е потврден.  Имено, на веб страницата на Сојузот се наведува дека, според сеќавањата на проф. д-р. Христо Стамболиев, сојузот бил формиран во 1947 година, но ова не е можно да се потвди преку пристап до достапните Службени весници за 1947 година и за првата половина од 1948 година.

Покрај првиот Националне ден на инженерите во Македонија, на 4-ти март оваа година по петти пат беше одбележан и Светскиот ден на инженерите за одржлив развој.  Светскиот ден на инженерите за одржлив развој е прогалсен од УНЕСКО во 2019 година и се одбележува од 2020 година.  Појдовната  веб страницата на  Светскиот ден на инженерите за одржлив развој ги презентира резултатите (во живо) на шест сегменти на развој на планетата земја (прикажаните вредности се барзирани на прикажаните резултати на денот на пишувањето на текстот 20.03.2025):

  • Сегашната просечната температура во светот во степени Целзиусови (околу 15.06 степени целзиусови);
  • Сегашната големина на големиот пацифички дел со смет во километри квадратни (2,75 милиони километри квадратни);
  • Смет фрлен досега оваа 2025 година во тони (над 455 милиони тони);
  • Сегашно светско население (над 8,16 милијарди лица);
  • Сегашен број на лица на коишто им треба вода (над 2, 76 милијарди лица);
  • Пошумени површини во хектари оваа година (над 709 илјади хектари).

Одбележеувањето на Светскиот ден на инженерите за одржлив развој е можност да се промовира клучната улога на инженерите во опредлените и напорите да се постигнат сите 17 цели на Одржлиовиот развој:

  1. Да нема сиромаштија,
  2. Да нема глад,
  3. Добро здравје и добросотојба,
  4. Квалитетно образование,
  5. Еднаквост помеѓу половите,
  6. Чита вода и комуналии,
  7. Економски достапна и чиста енергија,
  8. Пристојна работа и економски развој,
  9. Индустрија, иновација и инфраструктура,
  10. Намлени нееднаквости,
  11. Одржливи градови и заедници,
  12. Одговорна потрошувачка и прозиводство,
  13. Климатска акција,
  14. Животот под водата,
  15. Животот на земјата,
  16. Мир, правда и силни институции,
  17. Партнерство за реалзиација на целите.

Честитајќи го првиот Национален ден на инженерите во Макдонија да оддадеме почит кон нивните досегашни напори и да ги подтикнеме за понатамошни успеси во за реалзиација на определбите за Одржлив развој.

Литература:

Испрати коментар

Scroll To Top